Фудбалската федерација на Македонија организираше прес – конференција со спортскиот директор на репрезентацијата, Петар Милошевски, на која отворено се проговори за сите теми и дилеми околу националниот тим во последниот квалификациски циклус.Не останаа заобиколени и темите за Горан Пандев, Горан Попов, настаните во соблекувалната по мечот со Србија. Секако, имаше и анализа од резултатски агол на натпреварите на репрезентацијата, како и условите што ФФМ им ги овозможува на фудбалерите и на стручниот штаб.
Спортскиот директор на репрезентацијата, Петар Милошевски, го почна своето излагање со доза на самокритичност, дека ФФМ никако не бега од одговорноста за постигнатите резултати.
„Федерацијата не бега од одговорноста за постигнатите резултати. Мора да се напомене дека на ниту еден натпревар, освен на последниот против Србија, не бевме апсолутно надиграни од противниците. Групата беше тешка, на крајот завршивме последни, а анализата е дека моравме да одиграме поквалитетно во моментите кога се одлучуваа натпреварите. Секако, во иднина ќе знаеме каде треба да посветиме поголемо внимание и да вложиме поголеми напори за да имаме подобри резултати“, истакна Петар Милошевски.
Потоа на ред дојдоа и проблемите што се случуваа во изминатиот период, за кои проговорија и неколкумина репрезентативци, а сега добивме одговори и од ФФМ.
„Горан Попов беше отстранет од репрезентацијата поради крајно неморално однесување. Таков однос не може и не смее да се толерира, иако ФФМ во ниту еден момент не излезе со став дека вратите во репрезентацијата му се затворени. Но, кога човек ќе погреши, треба да направи и одредени чекори. Треба да се извини, затоа што сепак се работи за репрезентацијата. И покрај тоа, Попов двапати беше контактиран за разговор, и пред мечот со Бугарија и пред мечот со Велс, меѓутоа не беше достапен за разговор. И повторно сме на став дека секој може да погреши, вратите за Горан Попов не се затворени и ФФМ нема да биде пречка за негов повик во националниот тим, доколку идниот селектор тоа го процени“, образложи спортскиот директор на националниот тим.
Секако, приоритет во наредниот период ќе биде обидот на федерацијата да го убеди Горан Пандев и понатаму да настапува за националниот тим.
„Горан Пандев е модел за лидер и капитен, фудбалер од кого ФФМ апсолутно не сака да се откаже и ќе сториме се за да го убедиме да ја промени одлуката што ја изнесе во медиумите, дека сака да ја заврши репрезентативната кариера. Ќе разговараме за сите прашања“, посочи Милошевски, не согласувајќи се со ставот дека списокот на националниот тим се составува(л) со менаџерски влијанија.
„И кога беше селектор Чедомир Јаневски, а потоа и со в.д.селекторот Зоран Стратев, федерацијата апсолутно застана зад нивниот избор во пресрет на квалификациските натпревари. Немало никакви влијанија, а тоа можат да го потврдат само тие самите. Во репрезентацијата играа најдобрите, оние што беа избрани токму од селекторите. Исто така, не сметам дека беше грешка изборот на Чедимир Јаневски за селектор. Тој работеше чесно, напорно, максимално одговорно, се додека не реши да ја напушти репрезентацијата. А и тогаш напомена дека неговата одлука е донесена како тежок избор. Во фудналот понекогаш решаваат емоциите, желбите, плановите кои со тек на времето се промениле“, исцрпно одговараше Милошевски.
Сега ќе следува изборот на нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Милошевски се осврна и на оваа тема.
„Пред се, размислуваме за една подолгорочна соработка со идниот селектор. Се уште нема имиња во оптек, со никого не е контактирано, затоа што пред се треба добро да ги одредиме приоритетите каков селектор ни е потребен. Секако, тоа ќе бидат квалитетот, интегритетот и одговорноста кон работата. Доколку има дилеми меѓу Македонец или странец, секако дека желбите се да имаме македонски стратег на кормилото на националниот тим“, заврши Петар Милошевски
На крајот, портпаролот Златко Андоновски истакна и дел од проектите кои ова раководство на ФФМ ги реализирало со своите досегашни активности, како изградбата на Куќата на фудбалот, Детската фудбалска лига, десетте терени со вештачка трева во Македонија…
ФФМ демантира дека Јаневски помогнал за спонзорства
Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, демантираше одредени делови од денешното интервју што поранешниот селектор Чедомир Јаневски го дал за македонски медиум. Напомена дека федерацијата не може да се сложи дека селекторот помагал околу одредени спонзорства за националниот тим и за ФФМ.
„Едноставно, федерацијата не може да се сложи со ваквите наводи и никогаш нема да си дозволи да работи на таков начин“, истакна Андоновски.
Извор: ЕкипаНе останаа заобиколени и темите за Горан Пандев, Горан Попов, настаните во соблекувалната по мечот со Србија. Секако, имаше и анализа од резултатск