Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 114. седница, со 47 гласови „за“ и 23 „против“, по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите.Целта на Законот, како што стои во образложението, е брзо и ефикасно обезбедување финансиски средства во случај на кризна состојба.
– Во случај на постоење кризна состојба, одобрените средства во постојната буџетска резерва може да се зголемат со прераспределба на средства само помеѓу министерствата и другите органи на државната управа, за што одлучува Владата, но намалувањето може да биде најмногу до 5 отсто од постојните буџетски средства на министерствата и другите органи на државната управа и притоа да не се наруши нивното редовно функционирање и вршење на утврдените законски надлежности, се наведува во законскиот текст.
Опозицијата беше против ваквото решение со образложение дека овозможува директно нарушување на уставниот поредок и навлегување на Владата во надлежностите на Собранието. Според СДСМ и НСДП, Законот воопшто не дефинира, ниту прецизира како ќе се трошат прераспределните пари во случај на кризна состојба, што отвора простор за нивна злоуотреба.
– Петте проценти ќе бидат злоупотребени. Но, исто така, овој закон директно го нарушува уставниот поредок, овозможува злоупотреба во кризни ситуации и дозволува Владата директно навлегува во надлежностите на Собранието, Љубомир Јосифовски од НСДП.
Пратениците од СДСМ и НСДП оценија дека причината за, според нив, ненавременото санирање на последиците од поплавите не е во парите, туку во лошото менаџирање со институциите. Прашаа која е логиката власта да има одврзани раце во распределбата на буџетските средства и реагираа што се проектираат нови средства, наместо за кризните состојби да се пренаменат парите од грандиозните проекти и споменици.
Реплицираше Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ. – Никој точно не може да го предвиди размерот на кризните ситуации. Затоа се носи овој закон, за да се реагира брзо, со сите ресурси, наместо да се врши ребаланс на Буџетот што може да трае и до 30 дена, потенцира Цуклев.
Седницата продолжи со расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, поднесен од Павле Трајанов. Законот предвидува секој долг што ќе го направи Владата преку издавање хартии од вредност над 100 милиони евра, да добие ратификација од Собранието.
– Целта на законот е да се воспостави систем преку кој Собранието ќе има контрола врз задолжувањето или практично, отворање расправа за задолжувањето, поголема транспарентост при задолжувањето на државата и јакнење на одговорноста за сите што се вклучени во одлучувањето за задолжувањето, истакна Трајанов, додавајќи дека сега во Македонија нема кој да го блокира задолжувањето и неговото зголемување, ниту има инструмент за контрола.
Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека ако Трајанов искрено сака да навлезе во суштината на проблемот, не нуди вистинско решение.
– Со овој закон воопшто не се подобрува транспарентноста, ниту може да се реши висината на задолжувањето од која било влада зашто со него се тангира само надворешниот пазар, посочи Мукоски и сугерираше дека вистинското решение би било да се донесе уставен амандман за ограничување на јавниот долг на 60 отсто од БДП, како и на буџетскиот дефицит, тој да не надминува три отсто.
Според Мукоски, Македонија моментно е умерено задолжена, со 50 до 51 отсто, и спаѓа во десетте најмалку задолжени во Европа.
И Владанка Авировиќ од СПМ не даде поддршка, квалификувајќи го законското решение како нецелосно и несоодветно. – Деведесет отсто од земјите не го практикуваат ваквиот начин на контрола, ниту е соодветен, ниту е комплетен, напомена Авировиќ.
Трајанов реплицираше со податок дека во Австрија, Чешка и Молдавија за секое задолжување одлучува Парламентот.
Марјанчо Николов рече дека СДСМ ќе го поддржи законот откако констатира дека секој обид да се добие увид во јавниот долг, завршува неупешно зашто власта, како што рече, не сака граѓаните да знаат на што ги троши јавните пари.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ го потврди тврдењето на Николов дека јавниот долг е 46 отсто од БДП, но тој долг, подвлече, е многу помал во споредба со многу економски посилни земји како Германија, Јапонија и Исланд.
– Пишувањето писма кон меѓународните кредитори од страна на СДСМ и нанесувањето максимална штета на Македонија да добие поголеми кредити е нешто што не можам да не го коментирам, додаде Ѓорчев.
Седницата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.Целта на Законот, како што стои во образложението, е брзо и ефикасно обезбедување финансиски средства во случај на кризна состојба.
–