„Gossip Girl“

Тинејџерски хит кој инспирира нови модни трендови
Привлечната комбинација од интриги, лојалност, љубомора и конфузии, како и брзото темпо на случувањата од епизода во епизода, и донесе на серијата огромен број обожаватели од помладата популација.
Тинејџерската серија „Озборувачка“ – серијата, чии автори се Џош Шварц и Стефани Севиџ, се темели на истоимените книги од писателката Сесили вон Цигесар, а премиерно беше емитувана на 19 септември 2007 година на телевизискиот канал „Си-даблју“.Приказната ја раскажува анонимната блогерка „Озборувачка“, чиј глас го позајмува актерката Кристен Бел, а ги следи животите на пет богати и привилегирани тинејџери од њујоршката висока класа. Серена ван дер Вудсен, која ја игра Блејк Лајвли, е омилената девојка во нејзиното средно училиште. Иако најчесто е фина и учтива, има скандалозно минато и голем број врски зад себе, а во одредени моменти знае да биде и прилично бунтовна.
– Една од најзначајните промени кај мојот лик, Серена, настанува кога таа сфаќа дека не е центар на светот, како што претходно ја учеле. Сите овие богати деца се центар на своите светови. Серена сфаќа дека тоа не чини и тоа сознание ја прави посилна личност. Таа се враќа во своето училиште по подолго отсуство, но наместо да продолжи со старото однесување и озборувањата, како што прават сите околу неа, таа решава да се промени – изјави актерката Блејк Лајвли за карактерот кој го толкува.
Нејзина најдобра пријателка, но истовремено и најголем соперник, е Блер Валдорф (Лејтон Мистер), убавата и тврдоглава ѕвезда на женската средношколска елита.
– На прв поглед, па дури и на втор или трет, Блер Валдорф е типична „кучка“. Многу е енергична, заповеднички настроена и дрска, па на почетокот малку ја мразите. Но, потоа ја запознавате и сфаќате колку е кревка, плашлива и млада, и почнувате да се поврзувате со нејзиниот карактер. Блер не е само добра, или само лоша. Всушност, ниту еден лик во серијата не е еднодимензионален. Така, колку повеќе ја запознавате, толку повеќе ја сакате – вели низ шега Мистер за ликот на Блер Валдорф.

 
Актерот Чејс Крафорд го толкува „златното момче“ Нејт Арчибалд, околу кого се тепаат сите девојки, а Ед Вествик се јавува во улогата на проблематичниот женкар и сплеткар со скриена емотивна страна, Чак Бас. Последниот член на групата е Ден Хамфри (Пен Беџли), добродушниот „аутсајдер“ чие семејство се сели на Менхетен, каде што е принуден да стане дел од турбулентното секојдневие на богатите деца.
Освен овие пет главни ликови, во серијата се забележливи и мајката на Серена, Лили, и таткото на Ден, Руфус. Во минатото, Лили и Руфус биле во романтична врска, која се обновува во текот на серијата, за на крај да заврши со брак. Џени Хамфри е помалата сестра на Ден, која се труди да и го преземе тронот на Блер. Џени постепено се зближува со братот на Серена, Ерик ван дер Вудсен, добро и сочуствително момче, кое кон крајот на првата сезона отворено ја признава својата хомосексуалност.
Иако „Озборувачка“ е типична тинејџерска драма, со архетипски карактери и класичен заплет, сепак серијата има модерен аспект, пред се` поради големата застапеност на современата технологија: блогови, најнови мобилни телефони и „гаџети“. Сепак, она што серијата ја прави толку привлечна е комбинацијата од интриги, лојалност, љубомора и конфузии, како и брзото темпо на случувањата од епизода во епизода. Така, на пример, само во првите 13 епизоди, колку што трае првата сезона, авторите успеаја да вклучат можна бременост, предлог за брак, обид за силување, развод, неуспешно самоубиство, уцена, зависност од дрога, секс во тројка и нарушување во исхраната.
Освен тинејџерските сплетки, огромен интерес предизвикува начинот на кој се облекуваат ликовите во серијата. Голем дел од женската популација, особено помладите девојки, ја следат серијата за да ги видат новите модни парчиња кои се појавуваат во секоја епизода.
– Серијата e водечки моден тренд кај младата популација и силно влијае врз малопродажбата – изјави Стефани Соломон, моден директор во „Блумингдејл“, додавајќи дека најчести клиенти се тинејџерки и млади девојки во своите 20-ти години.

 
„Озборувачка“ претставува и можност за некои дизајнери да ги презентираат своите нови парчиња облека. „Ти се допаѓа мојот нов ’Нанет Лепор‘?“, прашува еден од ликовите во една епизода. Лепор, модна дизајнерка од Њујорк, изјави:
– Штом некој од нашите фустани ќе се појави во серијата, веднаш добиваме повици. Доаѓаат млади девојки, кои точно знаат што носеле ликовите, и го бараат тоа парче облека.

 
 
Овој тинејџерски хит го промени и моделот за успешна телевизиска серија. Имено, уште пред да почне да се емитува, „Озборувачка“ веќе имаше две групи на сигурни гледачи. Едната група беа фановите на продуцентот Џош Шварц, кои со нетрпение очекуваа каков ќе биде неговиот следен проект, по „Округот Оринџ“. Другата група беше војската од млади девојки кои го прочитале серијалот книги на писателката Цигесар.
Сепак, по премиерата на серијата, се покажа дека бројките на гледаност се многу слаби: епизодите во просек ги следеле по 2,5 милиони луѓе. Проблемот беше во тоа што тинејџерите не ја гледаа серијата на телевизиските екрани. Наместо тоа, голем дел од нив ги купуваа епизодите од онлајн-продавницата „Ајтјунс“, каде што секое наредно продолжение редовно се искачуваше на првото место на листата на продаваност. Уште поголем број тинејџери бесплатно ги симнуваа постарите епизоди од серијата од Интернет-страната на „Си-даблју“. Најпосле, дури и одговорните лица во рејтинг-компанијата „Нилсен“ мораа да признаат дека „Озборувачка“ и се обраќа на многу млада и технолошки „поткована“ публика, што нејзиниот рејтинг не може да се мери според класичните методи.
Секако, ова не е првата телевизиска серија која постигнала успех на Интернет – во тој поглед, успешни беа и сериите „Изгубени“ и „Канцеларија“ – меѓутоа, се чини дека „Озборувачка“ е првата серија чиј успех најмногу се должи на Интернетот.
И покрај стереотипната приказна, дел од критичарите сметаат дека серијата нуди одреден општествен коментар. Според нив, во карикартурната димензија на ликовите сепак можеме да препознаеме реални особини на дел од њујоршката висока класа: мајките кои сакаат да ги обликуваат своите ќерки, стилски и карактерно, татковците кои уживаат во пороци, и децата кои ги преживуваат сите вообичаени тинејџерски преобразби, додека се трудат да го заземат своето место во општествената хиерархија. Всушност, шоуто претставува ефикасна социјална сатира, која истовремено ги исполнува и исмева човечките хедонистички фантазии.
– Ми пречи кога луѓето ја гледаат серијата само како лесна забава, бидејќи сметам дека е повеќе од тоа и се надевам дека ќе го издржи тестот на времето. Серијата е остроумна и интелигентна. Пишувачкиот тим е составен од емотивно интуитивни луѓе, чии текстови се во иста мера инспирирани и од насловите во весниците, и од нивниот приватен живот. Секако, црпиме идеи од поп-културата, но и од класици како „Опасни врски“ и „Големиот Гетсби“. Ликот на Блер може да ги цитира Чехов и Бритни Спирс, и сметам дека токму таа чудна комбинација е она што ја прави „Озборувачка“ различна од другите серии – изјави Џош Сафран, еден од продуцентите на серијата.

 
 Се чини дека главните ѕвезди од серијата не можат да избегаат од озборувања дури и во нивниот приватен живот. Најпрво, интерес предизвика фактот дека петте млади ѕвезди се, всушност, група пријатели кои се дружат и надвор од филмскиот сет. Потоа се јавија гласини дека Пен Беџли и Блејк Лајвли, кои во серијата ја глумат љубовната двојка Ден и Серена, се пар и во приватниот живот.

За Лајвли се зборуваше и во контекст на нејзиното наводно непријателство со Лејтон Мистер, која во серијата истовремено е нејзина најдобра пријателка, но и најголема соперничка. Американскиот љубимец Чејс Крафорд излегуваше со победничката на „Американски идол“, Кери Андервуд, но преголемиот медиумски притисок ги принуди да ја прекинат врската.
 Приказната ја раскажува анонимната блогерка „Озборувачка“, чиј глас го позајмува актерката Кристен Бел, а ги следи животите на пет бога

Пронајдете не на следниве мрежи: