Филип Петровски: Секогаш гледам со симпатија на студентските движења и ставови

„Не ми е до крај јасен протестот на студентите затоа што сметам дека секоја проверка на знаењето е добредојдена“, вели Филип Петровски, еден од лидерите на студентските протести во 1997 година.Како еден од учесниците на студентските протести во 1997 години, како гледате на протестите на студентите против воведување државен испит?
Секогаш гледам со симпатија на студентските движења и ставови. Студентите се движечка енергија во секое општество. Од нив подоцна произлегуваат лидери, кои ги водат политичките и општествените текови. Така беше и со нашите протести, иако поразените до ден денес ги денунцираат, што всушност ме тера да мислам дека воопшто и не ги разбраа. Наместо да ја толкуваат пораката, тие до ден денешен се обидуваат да оцрнат поединци кои учествувале во нив.
Сметате ли дека јасно изразеното незадоволство се должи само на екстерното тестирање, или, пак, станува збор за длабоко наталожени проблеми кај младите?
Не ми е до крај јасно, затоа што сметам дека секоја проверка на знаењето е добредојдена. Секој студент треба да се труди да биде што поподготвен, поедуциран. Дури и треба да посакуваат што повеќе проверки и што повеќе усвоени знаења да им се лесни за располагање. Така што ми се чини дека некој се обидува да ги злоупотреби моменталните политички констелации и од тоа да извлече бенефит.
Значи, се ставате на страната на оние кои се обидоа да ги прикажат протестите како „сценарио од заднина“.
Има одредени индикации дека структури кои се надвор од образовниот процес се трудат да го политизираат прашањето за „екстерното“ и од него да извлечат корист за СДСМ. Пак ќе повторам, самите студенти треба да посакуваат да бидат што повеќе проверувани и текстирани за да акумулираат што повеќе знаење за постстудентските животни предизвици.
Но, може ли, според Вас, студентите да имаа политички барања, односно да бидат општествено ангажирани без опасност од етикетирање дека одработуваат за нечии тесни партиски цели?
Тешко. Секогаш ќе има етикети. Но, нека не се плашат од етикети ако имаат јасна цел нешто да соопштат. Сепак, тоа се студенти кои имаат право и на партиско членство и на став, па и на одредена доза на анархичност. Не верувам дека некој за тоа ќе им забележи, туку на нив секогаш ќе гледа со доза на симпатии.
Пропуштија ли студентите како предводници на прогресивната мисла да ги кажат своите ставови по низа општествени прашања?
Мислам дека да. Можеа и требаа во секоја пригода да имаат став и мислење и за тоа да се залагаат на сите можни демократски начини. Тоа е општествена и лична одговорност на сите, па и на студентите. Тие уште во време на студиите треба да ги градат своите ставови јасно за да можат во иднина да ги преземат сите општествени процеси спремно и без импровизации… Досега ретко бевме сведоци на јасно соопштување и борба за ставови.
Имаат ли тие моќ да предизвикаат суштински промени?
Би требало да имаат. Секаде во пракса е така. Не е лесно, но кој вика дека треба да биде лесно.
Наум Котевски „Утрински весник“Како еден од учесниците на студентските протести во 1997 години, како гледате на протестите на студентите против воведување државен испит?

Пронајдете не на следниве мрежи: