Политичката ситуација во Македонија, особено она што се случува во медиумскиот простор е резултат на деструктивната опозициска идеологија и сценарио напишано во аферата Надеж. Новинарот Цветин Чилиманов, во интервју за Прес24, ги анализира состојбите во медиумскиот простор во Македонија, особено по серијата инциденти во кои беа нападнати новинари.ПРЕС24: Извесен период наназад се случуваат серија инциденти во кои новинари се предмет на напади, навреди, закани. Колку овие настани се синхорнизирани, а колку се резултат на некаква тензична состојба во општеството?
ЧИЛИМАНОВ: Во сите овие настани во изминатиот период, мислам дека воопшто нема сомнеж дека се работи за долго подготвувано, детално разработено сценарио, во кое медиумите се неизбежен дел. Дури од СДСМ зборуваат дека постапуваат според нивната медиумска стратегија за објавување на материјалите кои ги добиле од Верушевски, така да медиумите не само што имаат улога, туку имаат и централна улога. Ова е многу повеќе операција за обработка и влијание врз јавното мислење, отколку што е политички процес. Но, додека голем дел од чекорите се договорени, координирани, изрежирани, сепак, факт е дека тензиите пораснаа, и тука има голем број и на непредвидливи реакции на личности кои се вклучени во ситуацијата, од двете страни, а особено од страната на левицата. На пример, може да се каже дека кампањата ТикТак или Готово е, која почна уште пред да биде објавена првата бомба, беше договорена, режирана и координирана. Како што поминува времето, и се гледа дека работите се далеку од готови, лицата кои длабоко се внесоа во целата оваа кампања, некои го вложија и својот личен углед во целата операција (што, рака на срце, и не е некој голем влог за повеќето од нив), и како што резултатите потфрлаат, така стануваат понервозни. Дел од најгласните поддржувачи на опозицијата делуваат дури, не знам дали е тоа стручен термин, сепак делуваат како да се удрени со мокар чорап. Неколку пати сме седнале да ги броиме колегите, коментаторите, врз чија психолошка состојба се плашам дека овие изминати месеци особено лошо делуваат, и тешко е да ги доброиш. Но, сепак, особено сум гневен на постарите колеги, од раководството на левицата, кои гледаме дека ги поттикнуваат и охрабруваат своите агресивни членови, дури и по физички напади како што беше случајот со нападот врз колегата Бобан Нонковиќ, иронично, од човек кој работи во организација за борба против говорот на омраза.
ПРЕС24: Она што засега е карактеристично е што поделбата во новинарството е очигледа и во реакциите кои доаѓаат за одрден инцидент. На пример, ако новинар близок до опозцијата биде напднат, тогаш реакцијата е широко опфатна, ако пак новинар кој не е по мерка на опзицијата се најде во таква ситуација, тогаш честопати не само што има молк, туку и доза на оправданост кон оној кој го нападнал новинарот. Од каде потребата за ваква поделба?
ЧИЛИМАНОВ: Факт е дека реакциите по нападите се крајно еднострани, што дополнително ги поттикнува напаѓачите. Соопштението на Здружението на новинарите на Македонија, по тешкиот вербален напад на Стојанче Ангелов извршен врз колега новинар содржеше неколку реченици во кои новинарот делумно самиот беше обвинет затоа што бил нападнат!? Значи, дури и кога ЗНМ дава поддршка за новинари кои не се блиски до опозицијата, таа е условена, не е безусловна. Во случајот на нападот врз Нонковиќ не се огласија воопшто. За нападот врз Јанко Илковски не се огласија. Неколку дена по нападот врз Антонио Димитриевски, градоначалникот Андреј Жерновски го покани напаѓачот Никола Науомски да застане до него на подиум и да даде изјава по неуспешниот референдум во Центар, иако претходно овој истиот вербално нападна и новинар токму на прес конференција на Жерновски. Значи, не само што не го осуди, туку и го истакна пред новинарите како свој сојузник. Осуда се упатува само и единствено кон една од политичките страни, додека другата се амнестира, што дополнително ги поттикнува нејзините поддржувачи да бидат агресивни.
ПРЕС24: Опозицијата тврди дека власта е таа која создава клима за ризик во новинарската професија, од друга страна многу од постапките на опозцијата директно значат подгревање на раздорот. До каде според Вас можат да оди нерпеливоста меѓу новинарите?
ЧИЛИМАНОВ: Значи, критиките упатени кон власта би можеле да имаат основа да не бевме во ситуација кога опозицијата веќе скоро целата измината година користи крајно потпалувачки и опасен речник, најавувајќи бомби, бомбардирање, драма, меѓуетнички судири, уривање на “режимот”, им порачува дека се готови на сите поддржувачи на една од легитимните политички опции која веќе подолго време ја имаа поддршката на јавноста, зборува за јадење живи луѓе и слично. По ова, опозицијата нема никаков легитимитет да се прави наивна и невина и да вели дека некој друг ја зоврива политичката атмосфера, подгрева раздор и ги доведува во опасност лицата кои се видени како јавни поддржувачи на едната или другата опција, меѓу кои се и новинарите. Јасно е од која страна се потпалуваат тензиите, а од која страна се прават максимални напори за воздржаност.
ПРЕС24: Стануваат ли новинарите од една страна жртви на политичките препукувања на релација власт-опозиција?
ЧИЛИМАНОВ: Отворениот конфликт меѓу новинарите почна со борбата околу А1 телевизија, но и пред тоа, јас повеќе пати сум укажал на аферата Надеж, која недвосмислено покажа дека дел од стратегијата на СДСМ е да ги милитаризира медиумите, да ги користи како војници во пресметка меѓу партиите. Со тоа, мислам дека вината во голема мерка е кај нив, затоа што го втурнаа медиумскиот сектор, во кој СДСМ има неспорно поголема поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, има подлабоки контакти и влијание, да бидат нивни војници во борбата со ВМРО-ДПМНЕ. Значи најмалку три години пред да се обнови и да финишира истрагата која самиот СДСМ ја почна за А1 телевизија, што доведе до затворањето на овој медиум, кабинетот на претседателот Црвенковски собирал материјали, изработени во соработка со невладина организација финансирана од институтот на Сорос, за да докажува дека ситуацијата со медиумските слободи во Македонија се влошила. Тоа е во време кога поголем дел од медиумите се уште се тврдо ориентирани во поддршка на СДСМ, а нивните уредници се денешни портпароли или гласни поддржувачи на СДСМ. Првичните критики кон ВМРО-ДПМНЕ беа затоа што продуцираат паралелни вести – свесни за пристрасноста во известувањето во повеќето телевизии, Владата продуцираше рекламни спотови кои ја пренесуваа и нејзината страна на приказната и се емитуваа пред или по вестите на А1, Канал 5, Алфа… Насоките на СДСМ укажуваат дека треба да се најде проблем во медиумите а не да се истражи дали проблем реално постои. Предноста на СДСМ во медиумската сцена беше толку голема што единствениот изворно конзервативен, пропазарен, десничарски, анти-комунистички, слободарски неделник беше Фокус, кој денес е толку темелно растурен, по трагичната смрт на Никола Младенов и од драстичниот дисконтинуитет кој беше направен со изборот на денешната негова новинарска екипа, така што на некој начин може да се каже дека десницата (не ВМРО-ДПМНЕ туку десницата) во Македонија изминативе години дури и губи медиумски простор. Да, десницата има придобиено медиуми, кои се поделија на две страни, но не можеме да кажеме дека десницата доби независен, самостоен мислечки медиумски центар кој ќе промовира идеи, води свои борби, некогаш заедно со ВМРО-ДПМНЕ, некогаш внатре во партијата, ќе поддржува или напаѓа процеси во општеството.. Тоа десницата го нема. За разлика од нив, левицата пак нема ништо друго, таа нема граѓанска поддршка, нема партиска база, нема економска програма која може да ја промовира, поделени се и раскарани на фракции, но има една голема доминантна машинерија за модификување на јавното мислење на која не и е проблем сама да си организира протести, сама да се известува за протестите, потоа меѓу себе да се испокараат околу нивниот исход, и на крај да ја обвинат власта за се.
ПРЕС24: Можеме ли да зборуваме за поделба по идеолошка политичка определба, нешто што е карактеристика за демократски држави. И колку ВМРО-ДПМНЕ, а колку СДСМ има влијание и контрола врз медиумите?
ЧИЛИМАНОВ: По логиката на нештата, ВМРО-ДПМНЕ, конзервативното гласачко тело, е далеку побројно од левичарското гласачко тело, особено во земја која се уште е во голема мерка рурална, добар дел од населението живее од својот физички труд, помалку се развиени услужните дејности и реално има само еден голем град (урбаните средини се главно упориште на денешните леви опции). Но, ако гласачкото тело на десницата е неспорно далеку поголемо, затоа пак, како што ги разгледуваме вообичаени кадри кои влегуваат во новинарство, работат на факултетите, во разните институти и невладини организации, нормално е дека тука преовладуваат токму луѓе кои доаѓаат од левичарските категории на граѓани, образувани, та и преобразувани, без искуство со реална, приватна или физичка работа, кои не знаат да сменат гума или окречат стан, но знаат да ти напишат проџект пропоузал за грант од УСАИД. Таква е ситуацијата секаде во светот, не само кај нас, но кај нас е особено изразена, имајќи го предвид наследството на комунизмот, кога десно определен човек не можел ни случајно да влезе во дејност како што е новинарството, додека во други држави, иако повторно левицата доминира со оваа дејност, барем можело да се се случи по грешка да им се протне и некој што размислува поинаку. Затоа, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тврдењата дека има високо ниво на контрола врз новинарството во Македонија, се уште е во длабоко инфериорна позиција, и примени една стратегија во која, знаејќи дека и сопствениците на медиумите и новинарите во голем број се против нив, преферира да види конфликт меѓу медиумите отколку нивно обединување, какво што видовме на пример пред 15 години при аферата Големо уво, кога медиуимте едногласно, без поговор, го прифатија тврдењето на Црвенковски дека власта прислушува, тврдење за кое денес ни е јасно дека било целосно лажно. Или, единството на медиумите кога под раководство на денешниот главен за односи со јавноста на СДСМ Роберт Поповски, маршираа против Владата на Љубчо Георгиевски. На ВМРО-ДПМНЕ му е јасно дека и по 20 години, нема да може да создаде новинарска машинерија од типот на таа која СДСМ ја наследи од комунизмот, а ја разработе со помош на Сорос, и затоа му е подобро да спротистави неколку медиумски газди и новинари едни против други. Јас понекогаш гласно прашувам, ако дента имаме новинарски конфликт меѓу Мирка Велиновска и Бранко Героски, каде е тука ВМРО? Каква врска има тоа со десницата? Тоа се крила на левицата во новинарството кои се во конфликт сами со себе.
ПРЕС24: Од друга страна, колку е личен, а колку наметнат изборот на одредени новинари да бидат фронтмени на нечии политички агенди?
ЧИЛИМАНОВ: Денес имаме ситуација кога висок процент на новинари и медиуми егзистираат врз основа на проекти кои се финансирааат во земји кои имаат проблем со медиумите. Тука имаме ситуација кога новинарите немаат никаков интерес да работат според новинарските правила, напротив, имаат интерес да ги кршат тие правила, да трпат одредена реакција – јавни критики, тужби за клевета – за потоа да имаат аргумент плус кога аплицираат за продолжување на проектот, бидејќи, ако Македонија беше една од првите земји во кои се разви оваа индустриска гранка на пишување на проекти за подобрување на новинарстгвото, сега и други земји од соседството фаќаат приклучок, па новинарите мораат да бидат се погласни во докажување кој е изложен на поголем притисок. Стануваат и се покреативни во тоа. До небо вреснаа кога еврокомесарот Јоханес Хан едноставно ги праша кои се нивните аргументи за загрозеноста на медиумите во Србија, реагираа дека тоа е нешто што се подразбира, дека медиумите се притиснати, не мора да се даваат дури ни аргумнети! Јас сум многу скептичен за извештаите за слобода на медиумите, бидејќи знам дека не се резултат на емпириски истражувања, туку на анкети на впечатокот на новинарите дали се под притисок. Имавме реално еден новинар кој беше уапсен, осуден, но и тоа поради сериозно кривично дело за кое јас не сум стручен да тврдам, но сметам дека има индиции дека навистина било сторено. Ако ништо друго, повеќе пати отворено побарав контра-аргументи од лицата кои тврдат дека судскиот случај не е фер, бил политизиран и слично, но освен флоскули, не добив никакви аргументи. Значи, освен тој еден случај, се друго се сведува на проблеми со газдите на медиумите, кои постоеа отсекогаш, политички врски на овие газди, кои исто така постоеа отсекогаш, тужби за клевета, самоцензура, што исто така се стари појави. И секако, го имаме проблемот што овие оценки ги даваат новинари кои имаат директен интерес оценката да биде лоша, а оценките ги собира и извештаите ги пишува НВО на Сорос. И Македонија се наоѓа рангирана на ниво на Русија или Турција, земји во кои апсењето новинари е рутина, а има и смртни случаи. Тоа е навистина крајно несериозно од организациите кои го вршат оценувањето, ако веќе ги штелаат резултатите, барем нека го прават тоа со усул. Или, поинаку кажано, ок, ако ситуацијата денес заслужува Македонија да биде рангирана на 120 и не знам веќе кое место, тогаш јас апсолутно не можам да се согласам со претходното рангирање на Маекдонија на 30-40 место, во време кога СДСМ, партијата која институтот на Сорос отворено ја фаворизира беше на власт, и кога немаше одлука да се прави политички проблем од медиумската ситуација. Истите луѓе беа газди на медиумите, дури некои и многу понезгодни и политички поврзани од овие денес, истите новинари беа во медиумскиот сектор, а треба да веруваме дека производот бил четири пати подобар од овој денес? Еве, ајде да се договориме дека опозицијата е таа која треба да ги пишува извештаите за медиумите. Тоа значи дека овиеизвештаи се коректни, бидејќи нив реално ги пишува опозицијата, ама исто така значи дека претходните извештаи треба да се фрлат во ѓубре, бидејќи се некритички, пишувани од власта. Ако кажеме дека нивото денес е ниско, добро, ама немаме никакво право да зборуваме за тоа дека било добро, а потоа одненадеж се случил пад, бидејќи немамеобјективна референтна точка за претходните извештаи. И да се договориме, утре, или поточно ууууутре, кога СДСМ ќе дојде на власт, извештаите да не може пак да ги пишува НВО водено од Сорос, туку тогаш опозицијата нека одбере кој ќе ги пишува извештаите за слобода на медиумите. Инаку, штом миленичињата на Сорос ќе дојдат на власт, ќе нисе случи повторно некритички скок за 100 места на ранг листата.
ПРЕС24: Референдумот на општина Центар е еден од последните политички настани. За многумина изненадувачки е резултатот, други пак сметаат дека тоа и можело да се очекува. Како ти гледаш на резултаите од тој референдум?
ЧИЛИМАНОВ: Па, референдумот јас го гледам пред се како уште еден показател дека ние пред се имаме криза на опозицијата, во која неколку фракции се борат за превласт, нешто што се случува од неуспешниот бојкот што Црвенковски го посакуваше за локалните избори во 2013, па преку одлуката на Зоран Заев да кандидира тотални анонимуси лојални на него и на Шекеринска на изборите на листите во 2014 година што придонесе за тешкиот пораз на СДСМ, за еве сега да видиме една операција за проверка на рејтингот на еден од можните кандидати за иден лидер на СДСМ. На референдумот му претходеше неколкумесечно бомбардирање на теренот, да го употребам речникот на опозицијата, со бомби кои требаше да ги придобијат Центарци. Сепак, една од тие бомби му експлодираше на Жерновски во рака, откако, како што рекоа во СДСМ, недоволно ја обработиле и лошо ги исекле и залепиле деловите од бомбата, па така во јавноста излегоа информации за наводна корумпираност на самиот Жерновски, за фракционерските игри кои ги игра Црвенковски и за лагите на Заев во врска со Никола Младенов. Но, генерално, Жерновски се обиде да истрча на максимално подготвен терен, за да може, во некој скорешен Конгрес на СДСМ, кога Пендаровски ќе се кандидира велејќи дека во 2014 година освоил 100.000 гласови повеќе од СДСМ, така и Жерновски ќе одговореше дека успеал да ги преточи бомбите во масовна поддршка за референдумот во Центар. Но, референдумот заврши неславно. Ако изминативе месеци е карактеристично тоа што не видовме ниту една посериозна анкета на рејтингот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на бомбите, референдумот јасно ни покажа дека рејтингот на СДСМ како резултат на бомбите не мрднал ниту за милиметар. И тоа, внимавајте, во најурбаната општина во земјата, каде живее традиционалното, старо гласачко тело на СДСМ, старата црвена буржоазија. Мислам дека резултатот од Центар ќе го продлабочи расколот во СДСМ, и се надевам дека на јавноста ќе и покаже дека пред се СДСМ како партија има проблем со својата зависност од удбашките безбедносни структури. Гледајќи како Верушевски се фокусирал на обиди да предизвика раскол во ВМРО-ДПМНЕ, што е јасно од начинот на кој се спакувани материјалите дадени на Заев и како се водени прес-конференциите, на овие изборни соочувања како во 2013, 2014 и сега со референдумот, гледаме дека долго време пред ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ бил изложен на максимални напори на полициските структури чиј зависник е да се промовираат фракции, сценарија за лична дискредитација, уцени, притисоци… Не смееме да заборавиме дека дури и Жерновски, кој нели требаше да биде некој нов вид на политичар во опозицијата, беше дел од обиди за предизвикување на дестабилизација, ширејќи паника за преполната Северна Трибина, која, фала на прашање, и ден денешен стои. За Пендаровски, чија цела кариера е поврзана со полициските структури, воопшто не треба да стане збор. Затоа се надевам дека расчистувањето на аферата Пуч, откривањето на начинот на функционирање на дел од безбедносните структури, кои очигледно биле структури за небезбедност, ќе им помогне меѓу другото и на СДСМ да си ја реформираат партијата, да почнат да се занимаваат повеќе со конструктивна политика, а помалку со полициски подметнувања и дестабилизации.
ПРЕС24: Опозицијата веројатно и следниот месец ќе продолжи да објавува телефонски разговори. Во меѓувреме се најавува и масовен протест, па и можност за кампување пред Владата како форма на притисок. Колку тоа може да ја постигне целта на СДСМ?
ЧИЛИМАНОВ: Ние имаме искуство со ситуации кога опозицијата со постојани протести успеала да влијае врз политичката сцена, со протестите во 1997 година. Но, ако СДСМ се обидува да ни ги репризира најголемите хитови од нашето политичко минато, вклучително и аферата Големо уво од 2001 година, мислам дека целосно ја имаат промашено поентата. Протестите во 1990ите години беа одговор на една економска катаклизма која и се случи на земјата, кога стотици фабрики се затворија, стотици илјади луѓе завршија на улица и економијата падна за една четвртина. Тоа беше длабока траума, предизвикана во голема мерка од економските политики на СДСМ и нивното апсолутно несфаќање на новиот економски систем кој треба да се спроведува, и тие оправдано си ја влечат стигмата од 1990ите, и ќе продолжат да ја влечат додека не се ослободат од луѓето кои беа носители на тие политики. Денес, атмосферата е сосема поинаква, економијата расте, не сјајно, но сепак, сосем солидно за европски услови. Фабрики не се затвараат, напротив, се отвараат. Шенгенскиот ѕид е надминат, Македонија информатички се поврзува, така да младите можат да патуваат низ светот, можат да работат за ново-отворени странски компании, сите тие можности кои ние ги немавме во минатото и кои придонесоа кон политичките состојби во 1990-ите години. Така да СДСМ не може да очекува дека треба само да ги рекреира протестите од 1997 година, и тоа за банални причини кои гледаме се менуваат од протест до протест, исти луѓе денес протестираат како студенти, утре како хонорарци, задутре како културни уметници, и да се надева дека тоа автоматски ќе им го зголеми политичкиот рејтинг.
ПРЕС24: Преговорите во Брисел под патронат на Унијата засега се без резултат. Какви се твоите проценки можно ли е засилување на улогата на Унијата во тој процес, особено по случувањата со Гошинце?
ЧИЛИМАНОВ: Ако ги погледнеме весниците од 2001 година, ги скокнеме првите 6-7 страници со драматични вести од Македонија, и отидеме до странските за светски вести, ќе видиме дека кризата во Македонија, која се случи пред нападите од 11 септември 2001 година, дојде во едно затишје пред меѓународна политичка и воена бура. САД и Европската Унија немаа поважна работа да прават во 2001 година и можеа да ни посветат исклучително висок дел од својот дипломатски и воен капацитет, кој и без кризата во Македонија беше претерано фокусиран на Балканот, поради војните во Хрватска, Босна и Косово. Денес, политичката ситуација во Македонија реално е одвај фуснота, вест од пет реченици, на дното на весниците кои се полни со информации за неколкуте војни на Блискиот Исток и Украина. Од 2001 година до денес и реалните ресурси и расположението на западните земји за ангажман во странство, е драстично намален, особено по ирачката војна. Во примерот на Украина видовме дека е можно западните земји да дадат недвосмислена поддршка на една опција, и тоа во вид на сендвичи, а потоа, кога ќе биде потребно таа опција да биде поддржана со нешто поконкретно, да ја остават на цедило. Токму затоа сум исклучително загрижен и вознемирен од повиците на СДСМ дека тоа што го прават ќе има и безбедносен карактер, нели објавуваат и најавуваат информации кои задираат во безбедноста и во меѓуетничките односи, а притоа бараат меѓународен ангажман. Што во меѓународниот ангажман во други кризни жаришта ви дава за право да очекувате дека при евентуална успешно испровоцирана криза во Македонија би можеле да изреагираат успешно, компетентно, деликатно, придонесувајќи кон враќање на стабилноста и без жртви? Дали некој од европските лидери реално ви влева доверба? Тука, секако, не е проблем за двете опции да најдат поддржувачи од “меѓународната”, ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка од голем број европски пратеници, СДСМ малку – малку па ќе објави критичка колумна од Фуере, но јас реално не очекувам сериозен ангажман од надвор. А во моментов, само една од двете спротиставени политички страни реално бара и се надева на надворешна интервенција како дел од својата поширока стратегија. Другата страна смета дека Македонија има механизми и институции за да се справи со ова што се случува.
ПРЕС24: Постои ли опасност од посериозно нарушување на безбедносната состојба во Македонија?
ЧИЛИМАНОВ: Па, тука треба да се навратиме на тоа каде СДСМ ја бара критичната маса за протестите и кампувањата кои ги планира. Ако економијата, која е движечки импулс на секое незадоволство, оди на добро, другата шанса за СДСМ е да рекреира кризна ситуација од 2001 година, и да испорача порака до јавноста дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, земјата е во криза, на раб на етничка војна, и дека СДСМ, независно од нивните катастрофални перформанси кога и да се на власт, сепак е единствен гарант на безбедноста. Ова е своевидна ситуација како кога рекетари ти влегуваат во дуќанот и бараат пари за да не ти го искршат.
ПРЕС24: Кога според тебе може да се очекуваат избори во Македонија, со оглед на тоа што и Премиерот најави дека по правната разрешница ќе има и политичка разрешница на случајот со аферата за прислушување?
ЧИЛИМАНОВ: Јас се уште надевам дека конечно, по подолг период, ќе видиме ситуација ВМРО-ДПМНЕ да заврши еден изборен мандат до крај, но свесен сум дека шансите за ова се мали, а притисокот да се оди на предвремени избори во изминативе години е голем, и тоа кај двете водечки политички опции. Не би сакал да гатам за терминот, но ако можам да бирам што би се случувало на политичката сцена, би сакал пред се да видам отстранување на деструктивните, удбашки елементи на политичката сцена, што судската разрешница би требало да ни го донесе. Потоа, зависно од ефектот на оваа политичка ситуација врз албанските партии, би сакал да видам отстранување на вториот голем дефект на нашата политичка сцена, а тоа е фактот што нашите албански сограѓани реално немаат шанса да гласаат за економска, идеолошка, политичка понуда, туку најчесто гласаат за националистички понуди. Се надевам дека на следните избори, кога и да се, конечно ќе можеме да видиме сериозна пред-изборна меѓуетничка коалиција, или две, кои ќе бидат изградени врз идеолошки обсмислена понуда. Сметам дека ова би имало дополнителен смирувачки ефект и ќе покаже наше натамошно политичко созревање.
Извор: Прес24ПРЕС24: Извесен период наназад се случуваат серија инциденти во кои новинари се предмет на напади, навреди, закани. Колку овие нас