Во сите земји во светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на архивите, што има за цел да ја подигне свеста на јавноста за архивскиот материјал, за неговото чување и заштитата, за подобрувањето на пристапот до него со истовремена заштита на личните податоци, промовирање на ретките документи и создавање подобра слика за архивските институции и нивна отвореност на глобално ниво.Одбележувањето дава можност архивите од целиот свет да ја промовираат нивната улога како институции, да ја промовираат професијата на архивистите и значењето на архивските документи, како колективна меморија и нивната достапност за сите граѓани.
Оваа година Меѓународниот ден на архивите се одбележува по деветти пат, а првпат е прославен во 2008 година. Мотото на годинашниот Меѓународен архивски ден е “Архиви, хармонија и пријателство”.
Меѓународниот ден на архивите како празник на архивите и архивистите низ целиот свет е прифатен на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет (неутрална и невладина организација, во која членуваат архиви од 199 држави и територии), одржано во Квебек, Канада во 2008 година.
Датумот има симболично значење, бидејќи на 9 јуни во 1948 година е основан Меѓународниот архивски совет под покровителство на УНЕСКО.
Државниот архив на Република Македонија како национален ден на архивите го празнува 1 април, денот на кој во 1951 година е формирана оваа институција, а во последните години го одбележува и 9 јуни, со пригодни советувања за архивските работници, презентирање на законската регулатива за архивско работење, изложби и слично.
Државниот архив на Република Македонија оваа година прослави 65 години од своето постоење.
– Чинот на основање на Државниот архив претставува еден од најзначајните настани во нашата понова историја, а Архивот за Македонија и за македонскиот народ претставува изворно сведоштво за постоењето, за опстојувањето на нашиот национален идентитет, за борбата на нашиот народ за создавање на своја национална држава и за континуитетот на македонската политичка, државно-правна и национална мисла. Една од суштинските цели на дејноста на Државниот архив на Република Македонија е да го презема и трајно да го чува јавниот архивски материјал и да обезбедува услови за негово непречено користење во јавноста, се вели во соопштението од Државниот архив на Република Мкаедонија.
Во претстојниот период Архивот планира интензивирање на преземањата на архивски и мемоарски материјал, по пат на откуп, подарок и депозит од приватни лица, носители на општествено-политички функции во Република Македонија, а во исто време се прават напори да се стапи во контакт со Македонците иселени во дијаспората, заради преземање материјал со кои ќе се фрли дополнителна светлина на животот и дејствувањето на нашата политичка и економска емиграција во светот.
Како посебна активност се предвидува валоризација на целокупниот архивски материјал согласно со Законот за прогласување на културно наследство од особено значење во Република Македонија и ќе се пристапи кон избор на архивски фондови и збирки кои ќе се стекнат со статус на културно наследство.Одбележувањето дава можност архивите од целиот свет да ја промовираат нивната улога како институции, да ја промовираат професијата на архивистите и