Со целиот респект кон студентите /нашиот академски подмладок/ со кои професионално и ентузијастички се дружев цели четири децении, би ги прашала оние, кои силно се противат на воведувањето проверка на стекнатите знаења – зошто толку голем страв!Дали со ваквата нивна реакција/одговор на најавената мерка на државата за подобрување на квалитетот во високото образование, всушност не го потврдија сомневањето, дека на полето на знаењето потфрлуваме!
Точно е, протестите се демократски инструмент во барањата на какви било права – но, во случајов, не сум сигурна дека е тоа вистинскиот избор – зашто, се работи за ЗНАЕЊЕ, фундамент на успешноста во идниот професионален ангажман! Добро е, и треба, студентите да се авангарда, да знаат што сакаат и да се борат за тоа! Меѓутоа, нивниот настап против тестирањето на знаењата (поточно – државниот испит!), даде доказ плус во корист на предлогот на Владата, за воведување ваква мерка во образованието (нешто што требаше да се случи многу одамна – најмалку, десетина-петнаесет години наназад!)
Поинаку ќе беше, доколку настапеа (нека и со протести!), со барања кои би се однесувале на начинот/формата на проверка на знаењата, на концептот за утврдување на стекнатите, реално потребни знаења за да се продолжи понатаму со студирањето. Со нивните категорични барање – НЕ за екстерното тестирање (всушност се работи за државен испит, чија концепција, придружена и со други мерки што на долги стази ќе придонесат за зголемување на квалитетот во високото образование), само покажаа дека се плашат да им биде проверено стекнатото знаење во одредени степени/нивоа на студирањето, дека се сомневаат во сопствената успешност во студиите/рањето. И, она, што за мене е особено дискутабилно, мешањето на поимот АВТОНОМНОСТ на универзитетот со ПОТРЕБАТА НА ДРЖАВАТА да знае во што вложува! Со каков капацитет на знаење излегуваат нејзините идни стручњаци!
Свесна сум за ризикот – од студентите-протестанти и некои колеги професори, да бидам прогласена за професор-антидемократ, но сигурна сум дека моите студентите, со кои имав чест, задоволство и шанса да работам, познавајќи ги моите ставови и критериуми – ќе ме разберат!
Ќе ме разберат и оние, на кои уште во прво одделение им велев дека не сакам фалш-петки, студентите, кои после испитот искрено ќе ми кажеа за предупредувања… – зарем ќе полагаш кај професорката…и Калин (писмен, инвентивен), кој пред испитот „храбро” си кажа дека сака висока оценка, ама знаеше дека треба да ја заслужи (со знаење!) – и, ја заслужи. Знам дека ќе ме разбере и Аријана од Тетово, која наивно, но и самоуверено ми даде на знаење дека можела да положи и со врски (?), ама – разбра, дека не е доволно да мисли дека знае – туку, дека тоа треба да го по(до)каже!; дека знаењето и треба за во иднина, а не како преодна оценка во индекс. Ќе ме разберат и моите студенти “ветерани”*, кои доаѓаа на испит, а во истиот момент бараа одложување!
*На времето, некои “студираа” (стоматологија и медицина) многу години – ќе се изгубеа (поради различни причини), а по покуса или подолга пауза ќе се вратеа, да ги довршат започнатите студии!). Доаѓаа на испит, а бараа одложување (иако истиот претходно веќе го полагале)! Беа со изгубена самодоверба! Им одложував, но и ги охрабрував дека ќе положат, се разбира, под познатиот услов – мора да знаат сè што е неопходно за ефикасно практикување на професијата; со други зборови, знаење за “златна” шестка! Не – 5.99! (Така и беше; некои добиваа и повисока оценка, секако, заслужена!)
Се надевам, ќе ме разбере и Јордан, најдобриот студент во својата генерацијата; со сите сили морав да се борам – студентската тема на претстојниот конгрес да ја презентира усно /така и се случи!/, но на професорката, подолу спомената – (неможејќи на менторката – удри по дигнитетот на нејзиниот кандидат!) – ѝ успеа, во програмата за студентскиот конгрес, Јордан сепак да биде најавен во постер-презентациите! Оттаму, почитувани, знам, дека споменатата “професорка”, за која “Детска-та стоматологија” е “Децка стоматологија” (така го запишува(ше) предметот во индексите на студентите, и во други писанија), нема да може да го разбере мојот став; таа, со својата (не)писменост и исклучителни манипулаторски вештини(!) – од деканката на факултетот доби скапоцен подарок: децениско раководство со Катедрата по „ДЕЦКО”, менторство на сите (надворешни) специјализанти, магистранти и докторанти (кандидатите немаа право на свој избор(!), а некои, можебеи и ја избрале?!), и подари и сенаторски мандат на УКИМ, а СДСМ – советнички мандат во Советот на град Скопје?!
Мојот став, нема да го разбере ниту професорот за кој сатисфакцијата е “статисфакција”, ниту деканката (“тешка” неколку мандати, но и…!), која под изговор на изострени критериуми – ги саботираше инвентивните, млади (и помалку млади!) неистомисленици, а беше горда на стручниот собир (на стоматолозите на Македонија; Универзална сала, 2011 год), со партиски „великани” во првиот ред!
И, секако нема да ме разберат и оние, кои предаваа(т) според учебници одамна прегазени од времето и новите научни сознанија! Можам да ги разберам и поддржам студентите ако протестираат со барање за подобрување на образовниот процес: креативни предавања, избор на достапна стручна литература, професори и асистенти кои нудат, но и бараат знаење (не мито!), изведување на наставата во подобри услови (опременост на амфитеатри, лаборатории, клиники, нагледни средства! Ќе ги разберам и поддржам ако се бунтуваат против рестриктивна политика на државата во однос на можноста за студирање, високи партиципации за студирање, бирократско однесување на вработените во студентските сервиси, против реални проблеми – поврзани со студентскиот стандард…!
И, би се согласила со барања за анализа која ќе ги лоцира пропустите што резултираат со намален квалитет и степен на стекнати знаења во високото образование (ВО), но не се согласувам со ултимативните барања на студентите во овој момент, зашто, признале или не, без оглед што се поздравени од некои кругови/личности, сепак имаат некаков друг шмек. И јас ќе ги поздравев, и ќе им честитав, доколку својата енергија ја насочеа кон реалните проблеми, а не против терстирањето! Од Студентскиот пленум велат – …”дебата околу реформите во високото образование е навистина неопходна, но таа не може да биде околу моделот на екстерното тестирање…” или,“Универзитетот е највисоката образовна инстанца во општеството, и извршната власт не смее да интервенира во неа на овој начин”. Според нив, државата не смее да бара проверка на знаењето на идните носители на државниот просперитет?! Контактни – ТВ дебати на оваа /актуелна/ тема главно покажаа одобрување (повеќето од оние кои коментираа) за мерката предложена од државата – проверка на стекнатите знаења на студентите.
И јас се согласувам со нив; но во исто време се согласувам и со проферсорот (Плусинфо, 17 Ноември 2014), кој покрај другото, според мене, изнесе и еден крајно искрен став – дека проблемот е кај професорите, а не кај студентите! Како и да е. Драго ми е што државата реагираше; констатацијата (на работодавачи и други различни извори) за намален квалитет во ВО – не е со нов датум!
И, на крајот, студентите уште еднаш ќе ги прашам – зошто толкав страв од ЕВАЛУАЦИЈА НА ЗНАЕЊЕТО!
Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професорДали со ваквата нивна реакција/одговор на најавената мерка на државата за подобрување на квалитетот во високото образование, всушност не го потврди