„Црните страници на УДБА“ е сведоштво за едно време, бурно време. Период во кој била супресирана каква било мисла што излегувала надвор од „дозволеното“ мислење на номенклатурата на власт. Дали се работело за политичко несогласување на лево, или за тоа како се практикувала тогашната идеологија на КПЈ или, многу почесто за чиста македонска промисла, сеедно, сите биле цел. И најголем дел од нив имале формирани досиеја од тајната југословенска/македонска полиција. Од тие досиеја подоцна се ваделе материјали за прогон, кој завршувал со политичка, а често и со физичка ликвидација. Воопшто не било благопријатно да се биде неистомисленик.Четвртиот том од едицијата „Црните страници на УДБА“, насловен како „Ченто и Доцев на удар“, го сочинуваат две досиеја, на 710 страници – тие на Методија Андонов-Ченто и на Ѓорѓи Доцев. Од 710 страници, на 333 се поместени и оперативното и судското досие на првиот претседател на асномска Македонија, а 377 страници на Доцев, за кого од приложените документи може да се заклучи дека бил воден од идеологијата за самостојна и обединета Македонија, по теркот на основоположниците на Македонската револуционерна организација.
Методија Андонов – Ченто
Со реден број 45009946 во евиденцијата на тајната полиција е запишан и Ченто. Повеќе од грдо изгледа претседателот на Президиумот на АСНОМ во затворска кошула, која со ништо не ја заслужил. Самото листање на страниците на неговото досие ги открива бруталноста, нечовечноста и уште повеќе злата намера да се украде и пренасочи историскиот процес на Македонија по секоја цена. ОЗНА за него запишала дека се обидел да пребега преку граница и дека ширел антинародна пропаганда. Истиот, според документот за отворање на евиденцијата, не се согласувал со политиката на ФНРЈ, која, според него, не била во интерес на македонскиот народ бидејки, според него, неговото, македонското обединување не можело да се случи во неа. Ченто, според овој документ, бил со мисла да оди во Париз на мировната конференција и ако таму не успее, да се врати во Грција и по пат на насилство да ја отцепи Народна Република Македонија од ФНРЈ и да ја присоедини со Егејска Македонија.
На 1 август 1946 година, Ченто пред истражните органи ќе ја даде следнава изјава: Изјавувам пред истражната власт дека во тек на една и пол година, дури бев претседател на Президиумот, постојано бев во контакт со народот, посебно со тие што се во неволја и потреба, односно со тие што бараа помош… Се разбира, монтираниот процес против Ченто бил мајсторски правен. Со пријави, изјави, искази на разни сведоци. Па, така пријавата што против него ја поднел извесен Трајко Цветанов Бешовски дава на увид како се подготвувал крајот на Методија, а истовремено мошне прецизно го отсликува менталитетот на времено, а дава и дополнителни податоци за врвот на републиката, односно нивното прегрупирање. Трајко против Ченто ќе кодоши дека Тито го излажал Ченто, кој, всушност, барал повеќе за својот народ и држава. Самиот Ченто велел дека го зел македонскиот народ на душа и имал обврска да се бори за него: Англија и Америка да ни ја дадат цела Македонија со мирно и да нема војна. А потоа да не нѐ интересира ако се „збијат“ Англија и Русија. Нели е ова повеќе од идеал на секој чесен патриот? Што има антидржавно или непристојно во идеите на Ченто?
Истрагата потоа го соочила Ченто со неговите кодоши. За среќа, сочувани се документите. Сведокот, како што го нарекле, Трајко Бешовски од село Полчиште ќе го изјави следново: „Кога ќе одам за Солун, ќе одам при конзулот англиски и американски за да направам да одам на мировната конференција. На то му реков да ќе погреши, Англија ќе нѐ излаже, треба да одиме само со Русија. На то Ченто одговори да таја работа ќе биди поарна да одиме со Англија оти само со Англија и Америка ќе можиме да ги добиеме и другите две части од Македонија – Пиринска и Егејска“.
Во оваа едиција заинтересираните првпат ќе можат да го видат досието на Ченто, како и сите документи поврзани со судскиот процес воден против него, на едно место.
Ѓорѓи Доцев
Ѓорѓи Доцев бил мета на сериозно проучување на службата. Во мај 1970 година е донесен предлог да се направи конспиративен претрес на неговото работно место. Конспиративен претрес значи дека целосно го провериле неговото биро до детал. По предлогот за претрес е усвоен план. По планот уследила реализација. А потоа и службена белешка. Посебно интересни се заклучоците. Еден од нив вели: групата на Доцев по трет пат започнала непријателска активност и се бараат нови членови; истите се поврзуваат со други лица осудувани за непријателска дејност; и се подготвуваат таа година да се соберат на вмровски конгрес. Службата уредно водела евиденција за нивните планови, но и за многу настани од минатото. Така, ако внимателно се чита, може да се види дека Доцев со својот соговорник Дане (сокриен идентитет) се поврзале и барале да ги пронајдат повторно здравите сили од источна и западна Македонија. Доцев заклучил дека е дојден час од дискусии да се премине на конкретна работа. При оваа дискусија се споменува првиот повоен конгрес што ВМРО требало да го има во 1949 година во Стари Град. Службата, во фуснота посочува дека таа година се одржал состанок на членови на групата ВМРО „Правда“, претставници од Ресен и Битола, како и од Прилеп. На овој состанок Дане бил избран за делегат кој пред Обединетите нации требало да го постави македонското прашање. На конгресот, кој би се одржал на Илинден или непосредно пред овој празник, би се симболизирала историјата на движењето и борбите за слободна, обединета и самостојна Македонија. Притоа овие луѓе не зборувале за самостојноста и обединувањето на Македонија како некаков мит, туку имале конкретни планови како истото треба да се оствари.
Секој што се сеќава на Македонија од седумдесетите години од минатиот век знае дека вакви ставови биле опасни за тој што ги имал. Ова е 20 години пред осамостојувањето на нашата држава. Овие луѓе биле визионери. Но, нивната визија не е признаена, а нивната мака сѐ уште не е позната. Па, дури и сѐ е правено засекогаш да остане непознато низ што сѐ минале за Македонија.
По игра на случајност е откриено дека во Државниот архив на РМ недостасува целосно едно досие. Она на Ѓорѓи Доцев. Тој, за среќа, ја искористил можноста во 2001 година да земе копија. Не е познато зошто досието не е предадено на чување во архивот. Истото е сведоштво за едно мачно време. Сепак, неопходно е да се нагласи дека подвлекувањето на имињата во досието за разлика од останатите, кое секој читател ќе го забележи, отстапува поради една значајна причина. Имено, според законот од 2000 година за отворањето на досиејата, кодошите мораа да бидат сокриени. Затоа, во досието на Доцев се подвлечени со црно, односно се внимателно сокриени. Редакцијата на Архивот, при подготвувањето на едицијата, имаше друг методолошки пристап, кој сакаме да го потенцираме. Имено, ние не ги покривавме соработниците, туку само оперативните работници и тоа оние што не се лустрирани. Сакавме да ја заштитиме службата, иако и тоа е филозофска дилема, дали треба да се заштитуваат оние кои работеа на уништување на автентичната македонска мисла, идеја и политичко организирање уште од 1945 година и со тоа претставуваа континуитет на историското ВМРО. Како и да е, оперативните работници, од кои добар дел не се меѓу живите, се сокриени. Со тоа главното тежиште го поместуваме кон процесот и големината на злосторот што е направен, а не и да се пресметуваме со поединци. Оценки по ова, сепак, ќе треба да дадат јавноста и историската наука.
Зошто е уништено досието на Доцев? Кој сакал неговата голгота да премине во заборав? Тоа не се наивни прашања. Да не го зел во 2000 година, ова досие сега ќе беше целосно недостапно. Историјата ќе загубеше значаен извор…Четвртиот том од едицијата „Црните страници на УДБА“, насловен како „Ченто и Доцев на удар“, го сочинуваат две досиеја, на
Пронајдете не на следниве мрежи: