Донтов-Радин изборен модел

Штета што вчера се изгласаа измените на Изборниот законик без да се инкорпорира иновацијата на Рада и на нејзините шарени учители во делот на изборниот модел во земјава. Пропуштивме шанса Македонија сосе изумителот да влезе во иновативната книга на изборната мисла. Навистина голема штета. Пропуштивме можност преку новиот изум на изборен модел бар делумно да му го отпишеме гревот на СДСМ во однос на зијанот што го направи со двегодишната вештачки наметната политичка цикрузијада. Пропуштивме шанса на челничкава на СДСМ да и дадеме заслужено место во современата изборна теорија како изумител на нов изборен модел-модел со Донтова пресметка и можен Радин фантомски остаток кој носи цели 12 пратеници бонус на опозицијата, и само на опозицијата!?По вчерашното експлицитно и детално објаснување на тој нејзин изум од изборен модел што би било кога би било, а никогаш не било, Рада навистина заслужи место во светската изборна теорија. Нејзината изборно-пресметковна хипотеза може да направи вистински бум, светска изборна револуција по што Рада би се прогласила за иноватор на Донт, на Харе, на Лаге, на Хагенбах-Бишхоф…
Изумот би добил примена и во релативизирањето на вредноста на мнозинските изборни модели. Така, мнозинскиот модел со релативно мнозинство, според изумот на Рада, би се преименил во модел со релативно-претпоставено-фантомско мнозинство, а оној со два круга, изборен модел со прв круг на апсолутно мнозинство од фантоми, и втор круг со релативно мнозинство избирачи на Рада во кое влегуваат сите реални и фантомски гласачи. Најмалиот заеднички содржател за двете варијанти изборни модели би биле фантомите на Рада кои можат да варираат меѓу 390.000 и 500.000 избирачи, но кои можат да дојдат и до 39.000 зависно од способноста на политичарот да ги убеди граѓаните во изборните манипулации. Значи, ако те фатат жива во политичката манипулација ќе глумиш лудило и ќе ја убедуваш јавноста дека 39.000 наводни фантоми можат да направат разлика поголема од 25-6 пратеника, бидејќи нели, според Рада, цели „15.000 гласачи добро распоредени во шесте изборни единици прават разлика од 12 пратеника“, а дека цели 500.000 фантомски гласачи можат да направат цели две нови опозициски собранија во земјата, кои би го анулирале она главното вмровско собрание.
Врвот на иновативноста на овој нов изборен модел е, всушност, во способноста за политичка манипулација и создавање политички илузионизам. Оти ваков политички илузионизам каков што две години ни го продаваат Рада и Зоран се нема видено во светската политика. Вакво политичко мешетарење и манипулирање со бројки заради останување видлив на политичката сцена што е можно подолго време е навистина за во Гинис. Оти оваа битка не може да создаде ништо друго, освен да се остане видлив на сцената. Но, за во Гинис е и нивната убеденост дека самоуверено и со висока доза на „интелигентна“ ноншалантност им се обраќаат на граѓаните кои третирани како обични лејки и онака ништо не разбираат од тоа нивно ништо. За во Гинис е и нивната убеденост дека секоја нивна медиумска тропаница може да пројде без никаква реакција, бидејќи нели, тропаница кажана на тропаници е еднакво на нула. Обидот да помине тропаницава е неказнив, бидејќи е само обид. Народот, според нивното сфаќање и убеденост, е и онака доволно глуп да не ги сфати тропанициве, па според принципот „вози Мишко“, иноваториве можат се да истресат на јавна сцена и пак живи да останат.
И онака се свесни дека работат само за нивната видливост на јавната сцена. Без глупостиве и тропанициве што излегуваат од нив, што друго ќе ги визуелизира и направи присутни на маса? Како на друг начин освен преку манипулации, лаги, и заблуди би знаеле за Рада, за Зоран…Од нивната политичка програма, од нивните економски проекти, од нивните нови решенија за намалување на невработеноста, за подигнување на стандардот на граѓаните, од нивните преземени чекори за привлекување странски инвестиции, од нивниот ангажман за подигнување на видливоста на земјата во странство? Нема шанса.
Без ваквите сензационализми лупнати на маса од ракав, без никаква анализа и одговорност, иноваторкава немаше да успее да биде видлива цели 25 години во политиката. Тешко нам кога нејзината илузија ќе почне да се применува и во ад хок партиското тело за мониторирање на балансираноста на медиумското известување во изборниот процес. И кога нејзините номинирани „експерти“  ќе треба јавно да ја бранат неизбалансираноста во медиумското известување прикажано во минути. Веројатно и таму ќе стапи на сцена истава „иновација“ дека „15.000 неизбалансирани медиумски минути“ носат разлика од 12 пратеника.
Аман ВМРО-ДПМНЕ направите се да имаме избори во декември. Да ставиме крај на 25-годишниве манипулации и сеење магла во политиката. Навистина ни е преку глава некој на сила и со маалски финти да мисли дека сите не прави глупи…
 
Проф. д-р Тања Каракамишева-ЈовановскаПо вчерашното експлицитно и детално објаснување на тој нејзин изум од изборен модел што би било кога би било, а никогаш не било, Рада навистина зас

Пронајдете не на следниве мрежи: