ЦИА објавува тајни документи за војните низ поранешна СФРЈ

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и американската централна разузнавачка агенција ЦИА наредниот месец ќе објават документи за војните на територијата на поранешна Југославија, од кои е тргната ознаката „доверливо“.
Секако, најголем дел од документите се однесуваат на војната во Босна и Херцеговина, најкрвавиот судир во Европа по Втората светска војна. Ќе бидат објавени 300 нови разузнавачки документи за војната во БИХ до кои ЦИА дошла во периодот од 1992 до 1995 година.
Како што се најавува, Клинтон ќе ги прикаже податоците на јавноста на 1 октомври во седиштето на својата фондација во Њујорк.

 
Она што се истакнува е дека ова ќе биде прв пат еден поранешен американски претседател да учествува во објавувањето на документи на ЦИА, кои до неодамна беа доверливи и до кои пристап имаа само одредени личности.
Освен Клинтон, на настанот ќе учествуваат поранешниот државен секретар на САД Медлин Олбрајт, поранешниот командант на НАТО за Европа Весли Кларк, поранешниот советник на Клинтон околу националната безбедност Сенди Бергер, поранешниот советник на Ал Гор – Леон Ферт, како и поранешниот извршен директор на ЦИА Џон Генон.
Сите тие ќе учествуваат на симпозиумот „Босна, разузнавачки податоци и претседателството на Клинтон“, на кој ќе биде разговарано за војните на Балканот и улогата на ЦИА во информирањето на водечките политичари. Според коментарите на граѓаните од земјите кои беа учесници во конфликтот во Босна (Србија, Хрватска и БИХ), многумина се скептични дека Американците ќе објават нешто екслузивно и до сега непознато. Но останува да го сочекаме октомври па да видиме што се крие во овие документи.

Пронајдете не на следниве мрежи: