Ѓорѓија Џорџ Атанасоски порачува: „Не застанувам тука ќе продолжам да инвестирам во развојот на мојата Татковина“

Атанасоски најавува дека во втората половина на 2015 година ќе ја активира Фондацијата “Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“ преку која ќе ги продолжи своите донаторски активности и подршка на проекти за зачувување на Македонскиот национален идентитет и традиционални културни вредностиГ-дине Атанасоски, како претседател на партијата Македонската Алијанса и претставник на дијаспората, како гледате на безбедносната криза која заврши со жртви на страната на Македонските безбедносни структури?
Искрено жалам што морам да констатирам  дека нашата Татковина повторно е исправена пред безбедносни предизвици и закани како цел на различни провокации и терористички акции, насочени кон предизвикување дестабилизација на Македонија, загрозување на Уставниот поредок и територијалниот интегритет. Во името на Македонската дијаспора на семејствата на припадниците на безбедносните сили кои ги положија животите бранејќи ја Татковината, им изразувам најдлабоко сочуство за нивната огромна загуба. Со чувство на огромна тага, болка и горчина, ние од дијаспората се обврзуваме да сториме се’, подвизите на овие големи Херои никогаш да не бидат заборавени.
Ја користам оваа прилика уште еднаш да ги охрабрам сите надлежни државни институции да ги превземат неопходните чекори за целосно расветлување на оваа безбедносна криза.  Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат кој ги финансира терористичките акции, кој ги снабдува со оружје терористите, што е нивната крајна цел и мотиви, дали нашата Татковина и во наредниот период може повторно да биде цел на една спирала од терористички напади на целата своја територија. Македонија мора брзо и ефикасно да се справи со оваа безбедносна криза давајќи одговор на сите дилеми, со што ќе се остранат идни евентуални безбедносни ризици, како внатре во државата, така и пошироко во регионот.
Сакам уште еднаш да потенцирам дека е неопходно да се поздрави присебноста на политичките фактори, особено партиите од Албанскиот политички блок кои со своите ставови дополнително ги охрабрија нашите сограѓани Албанци да им се спротистават на провокациите за создавање на меѓуетнички тензии и судири. Единството на државно-партискиот врв во вакви моменти е повеќе од неопходно. Политичките партии имаат обврска да се воздржат од било какви обиди за печалење на дневно политички поени на актуелната безбедносна криза. Не сакам ниту да се посомневам дека почнувајќи од нападот на караулата на Гошинце, нашата Татковина е цел на нечие смислено сценарио со кое преку нарушен суверенитет од серија на терористички акции, Македонија и Македонскиот народ би бил принуден да се откаже од своето вековно име и идентитет. Актуелната безбедносна криза треба да биде аргумент повеќе за нашите меѓународни сојузници и стратешки партнери дека заради стабилноста на целиот регион Македонија мора час поскоро да стане полноправен член на НАТО Алијансата, без разлика на ирационалните политики на блокади и уцени од нашиот јужен сосед.
 
Во изминатиот период, од САД каде живеете и работите, бевте активен и коментиравте многу актуелни теми во Македонија. Дали е ова една од редовните посети на земјата или имате некоја посебна причина?
Иако се отселив од Македонија, во далечната 1970 година, мојата љубов кон родната грутка, не само што не стивнува, туку со годините се повеќе се разгорува. Без разлика на обемните обврски кои секојдневно ги имам во нашата семејна компанија “Микрофлекс“ со седиште во Мајами, јас не можам да останам имун на случувањата во Татковината, затоа сметам дека е неопходно, како активен чинител во дијаспората, да дадам свое видување за одредени состојби. Во Македонија доаѓам редовно, три до четири пати годишно, иако можам да најавам дека во наредниот период ќе бидам уште почесто присутен тука. Еве да откријам на гледачите, мојата сегашна посета е позврзана со формирањето на Фондацијата “Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“, која ќе стане активна во втората половина на годината, исто така горд сум на фактот дека согласно законските обврски, партијата “Македонска Алијанса“, чиј претседател сум, за рекордно време ги собра потребните потписи за пререгистрација кои ги доставив до надлежниот Суд. Дополнително, во рамките на партиските органи веќе подолг период изработуваме наша нова програмска платформа, која ќе ја промовираме во јавноста. Се разбира, моето присуство ќе го искористам да му помогнам на својот син Николас, кој веќе две и пол години живее во Македонија, и е задолжен за нашите инвестиции во Таковината.
Што е тоа што покрај толку многу успешни години преку Атлантикот, постојано Ве влече назад во Македонија, да инвестирате во татковината, па дури и Вашиот роден син Николас, кој е роден во САД, да го преселите да живее и работи во Вашиот роден Прилеп?
Јас сум долгогодишен бизнисмен кој успеал во САД, имам и Американски пасош, но никогаш не сум, ниту пак имам намера да си ја заборавам Татковината и корените. За еден од моите најголеми животни дострели го сметам тоа што успеав и на моите деца да им ја пренесам љубовта кон Македонија и Македонскиот народ. Да, Николас, иако не е роден во Македонија, самиот одлучи да живее и работи во Прилеп и Скопје и многу сум горд што кај него ја чувствувам определбата да не прави разлика меѓу Македонија и САД, и двете земји подеднакво ги доживува како свои природни огништа.
Мојата визија е дека економски силна и стопански развиена Македонија е најдобрата стратегија за создавање на вистински силна држава која ќе стане отпорна на сите хегемонистички ирационални обиди за дестабилизација на регионот. Затоа, сметам дека како успешен бизнисмен имам обврска да инвестирам сериозни финасиски ресурси во развојот на својата татковина. Само во родниот Прилеп, со инвестициите во “Жито Прилеп“, хотелите “Липа“ и комплексот “Сонце ГА“, во чиј склоп има хотел, ресторан, отворен базен и бензинска пумпа, имаме вработено околу 250 луѓе, што само по себе говори за нашата сериозност во намерите и во иднина да го развиваме капиталот во Таковината.
Сите изминати години сум активен во повеќето организации на македонската дијаспора, особено во Македонската Црковна заедница. Ми преставува огромно задоволство што во 2011 година, од Обединетата Македонска дијаспора, во Вашингтон добив награда-признание за еден од најпознатите Македонски иселеници-инвеститор во родната земја.
 
Која е Вашата визија за Македонија во општествено-политичка смисла?
Јас силно верувам во Македонија и сметам дека ние Македонците имаме право на едно целосно обединување бидејќи Македонија е древна земја која има потенцијал да се грижи и да го негува достоинството на сите Македонци во светот, особено на оние од регионите на Мала Преспа, Егејска и Пиринска Македонија, кои за жал и во 21 век, се уште не ги уживаат основните човекови права на самоопределување и негување на сопствената национална свест.
Исто така сметам дека е општествено одговорно да се борам за заштита и негување на македонското сонце од Кутлеш како историски бренд и многу важно наследство за македонскиот народ. Благодарение на мојата посветеност, финансиски вложувања во кадар и опрема во Македонија долги години, уште од 1994 година, функционира и телевизијата “Сонце“.
Не застанувам тука, и понатаму ќе продолжам да инвестирам во развојот на Македонија, затоа што мојот најголем сон, за што сум подготвен да жртвувам се што материјално сум стекнал во професионалниот живот, е да ја видам Македонија силна и обединета, која непрекинато ќе се грижи за вековното македонско историско наследство и достоинство.
Г-не, Атанасоски, покрај успешниот бизнис, јавноста, особено прилепската, Ве познава како донатор и човек кој ја финансира изградбата на првиот споменик на Александар Македонски, изграден на територијата на Република Македонија?
Сакам да помагам на луѓето. Тоа ме прави среќен човек. Се додека можам и понатаму ќе продолжам да донирам во образовни, хумани и историско важни цели и проекти. Како што најавив на почетокот, во втората половина од оваа 2015 година, тука во Македонија, програмски ќе започне со работа Фондацијата “Ѓорѓија Џорџ Атанасовски“ преку која планирам дополнително да ги унапредам, и преку една организација, да ги координирам сите мои донаторски активности. Инаку, да, точно е дека јас сум првиот Македонец кој со своја приватна донација, уште во 2006-та година го финансираше градењето на првиот споменик на Александар Македонски на територијата на Република Македонија, и тоа во родниот Прилеп, на чија промоција присуствуваше и актуелниот премиер г-динот Никола Груевски. Споменикот е висок 2,80 метри и е поставен на постамент од 3,40 метри. Автор на скулптурата е Жарко Башески.  Со гордост можам да кажам дека сум предвесник на процесот на историското поврзување на сегашните современи Македонци со Античките корени.    

Од осамостојувањето на Македонија, се занимавате со политика, долгогодишен лидер сте на партијата “Македонската Алијанса“, Вашите политички ставови Ве позиционираат во јавноста како искрен патриот, што е тоа што Ве мотивира да сте активни и во политичкиот живот?
Морам да признаам дека јас и во САД се сметам и сум доживеан како активен општествен чинител. Се надевам дека нема да звучи нескромно, но токму заради тоа сум добитник и на бројни награди, меѓу кои и највисокото Американско општествено признание “Елис Ајленд“. Согласно моето политичко убедување јас сум десничар, но во основа соработувам и сум подготвен да соработувам со секој кој и мисли добро на мојата Татковина и народ. Во САД политички сум поблизок до Републиканската партија, а приватно сум поврзан со семејството Буш, едни од најголемите пријатели на Република Македонија.
Мојот политички ангажман во Македонија започна во периодот на осамостојувањето, бев и останав еден од првите поборници за самостојна и независна Македонска држава во најшироки историски и географски рамки. Во 2006-та година на парламентарните избори бев носител на листа во изборната единица 4, и ја промовирав коалицијата “За доброто на Македонија“. На претседателските избори во 2009 година, бев споменуван како потенцијален претседателски кандидат на десницата, иако не влегов во претседателската трка. Долги години ги подржувам и сум покровител на политичките активности на македонците надвор од границите на Република Македонија. Доволно е да споменам дека токму “Македонската Алијанса“ ја помогна и ја подржа политичката активност на Едмонд Темелко во Албанија. Мојата основна цел на политичката активност е насочена кон зачувување на уставното име Република Македонија, унапредување на Македонскиот национален идентитет и обединување на Македонците во светски рамки.
Го споменавте Едмонд Темелко, како гледате на престојните локални избори во Албанија и шансата на Македонците, земајќи предвид дека изборите ќе се спроведат по новата територијална организација, а тамошната Македонска Алијанса за Европска интеграција стана дел од владејачката коалиција на Еди Рама?
Јас ја поздравувам секоја политичка активност која ќе овозможи подобрување на положбата и остварување на правата на Македонската заедница во Албанија. Моите очекувања се дека Договорот за заеднички настап на престојните локални избори на Македонската Алијанса за Европска интеграција со владејачката коалиција предводена од Социјалистичка партија, ќе се искористи како фактор плус за унапредување на правата на Македонците кои живеат во Албанија.
Земајќи предвид дека новиот Закон за територијална организација во Албанија е неповолен за Македонската заедница, повеќе од неопходно е да се изнајде најефикасниот модел за политички активност и настап кој ќе обезбеди успех на престојните локални избори. Се разбира, коалиција со владејачките партии претставува и поголема одговорност за Македонската Алијанса за Европска интеграција,  бидејќи ќе ги зголеми очекувањата на Македонците од сите останати Општини надвор од Пустец, кои со право ќе се надеваат на успех и максимилизирање на гласовите преку поголем број на избрани Македонски претставници во новиот распоред на локално ниво.
Оваа коалиција мора да ги позиционира Македонците како неодминлив и активен политички фактор во Албанското Општество. Битката за остварување на нашите вековни стремежи за обезбедување на достоинствен живот за Македонците кои живеат надвор од границите на Републиката продолжува. Секоја стратегија, план, во конкретниот случај, коалицијата мора да има политичка цел. Во основа, верувам дека коалицирањето со владејачката партија конечно ќе ни изгради пат за унапредување на основните човекови права и демократски слободи на Македонците во Албанија.
Основањето на  Македонски културни центри, фолклорни групи,  обезбедување на програма на Македонски јазик на Државната Албанска телевизија, правична и пропорционална застапеност во Државните институции, стипендии за Македонските студенти, достапност на образовниот процес и изучување на Македонскиот јазик, се цели кои треба да овозможат елементарни услови за унапредување на правата на Македонците во Албанија.
 
Како претставник на македонската дијаспора, како гледате на евроатланските аспирации на РМ?
Ние во дијаспората сме целосно свесни дека стратешки приоритет за сите досегашни Влади на РМ е полноправното членство на земјата во Европската Унија и НАТО Алијансата. Знаеме дека речиси сите анкети во изминативе 20-тина години, покажуваат високо расположение на граѓаните во насока на остварување на овој приоритет.
Сепак, Македонската дијаспора никогаш нема да се согласи, македонскиот народ да ја плати највисоката цена за членството во ЕУ и НАТО, да се смени уставното име и да се обезличи Македонскиот народ. Тоа за нас ќе биде велепредавство кон Македонската држава и народ. Не сум против членството на Македонија во ЕУ и НАТО, но не сум од оние политичари кои тврдат или пак веруваат дека нема алтернатива. Наш најголем сојузник и стратешки партнер останува САД. Мнозинството граѓани на Република Македонија, без разлика дали се Македонци или припадници на помалите етнички заедници, за најголем пријател во меѓународната заедница ги сметаат САД. Ваквиот впечаток особено се засилува после признавањето на Република Македонија под уставното име во 2004 година, како и со отворањето на најголемата Американска амбасада во регионот во 2009 година. Дополнително, после априлскиот Самит на НАТО во Букурешт, каде на Република Македонија и беше спречен влез во Алијансата заради непријателското Грчко вето, во таквата неповолна позиција на нашата земја токму САД на чело со тогашниот претседател г-динот Џорџ Буш и пружи рака и ја отвори можноста да се потпише специјален билатерален стратешко-безбедносен договор меѓу двете држави. За Македонската надворешна политика е најмудро да инвестира во континуирано и непрекинато зајакнување на политичките, безбедносните и економските врски со САД. Нема да биде воопшто наивно ако потенцирам дека искрено верувам Македонија има капацитет да стане 51 sвезда на американското знаме.
Земајќи предвид дека долго и активно ги следите состојбите во регинот, како ќе ги коментирате предлог мерките за градење доверба кои од страна на министерот за надворешни работи Никос Коsиас беа најавени како нов пристап на Грчката Влада на чело со Алексис Ципрас­?
Јас уште пред речиси два месеци, кога прв пат се спомена Грчкиот предлог за таканаречените мерки за градење доверба, од САД апелирав до нашата Влада, особено до Македонското министерство за надворешни работи да биде претпазливо во градењето на ставот кон овој очигледен маневарски потег на официјална Атина. И тогаш и сега сметавме дека новата Влада на Ципрас во замена на конкретни економски потези, со лажна конструктивност кон Македонското прашање, ќе им се умилкува на своите кредитори за да се обиде да ја спаси својата земја од банкрот. И последните ставови на Коsиас, изнесени после средбите во Вашингтон и Њујорк, се уште една потврда дека без разлика од која политичка партија доаѓаат Грчките Влади не сакаат да се откажат од својата досегашна ирационална политика кон Македонија, бидејќи се убедени дека на таков начин ќе ја изгубат довербата на своите гласачи. Коsиас, можеби не е член на Сириза, но затоа е идеолог на сите политики на Грчката левица. Според тоа, убеден сум дека таканаречените пакет мерки за градење доверба не се ништо друго туку се замка на стариот Грчки “волк“, кој сега облекол јагнешка кожа и неуспешно се обидува да се замаскира.Смешни се тврдењата дека Македонскиот народ преку спорот за името ширел некаков иредентизам. На ваквите Грчки ставови не верува нашиот стратешки сојузник САД, а станува се поголем број на земји членки на Европската Унија, кои реагираат на ваквите позиции на официјална Атина.  
Нашата Татковина е жртва на блокадите и уцените на Грчките политички елити, кои бараат промена на Македонското име и идентитет за членство во ЕУ и НАТО Алијанса. Впрочем, тоа го потврди и Меѓународниот Суд во Хаг, кој пресуди во полза на Македонија. Кога јас би бил на местото на Никола Поповски, како министер за надворешни работи, јасно би му порачал на Коsиас дека најпрво треба самите Грчки политичари да си спроведат внатрешно политички мерки за доверба кои ќе им ги сменат нивните погрешни националистички политики, несвојствени за земја членка на Европската Унија. Македонската надворешна политика мора да опстои цврсто на ставот дека за промена на вековното Македонско име и Македонски идентитет нема никогаш да преговараме. Македонскиот народ никогаш нема да се согласи да ја плати највисоката можна цена, со своето обезличување да ги оствари стратешките државни цели-Евроатланските интеграции на нашата Татковина.
Г-не Џорџ Атанасоски, Македонија веќе три месеци се наоѓа во политичка криза како последица на таканаречените политички “бомби“ кои ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за што веќе се спроведува судски процес со тешки обвинувања за шпионажа, уцени, насилство и соработка со странски служби. Како гледате на сето ова?
Македонските политичари и политички партии мора конечно да разберат и да прифатат дека без разлика дали се наоѓаат во позиција и опозиција, имаат одговорност со нивните потези, изјави, програмски цели, залагања, па дури и со својот кадровски избор, никогаш да не ги доведуваат во прашање или да ги загрозуваат стратешките интереси на Татковината. Претходно, од САД, но во оваа неколку недели откако сум во Македонија, морам да признаам дека и јас го делам општиот впечаток на граѓаните и меѓународниот фактор, дека се работи за драматична политика криза која мора час поскоро да има разврска. Јас сметам дека треба да се стори се’ што е во наша моќ, актуелната политичка криза најмалку што може да влијае и да се одрази негативно, или уште полошо да ги наруши меѓународните државни позиции на Република Македонија. Ќе биде крајно разочарувачки, ако актуелните политички настани бидат успешно искористени од официјална Атина како демонстрација на наша внатрешно-политичка слабост и токму заради тоа дополнително ја засилат нивната ирационална политика на условувања и блокади, како уцена за промена на нашето вековно име и идентитет. Република Македонија е независна држава со сопствен Устав, закони и институции, каде власта е поделена на законодавна, извршна и судска. Уверен сум дека е погрешно капацитетот на државните институции после две децении од независноста да се доведува во прашање во зависност од моменталните политичките агенди на големите партии. Уште повеќе, јас како Македонец се чувствувам засрамен, ако стратегијата за решавање на нашите внатрешни проблеми се сведува на чекање асистенција однадвор, што само по себе е признание за недостаток на капацитет и државна зрелост.  За да после таканаречените “бомби“, кои ги објавува опозицијата, граѓаните ја вратат довербата во Државните институции и Обвинителството и Судот во конкретните случаи мора да бидат на висината на задачата, и во објективна и непристрасна постапка, подеднакво да ги расчистат и околностите под кои е прислушувано, но и содржината на материјалите, особено онаму каде има сериозни индиции за сторен криминал. После тоа, политичката одговорност за одредени актери во скандалите ќе стане неминовност.Г-дине Атанасоски, како претседател на партијата Македонската Алијанса и претставник на дијаспората, како гледате на безбедносната криза ко

Пронајдете не на следниве мрежи: