Ова е оригиналниот наслов на култната црногорска телевизиска серија од раните осумдесетти години на минатиот век. Во неа многу порано од било кој и да претпоставуваше прецизно со космичка точност беше предвидено распаѓањето на Југославија на начин и редослед токму како и што се случи.Со брилијантната изведба на актерите во улога на обични луѓе, рурални јунаци со вродена народна мудрост, со извонредно сценарио и мајсторска режија преку силна симболика во која главната улога ја толкуваше Ѓекна претопена во кристално јасна персонификација на поранешната држава.
Додека ова го пишувам ерупивно почнува да се распаѓа во исти стил една друга многу поголема, но исто така сразмерно неправедна Унија заснована на патерналистичка форма, со народи кои меѓу себе не можат да се поднесат еден со друг, држави со ограничен суверенитет (чудно, зошто автор на теоријата за ограничен суверенитет е Леонид Брежњев) предводени од неспособни лидери и корумпирани Влади.
И оваа Ѓекна ја очекува истата судбина од истите причини, а тоа се: неправеден распоред на доходот на штета на оној кој го создава, а во корист на трутови кој го трошат, што од друга страна предизвикува нерамномерен развој на сите делови на Унијата.
Најглавната причина сепак ќе биде недостатокот на демократија која во Југославија беше маскирана во поимот демократки централизам, а кај овие во вид на реформи пред кои секогаш стои најомразениот атрибут во вистинската демократија “мора’’. Мора ова, мора она, мора така, мора сега, мора после. Дека не сум единстениот кој мисли вака денеска се огласи и директорот на Музејот Аушвиц со својата драматично предупредувачка анализа дека, Европа денеска се наоѓа во потешка ситуација отколку пред Втората Светска војна. Причините што ги наведе за таквите состојби се енормниот раст на национализам, популизам, антисемитизам и ксенофобија.
Сето ова влезе на голема врата во државите таканаречени чувари на демократијата и човековите права и слободи. Во ваква ситуација најзагрозени се државите кои немаат дооформен, ограничен или никаков суверенитет и со тоа стануваат многу лесен плен на блиското и подалечно опкружување. Го молам Господ само тоа да помине без крвопролевање, но според она насилство што го видов во Барселона не е исклучена ниту таа можност. Само сум многу зачуден што таканаречените “чувари на демократија’’ воопшто не го коментираа овој случај.
Од тука, како што реков и погоре мене нема да ми беше воопшто гајле што се случува таму, ако ваквите состојби немаа директна импликација врз мојата татковина. Сериозно сум загрижен за неизвесната судбина на мојата Ѓекна.
Сигурно и затоа последниве денови постојано пред очиве ми излегува една стара илустрација според некои хералдичари грб, на кој Македонија е представена како прекрасна стројна девојка облечена во бела невестинска руба што симблизира невиност и со развиорен бајрак во рацете на кој пишува слобода или смрт.
Е, таа убава, вита, чедна девица наскоро треба да биде силувана обесчестена и посрамотена. Силувана и обесчестена од на сите нам познат силувач, а посрамотена за жал од своите родители кои после грозоморниот чин на обесчестување наместо да го осудат ќе се согласат девојката да се омажи за силувачот. Поточно, да стане една од триесетината жени во харемот на силувачот, но овој пат не како законска сопруга туку како безимена конкубина која ќе раѓа потомство без корен, без потекло и идентитет. Да се потсетиме дека конкубинат е див брак непризнаен од законот многу распростанет во стариот Рим помеѓу патрициј и плебејка во кој таа, плебејката колку и да е убава и паметна нема никакви права за себе и за своето непризнато потомство.
Кум на овој брак од пеколот треба да биде едно ништовно превртливо министерче, префарбано со сите бои од шарената револуција, омразено дури и внатре во самото семејство на СДСМ. Кукавичето се осмелило да го јавне досега нескротениот коњ и да ја превземе улогата на непознатиот петти јавач на апокалипсата врз својот народ и татковина. Како ли само помислил дека ќе го јава тој нескротлив коњ. Се обиделе да го јавнат и многу појаки и повешти јавачи , но биле треснати на земја. Затоа ти порачувам јавај си таму каде што те прилега, на старо магаре свртен со своето безличие кон опашката.
Вие господа, стројници и сватови кој имате намера да направите ваква свадба во вторник, сте на лизгав терен. Нема да ви успее. Во не така дамнешно време кога наместо денешното декадентно живеење царуваше честа, моралот и еснафот ваквите насилни свадби без љубов црквата одбиваше да ги венча и да ги благослови во недела на Христовото воскресение за наук и за одвраќање.
Лажното алиби кое си го подготвивте за утеха на вашата потоната совест веднаш ќе ви се распадне. Народот нема да ви ги прифати застрашувањата за моќта на силувачот заради која мора тој да се слуша. Народот добро знае дека од храброста што сега ќе ја покаже ќе зависи иднината на нивната татковина. Исто така народот знае дека храброста не е привилегија или ексклузивност на поединци туку е сознание и освестување дека опасноста што му виси над главата го протерува стравот.
Светот низ својата историја има многу примери каде послабите, но со силна вера ги победуваат вообразените насилници. На сите нам ни е позната библиската приказна за Давид и Голијат.
Веројатно ретко кој од вас ја имаат слушнато оваа современа вистинска сторија за малиот против големиот. Секој од нас при споменувањето на областа Амазонија првата асоцијација што допира до нас се големи води, непроодни прашуми и деноноќно пеење, гракање и врескање на многуте птици кои заедно во исти хор ја пеат секој својата песна како знае и умее. Само во еден момент целата Амазонија ја обзема гробна тишина. Тоа се случува само тогаш кога втората најситна птица во светот, само неколку милимери поголема од колибрите ќе ја запее својата песна, за која оние што имале чест да ја слушнат се согласуваат дека е најубавата мелодија што воопшто ја слушнале. А таа мала птица која ја замолкнува целата Амазонија која патем кажано е поголема од Европа пее само еднаш во својот живот. И тоа кога? Тогаш кога го гради своето гнездо, својот сигурен дом за своето потомство.
Како во примерот со оваа птица ќе го слушнете истиот глас од оние кои веќе го имаат изградено својот дом полн со духовни и материјални добра за да го одбранат од вас гракачите и врескачите. Тоа бидете сигурни дека е гласот на народот. Ќе ви ја отпее најубавата песна, ќе ве натпее и ќе ве замолчи овој пат засекогаш.
Сега можеме да поразговараме и за вистинската храброст на овие простори. И затоа сакам да ви поставам неколку хипотетички прашања тебе Петре, Диме, Коста, Славе…. Теодора, Марица, Николина, Кристина…
Прво. Дали помниш дека некогаш и надвор од твојата татковина твоите предци и твојот народ се бореле против послаби од себе? Никогаш.
Второ. Дали помиш дека истото ова го правеле против силни? Никогаш.
Трето. Дали помниш дека ова го правеле и против посилни од себе? Колку и да ти е чудно одговорот е пак ист, никогаш.
Четврто. Дали помиш дека твоите предци и твојот народ некогаш и надвор од својата татковина се бореле против најсилни? Секогаш!
Секогаш драг мој пријателе, твоите предци и твојот народ се бореле против најсилните, големи империи, насилно изградени кралства, сојузи и пактови засновани на крв, оган и смрт, квазидемократски унии предводени од групни сили и поединечни велесили. Ете затоа твоите предци и твојот народ се посебни и поинакви од другите, а тебе како личност те прават горд на своето потекло. Затоа ти сега не смееш да потфрлиш, сега, кога е многу полесно и речиси безопасно да бидеш храбар и да го раскрчмиш она што не си го создал. За наследство што го уживаме ние денес положени се многу млади животи и заради тоа ти си должен со своето однесување да покажеш голем пиетет кон нивното дело. За да се увериш во ова доволно е да ги посетиш најголемите гробишта покрај кои секојдневно поминуваш, а не ги забележуваш. Стотици илјади гробови се сместени тука покрај нас, а ние се правиме дека не ги гледаме. А, толку е едноставно. Во подрумите на Државниот историски архив се гробовите на сите наши доброчинители со полно име и презиме. Прашај било кој од нив и ќе го добиеш истиот одговор. На епитафите запишани на нивните надгробни плочи стои одговорот зошто живеел, за кого се борел, како умрел и на која возраст. Се ќе ти биде јасно. Посети ги за да не паднат во заборавав. А ти воспостави ја репродукциската врска со оваа благородна лоза за да не се претвориш во сорта на изумирање. Посети ги и затоа што ако не го направиш тоа ќе станеш многу лесен плен на петтокласни белосветски скулптори кои ќе го изделкаат твојот вистински лик до степен на карикатура. Ај што другите нема да те препознаат туку и сам нема да се препознаеш.
Ако ги посетиш сите добиваме, а ако не одиш ќе изгубиш само ти.
Од твојата татковина грабал и присвојувал кој ќе стигнел. Грабал се и сешто територија, идентитет, култура, наледство, јазик… Тешко дека сега тоа може да се врати. Затоа сега не е важно што ти одзеле, туку дали знаеш што ќе правиш со тоа што останало.
Повикај го оној кој народот секогаш го повикувал кога му било тешко. Само ВМРО знае што да направи од тоа што останало. ВМРО знае да направи многу и од ништо. Сиве овие години опстојувањето на македонскиот народ особено во најмрачниот и најкрвав век во историјата на човештвото нераскинливо и судбински е поврзано со делото на ВМРО. Овој пат не мораш ни да го повикаш ВМРО е секогаш тука.
Малку ли зборува за оваа вечна поврзаност помеѓу ВМРО и народот, записот од почетоков на дваесеттиот век што се наоѓа во мојата матична црква во Охрид. Тогашниот свештеник за малку ќе бил расчинет затоа што надвор од предвиденато со Канон пеење при обредите на погребување додавал. Цитирам ,, Господи боже наш, во овие тешки, мрачни и тажни времиња кога нашите најдобри синови паѓаат како класје пред остар срп, знам дека е голема гужва од нив пред Твоите рајски порти. Чунки, тие што го дале она најскапоценото што Ти си им го вдахнал, го положиле за доброто на својот народ и со тоа заслужуваат нивните души да се населат кај праведниците. Господи ако немаш место во рајот Те молам врати ни ги назад ќе Ти бидат благодарни затоа што нивниот рај е нивната борба, а и нас ќе ни помогнеш полесно да ги издржиме овие тешки страдања на напатениот македонски народ.
ВМРО ги креваше и ги водеше ослободителните востанија, формираше селски заштитни милиции, организираше речиси регуларни воени единици низ планините. ВМРО го бранеше својот народ и за време на балканските војни и за време на двете светски војни и во периодот меѓу нив.
АСНОМ кој многу го сметаат за втемелувач на државноста во Република Македонија и првиот президиум беа составени од луѓе на кои идеологијата им беше доминантно вмровска. Друга работа е што одредени измеќари по налог од надвор сосем исто како и сега извршија истовремено и воен и државен удар и Македонија од самостојна и независна држава ја вовлекоа во водите на омразениот федерализам.
Но, ВМРО никогаш не се предава дојде 1990 година. И тогаш во новоформираната политичка партија ВМРО ДПМНЕ во која беа вградени принципите, критериумите и начелата на изворното ВМРО повторно ја воскресна идејата за независна, самостојна и суверена Македонија и најмногу по негови заслуги и ја оствари. ВМРО ДПМНЕ исто така се докажа дека е секогаш со својот народ и во периодот од 1998 до 2002, а и последниве десетина години додека беше на власт посветено и со љубов работеше за доброто на својот народ за што доби заслужена сатисфакција со постојаното завземање на високи места во горниот дел на табелите за унапредување на севкупниот живот на граѓаните. А не ретко го запоседнуваше и самиот врв на некои табели.
Човеку, можеш да се прикажуваш секако и ваков и таков, но никогаш нема да дознаеш од каква градба си направен ако не застанеш во одбрана на својот народ и својата татковина. Не заборави дека покрај тебе секогаш е времето кое е најобјективен судија и свидетел кој секогаш ја зборува вистината. Изборот е твој. Само од тебе зависи дали времето од тебе ќе направи музеј или ќе го зграпчиш во свои раце да биде твое најсилно оружје со кое ќе станеш современик на времето, што ќе значи безвременост и за тебе. Бирај.
Изрод не е тој што не си го познава татка си, туку тој што се одродил од својот народ.
На крај нешто и за оние мрзливи читатели што ги читаат само заглавијата. Некој, вмровците ги прават националисти, шовинисти дури и фашисти. Неточно. Вмровците се само чесни патриоти кои неизмерно го сакаат својот народ исто толку колку и сите народи.
(колумна на Ламбе Арнаудов, објавена на порталот svest.mk)Со брилијантната изведба на актерите во улога на обични луѓе, рурални јунаци со вродена народна мудрост, со извонредно сценарио и мајсторска режија