„Македонски манифест“ остро реагира на изјавите на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во минатиот четврток, на свеченост во Kавала, на која присуствувале грчки владици, кога рекол дека „дури и апостолот Павле преку посланието до Филипјаните историски го запишал грчкиот карактер на Македонија“, пишува Дневник.
Во отвореното писмо, потпишано од Ефтим Kлетников, „Македонскиот манифест“ му порачува на Павлопулос дека апостолот Павле е најголемиот крунски сведок за автентичниот македонски идентитет.
„Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: Премини во Македонија и помогни ни! (Дела апостолски 16:9). Сте го прочитале ли во Светото писмо тоа, претседателе Павлополус? Гледате ли дека според божјото провидение на апостолот во визија му се јавува Македонец, а не Грк, Елин, и е насочуван од небото кон Македонија, која ќе се покаже како најплодна почва за ширење на христијанството и креирање на новата културно-цивилизациска слика на Европа“, пишува Kлетников.
Тој додава дека во некои преводи на Светото писмо на Павле наместо „еден човек Македонец“, симптоматично му се јавува „еден човек од Македонија“, а с` со цел да се одбегне етнонимот Македонец, да се сугерира дека тој, сепак, можеби бил Грк или некој друг што само потекнува од географскиот поим Македонија. Арно ама, на географски поим, според Kлетников, „растат тикви и компири, но не и алхемичари“, како што пишува славниот Габриел Гарсија Маркес за македонските алхемичари во својот роман „Сто години самотија“.
Апостолот Павле прави јасна разлика меѓу Македонец и Грк
„Тоа е тоа, претседателе Павлополус. Ние Македонците денес сме многу осамени и столчени, а вие, и покрај финансискиот банкрот со бескрупулозна узурпација на европските фондови, имате моќни пријатели и поддржувачи за вашиот геноциден план за идентитетска ликвидација на Македонија. Ни помалку ни повеќе, тоа се џиновите што кршат с` на што ќе му фрлат око: ЕУ и САД. План да се избрише целосно нашата историска меморија и да бидеме засекогаш избришани од картата на народите. С` тоа, пак, не знам дали ви е познато, е дел до концептот на „грчката вреќа“, кој го откри и дијагностички сјајно го формулира англискиот романсиер А. Д. Лоренс. Според него, голем поклоник на етрурската култура и цивилизација фрлена на маргините на европските енциклопедии, Европа по инерција с` трупа во „грчката вреќа“, па еве сега се обидува да ја натрупа во неа и македонската античка цивилизација со блескава историска и културолошка слава. Се обидува иако таа во голема мера исконструирана вреќа, не само од Дројзе, туку и од некои платени модерни научници, е претесна за тоа и може само да се скине. Ништо друго. Но, ЕУ и САД и вие Грците сте упорни во тој полусмешен, полуморбиден потфат, верувајќи дека ќе успеете во тоа. Но, нема да успеете, иако во тој план сте потпомогнати и од македонските петоколонаши, на кои по с` изгледа сте им фрлиле значителна сума од крадените европски пари“, пишува во отвореното писмо на Kлетников и „Македонски манифест“.
Во писмото се посочува дека во посланијата Павле, најревносниот Исусов апостол во Македонија, прави јасна разлика меѓу етнонимите Македонец и Грк, односно Елин. Тој два пати бил под смртна закана во синагогите во Атина, но не побарал заштитничка стреа кај Грците, туку се враќа кај Македонците.
„Во Посланијата до Солунјаните (првото и второто) и до Филипјаните, претседателе Павлополус, апостол Павле им се обраќа токму на Македонците. Јасно како ден. Во Посланието до Филипјаните тој нив, колку и да ве боли тоа, ги нарекува „светила на светот“ што светат среде „лош расипан род“ (Филипјаните 2:15). Во неговата четврта глава, стих 15, Павле говори за благородната македонска црква и душа на Македонците, кои единствено ги поткрепиле во неговите тешки егзистенцијални и мисионерски мигови. Вели: „А, знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовеститето, кога излегов од Македонија, не можеше ни една црква ништо да ми даде или нешто да примам освен од вас“. Толку, господине претседател, кој сте и библиски фалсификатор. Затоа уште нешто од посланијата на апостол Павле до Македонците во Солун. Вели: „Ние, пак, сме му благодарни на Бога за вас секогаш, возљубени до Господа браќа, затоа што од почетокот, преку советување на Светиот дух и причествувањето до вистината, Бог н` избра за спасение…“ (Солунјаните, 1:13)“, се истакнува во писмото до грчкиот претседател.
Нашето име никогаш нема да биде натрупано во „грчката вреќа“
Понатаму во обраќањето се додава:
„Претседателе Павлополус, праапостолот Павле е најголемиот крунски сведок за автентичниот македонски идентитет и име. Тој вели дека љубовта е основниот космички принцип, кој, како што би рекол рускиот поет Осип Мандељштам „ги движи и морето и ѕвездите“ и дека и верата без него е празна и ѕвони како шуплив кимвел. А, имено, вам ви недостасува тој елемент. Но, затоа како компензација на тој недостаток ја имате омразата, која, како што тврди Шекспир, а и Емпедокле, исто така поседува ураганска енергија, за жал, не помала од енергијата на љубовта. Но има разлика. Додека енергијата на љубовта е градителска, енергијата на омразата е уривачка. Да ве потсетиме, во контекст на ова, дека и во тројанската битка Ахајците и Данајците се бореа против љубовта (чие олицетворение се срцата на Парис и Елена), а Македонците во неа зедоа учество на страната на Тројанците и ја бранеа неа. Па сега гледајте и судете во што е работата.
Во Kавала, Претседателе, рековте дека никогаш нема да се уморите од омразата и намерата да ги уништите Македонците, а со цел да го присвоите нивниот скапоцен историски имот. Но, и ние нема никогаш да се измориме од нашата одбрана на името со кое немаат идентитетска допирна точка Грците. Тоа е вистината и така стојат работите. Нашето име е и нашиот искон и нашата иднина. Што порано го сфатите тоа толку подобро, за да се ослободите од омразата. Нашето име никогаш нема да биде натрупано во „грчката вреќа“ (Д.Х.Лоренс), која и онака гркокомплексираната Европа ја има преполнето со с` и сешто, па ќе треба од неа понешто да се вади, а не да се дополнува. Особено не со македонското име, претседателе Павлопулос, ви порачува „Македонски манифест“ и македонскиот народ со целокупниот свој искон и бескраен хоризонт на иднината – пишува Kлетников.Во отвореното писмо, потпишано од Ефтим Kлетников, „Македонскиот манифест“ му порачува на Павлопулос дека апостолот Павле е најголемиот