Веќе се надзираат првите плодови од беспрекорните услови за работа, кои вардаровите фудбалери ги имаат во својот тренинг-камп, во населбата Хиподром.Последните три кола од домашното првенство, вардарците ќе ги дочекаат со пет бодови предност на врвот од табелата и се многу блиску до освојувањетто на јубилејната, десетта шампионска „круна“ во клупската историја. Нашиот играч од средниот ред Влатко Грозданоски, кој за првиот тим на Вардар дебитираше во сезоната 2002/03 и беше дел од три различни шампионски генерации, направи историска паралела помеѓу условите за работа во минатото и денес.
„Разликата е како помеѓу денот и ноќта. Сите знаеме како беше не само пред една деценија, туку буквално до пред изградбата на тренинг-кампот. Постојано се селевме од населба во населба и трениравме на разни, алтернативни терени. Сега е веќе сосем поинаку. Јас девет години од мојата кариера минав во странство и слободно може да кажам дека конечно добивме европски камп со сите пропратни услови. Благодарност до г-динот Сергеј Самсоненко, кој ни ги овозможи овие услови за работа, а нам ни преостанува да возвратиме со добри игри и врвни резултати. Со пуштањето во употреба на трнинг кампот, се направи првиот чекор кон создавањето на еден европски Вардар. Едноставно, секој голем клуб треба да го има она што Вардар го доби. На крајот на краиштата, овие услови не се направени само за нас играчите од првиот тим, туку на нив еден ден ќе тренираат и помладите, кои во иднина ќе нѐ наследат“, вели Грозданоски.
На интернационален план, популарниот Влатче играше за шест екипи, во четири различни земји, распространети на два континенти (Европа и Азија). Како фудбалер за кого слободно може да кажеме дека го „прошетал“ светот, Грозданоски вели вардаровиот тренинг-камп, воопшто не „заостанува“ во споредба со она што го имаат на располагање останатите клубови, за кои досега настапувал.
„Сите екипи каде што сум играл во мојата досегашна кариера, имаа свои тренинг-кампови. Особено би го издвоил спортскиот центар „Вујадин Бошков“ во Нови Сад, каде што има шест фудбалски терени, од кои едниот е со вештачка трева. Како вардарец во срцето, искрено се радувам што сега и ние може да се пофалиме со нешто слично. Благодарение на сето она што се направи изминативе две години, Вардар прераснува во голем клуб. Да бидам искрен, за нашите македонски услови на кои бевме навиканати, ова е дури чудно, бидејќи никогаш, ниту еден македонски клуб немал нешто налик ова што го имаме ние. Меѓутоа, Вардар отсекогаш бил фудбалски бренд ‘број 1’ во нашата татковина, а со изградбата на тренинг кампот, сега сме уште поголем клуб“, додава миленикот на армијата вљубеници во „црвено-црните“ бои.
Грозданоски, исто така раскажува како тој и неговите играчи го минуваат слободно време, во нивниот професионален дом.
„Пред и по завршувањето на тренинзите имаме масажи, а откако ќе завршиме со предвидените активности на фудбалските терени, сите заедно одиме на ручек во кантината. Храната е навистина вкусна и ги содржи потребните нутритивни вредновсти, според режимот на исхраната кон кој се придржуваме како професионални фудбалери. Во слободното време, претежно пиеме кафе со соиграчите во бифето. Пред натпреварите кога имаме карантин, времето во мојата соба најчесто го минувам читајќи книги, бидејќи тоа ме опушта повеќе од сѐ останато. Понекогаш, заедно со цимерот Драган Ќеран гледаме и телевизија, особено доколку на програмата има некој интересен натпревар“, гласеше завршниот коментар на нашето десно крило.
Извор: fkvardar.mk
Последните три кола од домашното првенство, вардарците ќе ги дочекаат со пет бодови предност на врвот од табелата и се многу блиску до ос