Во црните датуми на трагедии во Македонија се додаде 16 март. Само во последните 6 години, во несреќата на автобусот на Дурмо Турс во Ласкарци, Модуларната болница во Тетово, автобусот на Беса Транс во Бугарија, а пред неколку денови и во диско клубот во Кочани, згаснаа 134 животи. Катастрофалните слики од местото на настанот во Кочани, но и тажните лица на семејствате кои загрижено ги бараат своите најблиски во болниците, ја вратија траумата во општеството.
Пожарот, според првичните информации, започнал од искра од прскалки кои биле запалени за да ја подгреат атмосферата. Искрите го зафатиле таванот, направен од лесно запаливи материјали, а потоа пламнал и целиот објект. Во клубот „Пулс“ запре пулсот на 59 млади луѓе, меѓу кои и шест малолетници – тројца на 16 години, и тројца на 17 години.
Повеќе од 100 присутни за време на настапот на музичката група ДНК се повредени и се лекуваат во болниците во земјава и во странство. Сите имаат сериозни изгореници на телото, а вдишале и чад. Некои од нив се здобиле и со повреди при стампедото што се случило кога толпата во паниката се втурнала кон единствената врата за излез.
За кобната ноќ сведочат и снимките од младите како се забавуваат и како голем број од нив доцна стануваат свесни за опасноста. Кога се обидуваат да стигнат до вратата, веќе е предоцна.
Институциите се обврзаа најпрво на грижа за повредените, а потоа и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата.
Откриено е дека објектот работел нелегално и дека не ги исполнувал минималните барања за заштита од пожари. Сомнежите се дека се работи за корупција.
Сопственикот незаконски дозволил да влезат повеќе луѓе од дозволениот број, вклучително и млади под 18 години.
Досега во притвор се 26 лица, додека истражните органи собираат докази во повеќе правци.
The post Eдна од најтешките од осамостојувањето на Македонија appeared first on 365.mk.