Интервју со Вероника Ѓорѓиевска: „Уметноста ме научи дека најголемата сила доаѓа кога ќе престанеш да се плашиш да бидеш своја.“

Вероника Ѓорѓиевска, поранешен новинар и дел од порталот Пулс 24 каде што со посветеност работеше и твореше преку моќта на зборот. Нејзината љубопитност, љубов кон приказните и желбата да ги пренесе човечките искуства беа темел на нејзиниот професионален пат, пред целосно да се посвети на визуелната уметност.

Денес имаме чест да разговараме со неа и да ја споделиме нејзината нова животна приказна – патувањето од новинарството до платното, од зборовите до боите, и од длабоките внатрешни чувства до уметност која има моќ да допре до срцата на другите.

Отсекогаш чувствував дека уметноста е мојот природен јазик
Во најтешките, но и во најубавите моменти од животот, уметноста беше моето најголемо засолниште
Секое мое дело носи дел од мојата приказна…
Имав долг период во кој создавав, но не му верував доволно на својот глас
Најмногу инспирација црпам од личните искуства и од животните моменти кои ме обликувале како личност и како уметник
Вистинската промена се случи кога започнав да студирам во Milan Art Institute

Кажете ни нешто за себе. Кој е патот на Вероника Ѓорѓиевска?

“Родена и израсната сум во Скопје, Македонија, а денес живеам и творам во Мајами, Флорида.

Отсекогаш чувствував дека уметноста е мојот природен јазик. Најпрво се изразував преку пишувањето, а подоцна открив дека и сликањето ми овозможува да го пренесам она што понекогаш не може да се искаже со зборови.

Уметноста е дел од мене. Верувам дека сум родена со таа потреба да создавам, да чувствувам и да

Мојата работа е комбинација од апстрактен реализам со многу меки, неутрални тонови и внимателно избрани детали

раскажувам преку мојата работа. Никогаш не сум ја гледала како обично хоби, туку како внатрешна потреба – место каде што ги оставам моите мисли, чувства и животни искуства.

Во најтешките, но и во најубавите моменти од животот, уметноста беше моето најголемо засолниште. Таа ми помогна подобро да се запознаам себеси, да се исцелам кога тоа беше потребно, да растам и да пронајдам смисла во секој нов почеток.

Секое мое дело носи дел од мојата приказна, но во исто време остава простор секој што ќе застане пред него да ја пронајде и својата. Тоа е најубавиот дел од создавањето – кога нешто што произлегло од моите емоции ќе допре до нечие срце и ќе создаде  искрена поврзаност.”

Кога сфативте дека сакате професионално да се занимавате со уметност?

„Имав долг период во кој создавав, но не му верував доволно на својот глас. Вистинската промена се случи кога започнав да студирам во Milan Art Institute. Таму научив нешто што целосно ми го смени погледот кон уметноста – дека не мора сè да биде совршено и дека најсилните дела се создаваат кога ќе ја пуштиш контролата и ќе си дозволиш да бидеш искрен и слободен во креирањето на својата визија.

Тоа ми помогна да го пронајдам сопствениот стил и да создавам од срце, наместо постојано да се водам од сомнежи, несигурност и правила.“

 

Како би го опишале вашиот уметнички стил?

“Мојата работа е комбинација од апстрактен реализам со многу меки, неутрални тонови и внимателно избрани детали. Користам и доста златна боја, која можам да кажам дека е нешто препознатливо за мене и за мојот уметнички стил – еден вид мој визуелен потпис кој симболизира светлина, надеж и внатрешна сила.

Густав Климт е еден од уметниците кои ме инспирираат, особено начинот на кој преку златната боја создава чувство на магија, длабочина и вечност во своите дела. Неговиот пристап кон бојата и симболиката на златото ми покажува дека еден мал блесок може да носи голема порака.
Како човек кој доста длабоко чувствува, ме инспирираат човечките емоции, женската сила, убавината и нежноста што ја носиме во себе. Сакам моите дела да создаваат чувство на мир, надеж, поврзаност и верба – да бидат еден мал потсетник дека и во најтемните моменти секогаш постои нешто што може да разбуди мала искра на светлина и надеж.

Од каде ја црпите инспирацијата?

„Најмногу инспирација црпам од личните искуства и од животните моменти кои ме обликувале како личност и како уметник. Моите најсилни дела се родени во периоди на промени, предизвици и лично исцелување.

Со години работам на себе, на мојот внатрешен развој и на подобро разбирање на сопствените чувства. Можам да кажам дека сликањето е еден од најмоќните начини преку кои успевам да се поврзам со себе, да ги изразам емоциите и да пронајдам мир во процесот на создавање.

Загубата на татко ми, иако беше и сè уште е една од најболните рани во мојот живот, ми донесе и длабока инспирација да создавам. Ја чувствувам неговата енергија повеќе од кога било и силно верувам дека неговата љубов и присуство ме водат. Вербата во Бог исто така ми дава сила, насока и доверба во процесот на создавање. Верувам дека преку уметноста сум водена да пренесам пораки на љубов, надеж и светлина, и дека секое мое дело носи дел од таа духовна поврзаност.

Мислам дека токму искреноста, нежноста и ранливоста се она што создаваат најдлабока и највредна уметност. Кога уметникот се осмелува да го покаже своето вистинско јас, тогаш делото добива душа и може вистински да допре до другите луѓе.“

Што правите денес во Мајами?

“Мајами ми даде можност да бидам дел од една прекрасна и креативна заедница, каде што имав можност да се развивам како уметник и да ги споделам моите дела со поширока публика.

По завршувањето на студиите започнав активно да ги изложувам моите дела во Local Art Club во хотелот Arlo Wynwood, каде што учествував на повеќе изложби. Мои дела беа изложени и во White’s Gallery, The Palace, како и во Aura Copeland Gallery, каде што исто така имав можност да бидам дел од неколку изложби.

Посебно значајно искуство за мене беше учеството за време на Art Basel Miami во Azur Gallery.

Денес, десет мои дела се изложени во Melissa Medina Gallery во Сан Диего, Калифорнија.  Едно од нив, „Wings of Forever“, има посебно значење за мене бидејќи е посветено во чест и спомен на мојот покоен татко, Сашо Ѓорѓиевски. Тоа дело носи посебна емоција и е начин преку уметноста да ја зачувам неговата љубов, присуство и спомен. Исто така, за да ја зачувам и негувам љубовта кон пишувањето на еден поинаков начин, создадов свој дневник чија корица ја краси сликата на татко ми и кој е посветен исклучиво на него.

Мојата мајка секогаш велеше: „Што и да боли, нека се претвори во љубов. На крајот од денот, само тоа ни останува.“ И секогаш се водам по ова верување, без разлика на предизвиците и ситуациите што ги носи животот.

Што сакате луѓето да почувствуваат кога ќе застанат пред вашите дела?

“Би сакала барем за миг, да земат здив и да почувствуваат нешто свое. Не ми е важно сите да ја видат истата приказна. Напротив, најубаво се чувствувам кога секој ќе пронајде различно значење. Тогаш знам дека делото навистина живее. “

Што сакате да пренесете преку вашата уметност?

„Сакам да потсетам дека ранливоста и емотивноста не се слабост, туку сила. Верувам дека сите носиме приказни кои не секогаш ги кажуваме со зборови, а уметноста има моќ да ги изрази токму тие емоции. Тоа за мене претставува голема храброст.

Ако некој се почувствува виден или разбран пред моето дело, тогаш сум ја исполнила својата цел.“

Колку е важно човек постојано да учи и да се развива како уметник?

“Мислам дека учењето никогаш не завршува. Секое ново искуство, секој разговор, секое патување или изложба нè менува и како личности и како уметници. Затоа постојано инвестирам во своето образование, истражувам нови техники и барам нови начини да ја раскажам својата приказна.”

Колку е важна поддршката на луѓето околу вас во вашиот уметнички пат?

„Поддршката е нешто кое има огромно значење, особено кога се осмелувате да го следите својот сон и да создадете нешто свое. Уметничкиот процес понекогаш може да биде многу личен и исполнет со моменти на сомневање, затоа е многу важно да имате луѓе кои веруваат во вас и ве потсетуваат дека вреди да продолжите – па дури и да ви ја вратат четката во рака во моментите кога мислите дека повеќе не можете. И тоа ми се случило.

Имам бескрајна благодарност до мојот партнер за целата поддршка, љубов и верба кои ми ги дава. Од него црпам голема инспирација и мотивација да продолжам, да верувам во себе и да создавам со уште поголема посветеност. Тој ме учи на трпеливост, упорност и ме потсетува дека вистинските резултати доаѓаат со време, љубов и истрајност.

Исто така, имам огромна благодарност до моето семејство и до моите најблиски пријатели, кои ги чувствувам како семејство, за целата љубов, поддршка и верба што ми ја даваат. Тие беа и сè уште се покрај мене во различни моменти од мојот живот и ми даваат сила да продолжам и да го следам она што доаѓа од моето срце.

Понекогаш токму таа мала поддршка, еден збор, една порака или една личност која верува во вас, може да биде причината да продолжите да создавате. Бескрајно сум благодарна на нивната присутност во мојот живот.”

Интересно е тоа што вашето милениче е постојано со вас – го носите дури и на изложби. Кажете ни повеќе за вашата посебна поврзаност и за улогата што ја има во вашето секојдневие.

Па, неговото име кажува сè.  Тој се вика Арт и е мој мал асистент и дел од мојот креативен свет. Речиси секогаш е покрај мене додека создавам, додека поминувам време пред платното и додека се подготвувам за нови проекти.

Нашето среќавање навистина го доживувам како нешто што било судено. Начинот на кој се најдовме дојде во еден посебен период од мојот живот и Арт ми помогна многу во моментите на привикнување на новиот живот во Америка. Во период кога ми беше потребно чувство на блискост и сигурност, тој ми донесе топлина, љубов и чувство на дом.

Тоа што е со мене и на изложбите е нешто што ми носи посебна радост, бидејќи на некој начин станува дел од целото мое уметничко искуство. Арт е куче кое многу сака прегратки, а секоја негова прегратка ми носи чувство на мир, блискост и смиреност, особено во моменти исполнети со возбуда и емоции.

Бескрајно сум благодарна што нашите патишта се сретнаа во овој живот.

Верувам дека љубовта и поврзаноста што ги имаме со животните носат една посебна енергија во нашиот живот. Мислам дека токму тие нè учат како да бидеме присутни, да уживаме во моментот и да создаваме од срце.“

Дали постои дело кое ви е особено драго и зошто?

“Секоја слика носи дел од мене, но има дела што остануваат посебни затоа што се создадени во периоди на големи животни промени. Тие не се само слики, туку потсетници на мојот личен раст. Кога ќе ги погледнам, не се сеќавам само на процесот на создавање, туку и на личноста што сум била во тој момент. Некогаш чувството е убаво, некогаш не толку, но сето тоа е дел од мене и од мојата приказна.”

Што за вас значи успех?

“За мене успехот не се мери само со продажби или изложби. Успех е останувањето верна на себе, создавањето дело зад кое стојам со целото мое срце и моментот кога тоа дело ќе допре барем една личност. Тоа е причината поради која почнав да сликам и причината поради која продолжувам да креирам.”

Како би сакале луѓето да ве запаметат?

“Би сакала да ме паметат како уметник кој создава искрено и со душа. Не само по стилот, техниката или боите што ги користам, туку по чувството и емоцијата што моите дела ги оставаат во луѓето.

Ако мојата уметност некому му донесе мир во тежок момент, надеж кога му е потребна или инспирација да се поврзе со себе, тогаш знам дека сум создала нешто навистина вредно. “

Кои се вашите идни планови?

“Продолжувам да творам во Мајами и сакам мојата уметност да стигне до уште повеќе места низ светот. Работам на нови изложби, а во иднина и на проекти за креативни работилници каде што луѓето ќе можат преку уметноста да се поврзат со себе, со своите чувства и со својата креативност.

Мојата најголема желба е секое дело што ќе го создадам да носи надеж и мало потсетување дека убавината често се раѓа токму од нашите најголеми животни предизвици и стравови.

Исто така, голема желба ми е еден ден да направам изложба во моето Скопје. Тоа е сон кој долго го носам во себе и длабоко верувам дека наскоро ќе се оствари.

Дали има некој совет што би им го дале на младите уметници?

„Да не чекаат совршен момент. Најважно е да создаваат, да бидат доследни, да не се споредуваат со другите и да веруваат во процесот. Секој уметник има свој глас, а успехот доаѓа кога ќе соберете храброст да го покажете она што навистина сте.

И секогаш запомнете – вие сте посебни. Секој од нас носи нешто уникатно во себе, нешто што никој друг не може да го создаде на истиот начин.

Верувајте повеќе во себе, во својот глас и во она што го создавате. Понекогаш најубавите изненадувања доаѓаат тогаш кога ќе си дозволиме да чекориме со вера и храброст.”

 

Oсобена благодарност до мојата блиска пријателка Соња Удовчиќ, која стои зад дел од професионалните фотографии во ова интервју, како и до Филип Петровски, кој ми овозможи можност барем накратко повторно да бидам дел од „Пулс 24“

Пронајдете не на следниве мрежи: