Финишира големиот проект „Македонија вработува 2“. Компаниите до 27 јуни можат да ги искористат поволностите и со пониски трошоци да дојдат до потребната работна сила. Податоците на надлежните покажуваат дека досега преку „Македонија вработува 2“ се отворени над 6.700 работни места во околу 4.600 компании, пишува Лидер.-Ги повикувам сите компании да аплицираат и да ги искористат поволностите кои ги нуди овој проект, сè со цел зголемување на вработеноста и креирање нови работни места, вели министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.
Проекциите покажуваат дека продолжението на големиот проект ќе финишира со околу девет илјади нови вработувања.
-Компаниите имаат можност да вработат лица и во наредните три, четири или пет години да имаат одредени ослободувања од плаќање на персонален данок на доход или, пак, придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Ова значи дека вработените кои ќе ги земат на работа ќе им бидат поевтини, затоа што за нив нема да ги плаќаат придонесите или персоналнот данок, зависно од категорија до категорија, бидејќи постојат повеќе категории, главно ранливи категории на лица, меѓу коишто се повеќе други социјално незгрижени лица, објаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Бенефитите од проектот се повеќекратни, бидејќи се отвораат нови работни места, компаниите доаѓаат до потребниот кадар со пониски трошоци, се намалува невработеноста и се искористува човечкиот капитал.
„Македонија 1 и 2“ со околу 30 илјади работни места
Голем број компании го чекаат последниот рок за да ја ангажираат работната сила преку овој проект, па оттука и очекувањата дека заедно со „Македонија вработува 1“, вкупниот број на креирани нови работни места ќе достигне речиси 30 илјади. Овие проекти овозможија невработените да се стекнат со работно место и со редовни приходи, а фирмите да добијат работници по значително пониски трошоци, бидејќи се ослободени од плаќање персонален данок и придонеси за одреден период, во зависност од категоријата на ангажираните работници. Според пресметките, за едно отворено ново работно место преку проектот „Македонија вработува” заштедата на компаниите изнесува околу 1.500 евра.
-Со проектот се намалија трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош, објаснува Миле Бошков од Бизнис -конфедерацијата на Македонија.
-Проектот е многу позитивно прифатен од страна на работодавачите и тие успешно го користат, вели Слободанка Алексова, раководител на Центарот за вработување – Скопје.
Првата фаза од проектот „Македонија вработува“ резултираше со 18 илјади и 500 нови работни места.
-Проектот „Македонија вработува“ е главниот двигател за намалување на невработеноста и отворање нови работни места, вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Опфатени разни категории, фирмите имаат избор
Проектот „Македонија вработува“ опфати различни категории работници, со цел фирмите да имаат избор и полесно да можат да ги задоволат своите потреби. Ова, пак, овозможи да се искористи расположливиот човечки потенцијал.
-Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Во првата група се сместени невработените до 35 години, за кои работодавачот е ослободен од плаќање придонеси и персонален данок три години, под услов да ги задржи на работа уште една година по овој период.
Во втората категорија се долгорочно невработени од 35 до 50 години за кои ослободувањето е пет години.
Со третата категорија се опфатени невработени над 50 години за кои ослободувањето од придонеси е 60 месеци.
Во четвртата категорија се невработени над 58 години и за нив ослободувањето е до старосна пензија. Оваа категорија беше од исклучителна важност за Синдикатите, бидејќи со неа се опфатени голем број стечајци и луѓе кои поради лошата транзиција и затворањето на фабриките останаа на улица.
-Ние долго време имавме мака на кој начин и под кои услови тие работници да се вработат, бидејќи голем дел од стечајните работници имаа проблеми при нивното вработување, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Во последната категорија влегуваат невработени лица во социјален ризик.
Предвидени 10 илјади нови работни места
Годинава со Оперативниот план се предвидува отворање на 10 илјади нови работни места. Вкупно се спроведуваат 22 мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на труд.
-Со реализација на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“, со што значително ќе се придонесе кон намалување на невработеноста која наредната година планираме да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти, вели вицепремиерот Пешевски.
-Во изминатиот период од 2007 до 2016 година беше доста успешно спроведувањето на годишните оперативни планови, при што повеќе од 102.000 невработени лица земаа учество во предвидените програми, мерки и услуги за вработување, од кои приближно 43.400 лица се вработија, вели министерот Ибрахими.
Поголем дел од огласите се веќе распишани, а добар дел од вработувањата се реализираат проеку проектот „Македонија вработува 2“.
-Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, вели директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Невработеноста продолжува да се намалува
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека невработеноста во Македонија продолжува да се намалува и во моментов е на ниво од нешто над 23 проценти. Проекците и на домашните и на меѓународните институции покажуваат дека ќе расте стапката на вработеност, а невработеноста ќе се спушти под границата од 20 проценти, како резултат на спроведувањето на активните мерки и на привлекувањето странски инвестиции.
-Поткрепено со продолжените програми спонзорирани од Владата, создавањето на работни места остана динамично, па стапката на невработеност падна и покрај намалувањето на работната сила, се вели во последниот извештај на Европската комисија.-Ги повикувам сите компании да аплицираат и да ги искористат поволностите кои ги нуди овој проект, сè со цел зголемување на вработеноста и к