На 14 јули 2026 година, Европската Унија одржа четири меѓувладини конференции за пристапување во само еден ден. Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора направија нови, конкретни чекори кон членството. Европската комесарка за проширување Марта Кос денот го нарече „супер вторник за проширувањето“ — прв ваков ден во повеќе од две децении.

За Македонија, меѓутоа, тоа не беше супер вторник. Тоа беше уште еден ден во кој од страна гледавме како Европа се движи.
Украина, држава која повеќе од четири години води војна за сопствениот опстанок, го отвори кластерот 6, посветен на надворешните односи, надворешната политика, безбедноста и одбраната. Молдавија го отвори истиот кластер. Двете држави станаа кандидати дури во 2022 година, а денес веќе отвораат конкретни области од европското законодавство. Украина го прави тоа додека нејзините институции функционираат во воени услови, економијата е изложена на огромен притисок, а државата мора истовремено да се брани и да спроведува реформи. Сепак, Киев успеал да постигне 99 проценти усогласеност со надворешната политика на Европската Унија и да ја претвори европската интеграција во државна операција, а не во пригодна партиска парола.
Црна Гора ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја, а веќе привремено затворила 18. На 14 јули ги затвори и поглавјата за политиката на конкуренција и за царинската унија. Денес отворено се третира како предводник на процесот и како држава која прва од сегашната група кандидати може да стигне до членство.
Но најболна за нас е споредбата со Албанија.
На 19 јули 2022 година Албанија и Македонија заедно ја започнаа оваа фаза од пристапниот процес. Стоевме на иста почетна линија. Четири години подоцна, Албанија ги има отворено сите 33 поглавја и веќе започна да ги затвора. На последната конференција привремено ги затвори поглавјата за наука и истражување, образование и култура и надворешни односи.
Албанија веќе не разговара дали ќе ги отвори преговорите.
Албанија затвора поглавја.
Македонија сè уште нема отворено ниту еден кластер.
Тука споредбата престанува да биде дипломатска и станува сурово политичка.
Македонија е кандидат за членство од декември 2005 година. Европската комисија првпат препорача почеток на преговорите во октомври 2009 година. Првата меѓувладина конференција се одржа дури во јули 2022 година, а скринингот на европското законодавство беше завршен во декември 2023 година.
Оттогаш повторно стоиме.
Во меѓувреме, држави кои пред само четири години добија кандидатски статус веќе отвораат кластери. Албанија, која во 2022 година тргна заедно со нас, ги отвори сите поглавја. Црна Гора веќе затвори повеќе од половината.
Во што е проблемот? Ние (читај: владејачките елити) постојано кукаме како сме ограничени од преговарачката рамка и од Брисел. Но дали е навистина така?
Ниту преговарачката рамка, ниту Брисел, ниту Софија не нè спречуваат да создадеме независно судство. Никој однадвор не ни нареди да ја претвориме јавната администрација во партиски плен. Никој не нè принуди да ги наградуваме послушните, да ги маргинализираме способните и државните институции да ги полниме според партиска книшка, семејна врска или лична услуга. Европа не ги избира нашите судии, обвинители, директори и функционери. Тоа го прават нашите политички елити во партиските седишта.
Истите елити кои три децении зборуваат за европска Македонија, додека зад европските знамиња создаваат систем на клиентелизам, партиска блискост и неказнивост. Секоја власт ветува департизација, а потоа само ги заменува туѓите кадри со свои. Секоја опозиција зборува за правда, а по освојувањето на власта заборава што ветувала.
Во заклучоците од декември 2025 година, Советот на ЕУ не зборува само за уставните измени. Тој констатира дека нема напредок во владеењето на правото и бара зајакнување на независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, јавната администрација и институционалниот капацитет.
Ова е многу сериозен проблем за секој наш граѓанин.
Заробената држава, меѓутоа, не се ослободува со потпис. За тоа се потребни вистински институции, лична и политичка одговорност и раскинување со моделот во кој државата се третира како сопственост на победникот на изборите.
Корупцијата кај нас веќе не е само девијација на системот. Таа стана начин на функционирање на системот.
Граѓаните премногу често гледаат ист образец: афера, неколку дена медиумска врева, политички обвинувања, истрага без крај и постепено заборавање. Големите зборови за борба против криминалот завршуваат во селективна правда, партиски пресметки или административна тишина.
Најопасно е што политичката елита успеа да создаде систем на колективна неодговорност. Кога нешто ќе пропадне, никој не е виновен. Кога ќе исчезнат јавни пари, никој ништо не знаел. Кога институцијата нема да ја заврши работата, одговорноста се префрла од еден кабинет во друг. Министрите се повикуваат на директорите, директорите на комисиите, комисиите на процедурите, а процедурите на „системските слабости“.
На крај, виновен е системот.
Но системот не е природна непогода. Него го создале и со него управуваат конкретни луѓе.
Уставните измени остануваат непосредниот формален услов за отворање на првиот кластер. Може да расправаме дали условот е праведен. Но сериозната држава не запира на констатацијата дека условот е неправеден. Таа создава стратегија како да го надмине, гради сојузништва, нуди правни решенија и истовремено ги спроведува сите реформи за кои не постои никаков надворешен спор.
Ние, наместо тоа, европската интеграција ја претворивме во внатрешнополитички театар.
Кога се на власт, партиите бараат разбирање за „тешките одлуки“. Кога се во опозиција, ветуваат дека ќе ги променат условите и ќе ја вратат загубената национална гордост. Потоа ги менуваат местата, но државата останува во истата чекалница.
Европската агенда се користи за мобилизација на гласачите, додека вистинските реформи се одложуваат. Власта и опозицијата жестоко се судираат околу тоа кој е поголем патриот или Европеец, но многу полесно наоѓаат заеднички јазик кога треба да се зачува партиската контрола врз институциите.
Нашата најголема пропуштена шанса не е само тоа што сè уште не сме членка на ЕУ.
Нашата најголема пропуштена шанса е што пристапниот процес не го искористивме за да изградиме европска држава.
Повеќе од две децении зборуваме за Европа, а не воспоставивме европски стандарди на одговорност. Го менувавме Уставот. Го сменивме државното знаме. Го променивме и уставното име. Но не го сменивме начинот на владеење.
Тука е суштината на македонскиот пораз.
Додека Украина, среде војна, отвора кластер за безбедност и надворешна политика, ние расправаме дали воопшто треба да продолжиме. Додека Молдавија забрзано го усогласува законодавството, ние го усогласуваме политичкиот речник за следните избори. Додека Црна Гора затвора поглавја, ние затвораме очи. Додека Албанија ги отвори сите 33 поглавја, македонската политика се однесува како времето да работи во наша корист.
Не работи!
Секој изгубен месец значи послаби институции, помалку можности, продолжено иселување и уште една генерација млади луѓе кои својата европска иднина ќе ја бараат надвор од Македонија.
„Супер вторникот“ на 14 јули не беше само успех за четири кандидатски држави. Тој беше предупредување дека проширувањето повторно се движи, но не ги чека оние што не се способни да се движат со него.
Македонските политички „елити“ мора да преземат годговорност: за заробените институции, за корупцијата, за партизираната администрација, за неказнивоста и за децениите потрошени во производство на оправдувања.
Македонија нема право ниту на наивен еврооптимизам, ниту на евтин евроскептицизам.
Зашто додека другите држави преговараат како да станат членки на Европската Унија, нашите политички елити веќе предолго преговараат само за едно прашање:
Како да останат на власт, а никогаш да не одговараат за изгубеното време.



