Еден од поимите кој секако остави длабок печат при глобалните политички турбулентни трансформации од средината на минатиот век па до ден денешен е дисидентството. За некои одраз на единствена легитимна вистинска форма на политички активизам во некогаш тоталитарните режими, додека пак за други само едно од орудијата на Западот во борбата на рушење на таквите режими одвнатре. При тоа секако е нужна и основната дистинкција т.е разграничување на поимот дисидент на т.н. национал-дисиденти и демократ-дисиденти.
Можеби најсоодветен пример на таквата дистинкција е споредбата на двајцата руски дисиденти (Гулаговци) Александар Солжењицин како национал-дисидент (”За нас во Русија комунизмот е како мртов пес, а за многу луѓе од Западот комунизмот е како жив лав” и ”За да уништиш еден народ најпрво мора да ги исечеш неговите корени”) со демократ- дисидентот Андреј Сињавски (“Вистинската вера не е во склад со толерантноста” и ”За да засекогаш исчезнат старите затвори, изградивме нови затвори, а за да исчезнат границите самите себе се оградивме со кинески ѕид”.). Заеднички за двата типа е револтот кон тогашниот Советски Сојуз, кон системот и практикувањето на власта во него.
Тогашната советска власт воопшто не прави разлика во нивните различни идеолошки исходишта, туку заради манифестацијата на нивниот револт ги квалификува еднoставно како државни непријатели и ги праќа во затвор, а подоцна и во егзил. Сличен е и одговорот на југословенската власт на анти-државните активности на (апсените и затворани) национал- дисидентот Др.Фрањо Туѓман и демократ-дисидентот Милован Ѓилас.
Специфичноста на југословенското системско уредување (далеку полиберално од советското) освен пресметката со вистинските погореспомнати дисиденти ја условува и дефинира и стратегијата за долгорочно амортизирање на вистинското дисидентство во случај на исти или слични пројави. Па така Југославија, со посредство на сопствените тајни служби (УДБА/КОС) решава да создаде квази-дисиденти, преку чија активност на Западот ќе му покаже дека степенот на демократија и слободата на израз во државата е на завидно ниво.
За оваа цел таргетирани/регрутирани се поединци од т.н културни кругови и со тоа се оформени двата моќни безбедносни столбови на контролата над слободната мисла и евентуалниот револт. Првиот е финансиската зависност на квази-дисидентите од државата, поради фактот што ретко кој од нив реално можеше да се прехрани од својата работа на слободниот пазар (кој патем и не постоеше), а вториот е сегментот на поврзаност на културните работници (во друштва и асоцијации) преку кои беше контролиран и релативизиран (од колегите се разбира) каков и да е потенцијален обид за реален револт/бунт.
Последично протежирани и промовирани од самата држава беа токму квази-дисидентите кои пропагираа квази-револти, низ ”опасни” а од никого разбрани ”анти”-државни дела (есеи, филмови, театарски претстави).
Сето ова (со чест на ретки исклучоци) придонесе по распадот на Југославија да не остана некој навистина траен печат на нивното постоење и авторство, а уште помалку за нивното „дисидентско” делување, примерот на ликот и делото на Вацлав Хавел во Чешка.
Југословенските квази-дисиденти (кои меѓудругото себеси се опишуваа како демократ-дисиденти), иако навидум за ,во суштина беа против распадот на Југославија, а во годините по распадот инсистираа на носталгија по бившиот систем наместо прогрес и изградба на новиот.
Поради медиокритеската им природа, без која и не би можеле да бидат регрутирани и контролирани, го спрегледаа моментот на создавање на сопствените нации, и потенцијалот кој тој момент го носи. Потенцијалот за создавање на трајни сопствени национални вредности, градење на идентитетот, авторски белег во процесот на создавање на сопствената државност. Го немаа ниту креативниот ниту интелектуалниот потенцијал да се соочат со вистинските глобални предизвици пред кои беа исправени младите држави и сега веќе самостојни народи во нив, и да им помогнат на истиоте.
Тие продолжија со стилот на мешетарење/кокошарење, со ситно цинкарење и критизирање на нешто што е штотуку родено, и непроодено, сметајќи дека и понатаму ќе бидат богато наградувани за својата злокобност и омраза кон своето. За апсурдот да биде поголем…И БЕА.
Затворени во своите “кругови” (друштва и асоцијации) во имагинарниот свет на својата квази-супериорност, создадена и легитимирана од систем кој се распадна, пред се заради сопствената преценетост, продолжија да ја продаваат маглата на својата ”неразбраност”. Секако притоа инсистирајќи на приказната дека системот што ги создаде можеби и беше квази но тоа сигурно не се и тие самите. Небаре квази систем може да создаде вистински вредности.
Црвената збирштина од интелектуално-духовни парталковци ги притискаше тукушто оформените држави, инфилтрирајќи се во сите пори на новосоздадениот политичкиот систем, прилепувајќи се на “реформираните” комунистички опции кои новиот политички амбиент ги наложи како нужност за сопствениот опстанок.
На рака им одеше и пост-југословенскиот феномен:
Вистинските дисиденти ги создадоа националните држави, но квази- дисидентите веднаш и во сите (со исклучок на Србија, каде што веќе беа на власт), бивши републики ја преземаа власта веднаш по осамостојувањето.
А кога и доколку црвената квази-дисидентска булумента е во опозиција, таа всушност го прави тоа што најдобро и знае да го прави … да рекетира за да се пришљамчи на државното корито. И ако не успее да се прикачи на коритото, црвената квази-дисидентска булумента оди на барикадите. Со своите квази вредности таа е гуру на прогресивниот башибозук, на носталгичните безрбетници, на бившите клиентелисти и на сите други, на кој им пречи слободниот пазар, демократијата и правниот поредок.
Таа никогаш нема да се обиде да пласира што и да е (свое и авторско) надвор од границите на бившата држава, да ги почувсвува и се соочи со предизвиците и бенифитите на конкуретнтноста.
Таа по директива ќе дреме и ровари во универзитетските аули како далечната 1968г. чекајќи да дојде Сорос…пардон Тито и да ги пофали колку му помогнале да ”прогледа”, за да излезат од дупките и во негова чест да запеат:
”Друже Тито љубичице плава”.
Патем ниту еден од овие квази-диситенти никогаш, ни за момент не ја почувствувал раката на режимот преку југословенските Гулаци: Голи Оток, Лепоглава или Сремска Митровица, а напротив, самите биле причина за некои од вистинските либерали да бидат пратени таму.
Како и да е на нивната малициозност треба да и се стави крај еднаш засекогаш. Културните субвенции конечно треба да се стават во функција на народот и на државата, на младите и прогресивни автори и дејци, на оние кои имаат желба и мотив да остават свој историски и културолошки печат во своите држави. Да ги промовираат и надвор вредностите и традициите на народот, на кој му припаѓаат наместо да плукаат по истиот.
Зошто досега црвената квази-дисидентска булумента го собираше целиот колач, не оставајќи ништо за другите. По политичките промени во Хрватска се чини дека тамошното министерство за култура преку моделот на спротиставување на вистинските вредности наспроти самоповиканите, најсмело се реши да му стави крај на црвениот рекет врз културата, а преку неа и врз целото општество. Се надевам на успех, па моделот како применлив да се пренесе и на другите држави во регионот.
Убеден сум дека народот (оној чии пари ги шмукаат за негово омаловажување) би бил повеќе од благодарен.
*секоја случајност со македонските прилики е намерна
*секоја случајност со некогашните (1968г.) Белградски студентски лидери, а денешни ExYu Open Society директори е исто така намерна
Пишува м-р Владимир КрстевскиПри тоа секако е нужна и основната дистинкција т.е
Пронајдете не на следниве мрежи: