Георги Димитров Шкорнов – Ѓакон Евстатиј

Георги Димитров Шкорнов – Ѓакон Евстатиј (1873 – 20. III. 1934) е македонски национален деец,  ѓакон и војвода на Македонската револуцинерна организација. Георги Димитров Шкорнов – Ѓакон Евстатиј (1873 – 20. III. 1934) е македонски национален деец,  ѓакон и војвода на Македонската револуцинерна организација. Бил послушник во Зографскиот манастир, а потоа како ѓакон Евстатиј бил во Пловдив, Солун, Софија и Букурешт, а потоа се враќа во Битолско каде се приклучува на Македонската револуционерна организација. Учествува во Илинденското востание во 1903 г., а по неговото задушување активно учествува во борбите против туѓите оружени пропаганди. Со своја чета зел учество во Првата балканска војна 1912 година, како и во Првата Светска Војна.
Георги Димитров Шкорнов е роден во 1873 година во селото Нострам, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, во семејството на Марија и Димитар Шкорнови. Во 1888 година, татко му кој бил трговец со волна и петнаесет години кмет на Нострам, го испратил Георги на петнаесетгодишна возраст да биде послушник во Зографскиот манастир. Набргу потоа младиот Шкорнов се вклучува во борбата за создавање на самостојна македонска црква. Тоа бил период кога во борбата со Бугарската егзархија за зачувување на автономијата на црковно-училишните општини во Македонија, активно учество земаат и македонските ученици.
По создавањето на бугарската држава, борбата против Егзархијата особено била изразена кај младите во Битолската, Скопската и во Солунската гимназија. Речиси сите македонски ученици се спротивставуваат на бугарската пропаганда која ја спроведува Бугарската егзархија. Повеќе македонски општини (Солун, Дојран, Воден, Кукуш, Струмица и Малешево) се отцепуваат од Егзархијата и решаваат да влезат во Унија со Католичката црква, бидејќи во Отоманската империја немало услови за обновување на Охридската архиепископија. Во декември 1891 година, во Скопје, дури Теодосиј Синаитски води разговори со Бонети, претставник на Католичката Црква во Цариград, во кои бара обновување на Охридската архиепископија за канонско единство со Римската црква.
Во едни такви општестено-политички услови, Георги Димитров Шкорнов се запишува во Католичката семинарија во Солун. Оваа богословија била отворена во 1886 година од Редот на лазаристите во солунскиот парк Зејтенлук и во неа се школуваат деца на униати од Македонија се` до 1913 година, кога грчките власти ги затвараат сите славјански училишта во Солун. Во 1896 година Георги го завршил двогодишното школување, а потоа ја завршил Духовната семинарија во Цариград и како ѓакон Евстатиј бил во Пловдив, Солун, Софија и Букурешт.
Во 1900 година, Ѓакон Евстатиј пристигнал во Битолско, каде се вклучува Македонската Револуционерна Организација. Даме Груев го привлекува кон македонското ослободително движење, а во 1903 година тој се приклучува на четата на Борис Сарафов.  
На Конгресот во Смилево, на Битолскиот револуционерен округ, Ѓакон Евстатиј бил избран за член на Горското началство на Ѓаватоколскиот револуционерен реон. Во текот на Илинденското востание 1903 година, како војвода дејствува во Ѓаватоколскиот реон, кој на почетокот на XX век е одделна нахија во битолската каза, на која му припаѓа селото Смилево. По задушувањето на востанието, Ѓакон Евстатиј или како што го нарекуваат „Црниот војвода“ останува во Македонија и заедно со Даме Груев го обиколуваат Битолскиот и Солунскиот револуционерен реон.
„Црниот војвода“ со својата чета зема активно учество во борбите против туѓите вооружени пропаганди. Во јули 1905 година тој учествува во една од најзначајните борби која се води со четите на српската пропаганда во близина на селото Крапа. Повеќе од 60 четници предводени од војводите Ѓакон Евстатиј, Иван Наумов Алабакот, Арсо Јовев Локвички и Панчо Константинов, даваат решителен отпор на српските прпагандни чети предводени од србоманите Глигор Соколов(иќ) и Тренко Рујанов Крапјанин. Потоа, во 1906-1907 година, Ѓакон Евстатиј бил назначен за околиски војвода во Ресенско, а во 1908 учествува и на Ќустендилскиот конгрес.
По избувнувањето на Првата балканска војна во есента 1912 година, Ѓакон Евстатиј со својата партизанска чета (вод) № 29 на Македонско-одринско ополчение составено од 14 луѓе навлегува во Македонија, каде заедно со четата на воденскиот војвода Григор Џинџифилов водат борба на врвот на Чавките. Тие во текот на октомври го ослободуваат Зборско, Почеп, Кронцелево и други места, а до крајот на месецот ги протеруваат турските сили од Магленско.
Со воспоставувањето на грчка власт во Егејскиот дел на Македонија, четите се повлекуваат на територијата која е под бугарска власт. Незадоволни од исходот на Првата балканска војна, која наместо ослободување на Македонија, по протерувањето на турските војски донесе нова окупација од страна на српски, грчки и бугарски војски, четите на ВМРО предводени од војводите Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Ефтим Спространов, Милан Ѓурлуков, Христо Чернопеев, како и четата на Ѓакон Евстатиј, се групираат и се подготвуваат да се префрлат во Тиквешкиот регион за конечно ослободување на земјата. Тоа ги охрабрува Тиквешките востаници кои го креваат востаничкото знаме на 19 јуни 1913 година и ги ослободуваат Кавадарци, Неготино и околните села. Меѓутоа, по крвавото загушување на Тиквешко востание од страна на српските сили, најголем дел од четите се повлекуваат.  
Ѓакон Евстатиј со својата чета се повлекува, за потоа за време на Втората балканска војна да влезе во Здружената партизанска чета на Македонско-одринско ополчение. Исто така, на чело на комитска чета, учествувал и во Првата Светска Војна, дејствувајќи во Воденско, Мегленско и околината, а по завршувањето на војната повторно емигрирал во Бугарија.
Георги Димитров Шкорнов или Ѓакон Евстатиј умира на 20 март 1934 година во Софија.

Георги Димитров Шкорнов – Ѓакон Евстатиј (1873 – 20. III. 1934) е македонски национален деец,  ѓакон и војвода на Македонската револуцинерна о

Пронајдете не на следниве мрежи: