ДИК бара спорни гласачи, Чичаковски брка покемони

„Поради исклучителното значење на процесот“, Државната изборна комисија (ДИК) побара од медиумите да учествуваат во кампања со која треба да се информираат спорните граѓани во избирачкиот список и воедно да се повикаат да се пријават. Неделникот „Република“, имајќи ги предвид сериозноста и важноста на ситуацијата, меѓу првите го прифати повикот за бесплатно дистрибуирање на постерите што се дел од кампањата. Во исто време, со цел да се овозможи поголем медиумски простор за подобро запознавање на јавноста со работата на Комисијата, (вклучително и со кампањата), испративме барање за интервју до претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, кое на наше големо изненадување и разочарување беше одбиено со образложение дека бил зафатен! Со што бил зафатен не ни кажаа од ДИК. Дали лови фантоми или брка покемони…?Замислете, првиот човек на најважната институција во државата (во моментот) немал време да ја промовира кампањата која, како што велат и самите, е од исклучително значење на процесот. Чичаковски сметал дека во моментот за него не е приоритетно да разјасни низа дилеми и недоумици кај граѓаните и да одговори на сериозните критики (пред сѐ од опозициските мегафони) за начинот на прочистување на избирачки список, кој, пак, се креира според ќефот на Зоран Заев, само за да се одоброволи, конечно, да се појави на избори.
Човекот кој како „независен експерт“ беше поставен за претседател на ДИК на предлог СДСМ со бегањето од медиумите и од јавноста презентира неверојатен аматерски однос. Едноставно, или нема поим од работата или, пак, свесно го поткопува Договорот од Пржино и работи спротивно на интересите на државата. Претседателот на ДИК мора да биде свесен дека во овој период, непосредно пред избори, е најважниот човек во државата, а како таков има огромна одговорност пред целата јавност. Негова должност и обврска не е само да обезбеди максимални услови за фер и демократски избори, туку и да ја стекне довербата на граѓаните во институцијата што ја предводи. Затоа во спроведувањето на целиот процес тој мора, пред сѐ, да покаже интегритет и одлучност. Ако не е способен да ја заврши задачата, наместо да создава дополнителни проблеми, треба чесно да се повлече веднаш.
Колку и да сакаме како медиум да ја олесниме работата на ДИК, не можеме да не се сомневаме дека првиот човек на институцијата не дава максимум за исполнување на обврските. Исто така, не можеме да не прашаме дали Чичаковски свесно го минира процесот оставајќи простор за сомнежи и реакции од опозицијата и од граѓаните, што, пак, натаму би се искористило како алиби за повторно бегство од избори на Заев?
Всушност, повеќе од очигледно е дека ДИК и нејзиниот претседател во овој сложен процес имаат различни пристапи и приоритети. Ако изборната комисија организира кампања за информирање на граѓаните, прашањето е која е улогата и задачата на првиот човек на Комисијата. Да ја искористи секоја можност за расчистување на спорните прашања или со неговиот молк да се одржуваат на површина критиките на опозицијата за релевантноста на избирачкиот список?
Кога ќе се охрабри да се појави во јавност, освен потребното објаснување за граѓаните што сакаат да го зачуваат правото на глас, Чичаковски ќе треба да одговори и на навредите и на заканите на одредени опозиционери и Соросови платеници.
Оттука се поставува прашањето кога Чичаковски ќе му одговори на Јани Макрадули кој побара оставка од него затоа што неговата сопруга била на списокот за прочистување.
Ќе ги одбрани ли Чичаковски колегите од навредите на Мирјана Најчевска која (вклучувајќи го и него) ги нарече „банда идиоти“?
Всушност, секој вистински независен експерт што сериозно ја сфаќа функцијата претседател на ДИК, но и ситуацијата во државата, мора да најде време и начин како да ги разјасни сите дилеми на граѓаните и да не дозволи да остане ниту една дамка и врз списокот и врз целиот изборен процес.
Веќе дел од албанските опозициски партии се заканија дека ќе го оспорат избирачкиот список пред Уставен суд и најавија бојкот на изборите. Кој ќе понесе одговорност ако СДСМ или некоја друга партија ги искористи евентуалните пропусти на ДИК за продолжување на политичката криза? Подготвен ли е Чичаковски да одговара за неуспешно изведената задача?
Во јавниот повик на ДИК се вели дека целта на Комисијата во овој процес е да стекне доверба од сите заинтересирани учесници. Интересно е тоа што кампањата предвидува објавување видеоспотови и постери, но не и медиумско појавување на претседателот. Добро би било Чичаковски да одговори и на прашањето како смета да ја стекне довербата од учесниците во процесот со криење и бегање од јавноста.
А за волја на вистината, иако на функцијата е речиси година, ова не му е првпат да бега од интервјуа и од дебати. Првиот човек на ДИК се криеше од јавноста и на почетокот на годината кога се бараше под дрво и под камен да каже што е спорно во списокот и зошто не може да се прочисти до 24 април. Одговори не добивме до ден-денес иако со новиот договор на партиските лидери се увиде дека, всушност, и немало кој знае што спорно во списокот за двапати да се одлагаат многу важните избори, кои, пак, значат излез од кризата. Таквиот однос и тогаш и сега остави простор за сомнеж дека Чичаковски намерно ја опструираше работата на Комисијата во интерес на Зоран Заев. Дали првиот човек на ДИК ќе дозволи јавноста повторно да добие ист впечаток за него, останува да видиме.
 
Пишува: Ненад Мирчевски за РепубликаЗамислете, првиот човек на најважната институција во државата (во моментот) немал време да ја промовира кампањата која, како што велат и самите, е

Пронајдете не на следниве мрежи: