Реката Вардар на жителите на град Скопје, во летниот период била вистински рај.
Во старо Скопје покрај кејот на Вардар имало градски плажи, каде што граѓаните уживале во убавото сонце, а се разладувале во уште поубавиот Вардар. Во тој период луѓето можеле да се капат во Вардар, кој тогаш не бил толку загаден како денес.
Местата на реката каде што скопските граѓани можеле да се капат биле одредени со наредба од управата на градот. Освен капачи, честа глетка на реката бил и добитокот што се поел, а се миеле и коли, се перела облека, килими, черги и др.
Најпознати плажи на кејот на Вардар биле Опатија, Офицерска, Градска, Руска и Џачка плажа. Традиција било во недела секое семејство да оди на плажа и да го искористи денот. Децата била пресреќни и си играле во водата и ситниот песок, а возрасните уживале во околните кафулиња и кафеани.
Во тоа време, не било неопходно да се оди на одмор во некој друг град во Македонија или подалеку, бидејќи жителите на Скопје имале сопствено место за разладување и рекреација.
Старите Скопјани се сеќаваат на Градска плажа како место кое им носело среќа, луди игри и место каде што го поминувале секој одмор од годината.
Капењето било дозволено на просторот од мелницата на Јусуф Морина до електричната централа и водоводот на десната страна, а од мелницата на Јусуф Морина до Железничкиот мост, капењето било забрането. На одредени места можеле да се капат деца на возраст од 15 години облечени во костими, додека за деца под 15 години капењето било забрането. Родителите чии деца биле фатени на плажата, биле казнувани со одредена казна.
Посетата на плажите на реката Вардар, освен како потреба и навика, претставувало мода и начин на живот на скопските граѓани.
Во летниот период, просторот од плажата кај аеродромот, па сé до Ханриевиот железен мост, бил преполн со капачи. Но, и плажите се разликувале според своите посетители. Градската плажа кај Идадија била монденска, а на Руска плажа се капеле газдите и побогатиот свет. На оваа плажа се надоврзувала Војничката плажа, па Турската плажа, Циганската плажа и на крај “Мангупската детска плажа”.
Copyright 2013 Puls24 Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Puls24.Реката Вардар на жителите на град Скопје, во летниот период била вистински рај.
Пронајдете не на следниве мрежи: