Македонија беше меѓу ретките земји во Европа која помина со полесни последици од светската економска и европската должничка криза, чии последици се чувствуваат и денес. За мала економија како нашата таквиот подвиг не ќе беше можен доколку тргневме во дефанзива и чекавме кризниот бран во целост да не поклопи. Ние се втурнавме во кризата со полн налет на антикризни економски мерки и политики, како и бројни мерки за подобрување на бизнис климата и привлекување нови инвеститори.Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во денешното обраќање на семинар организиран од Демократската младинска заедница на Европа и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ на кој учествуваат подмладоци на партиите од десницата од повеќе земји од Европа.
Според него, резултатот се отворени над 150.000 нови работни места, висок раст на капиталните инвестиции и на странските директни инвестиции и 3 отсто просечна стапка на економски раст од 2007 година наваму што е четврто најдобро остварување споредено со земјите членки на ЕУ и земјите од регионот. БДП по жител како основен индикатор за степенот на развој на економијата се зголеми од 2.471 евро во 2005 на 4.392 евра во 2015 година што е пораст за 78 проценти.
– Во време кога во другите земји почнаа да се зголемуваат даноците ние ги намаливме. Останатите земји го зголемуваа ДДВ, данокот на добивка и преземаа многу други непопуларни мерки за компаниите и тоа сигурно би ги олеснило условите за справување со светската економска криза, но ние знаевме дека работниците и фирмите ќе настрадаат ако го направиме тоа, рече Груевски во своето обраќање насловено „Економиите во 21 век како да се изгради стабилност во посткризен свет“.
Тој посочи дека во 2009 година, првата година кога започна кризата, во Македонија беше воведен нула данок за нераспределена добивка од плаќање данок, мерка која траеше во целиот период на траење на економската криза се до лани, а како резултат на која 80 до 100 милиони евра остануваа во фирмите. Тоа се, додаде, околу 480-500 милиони евра кои наместо во Буџетот на државата останаа во фирмите што, вели, позитивно влијаеше за позитивно работење на домашните компании во најтешките моменти за економијата. Во делот на инфраструктурата во годините на кризата, додаде Груевски, настапивме со такви мерки и политики кои значеа целосен ангажман на градежништвото, изградба на булевари, катни гаражи, јавни капитални објекти и сл.
– Со финансиска стимулација од три милијарди евра капитални инвестиции се овозможи поддршка за македонските градежни компании при што градежништвото во сите изминати години бележеше рекордни двоцифрени стапки на раст. Помагајќи на градежништвото помогнавме и на 25 други гранки кои се поврзани со градежништвото, а со тоа овозможивме работа за стотици фирми и плата за десетици илјади вработени во тие фирми. Во исто време во кое кај нас се бараше работник повеќе во другите земји имаше и масовни отпуштања, кај нас тоа не беше случај, рече Груевски.
Тој укажа дека во периодот 2007-2015 година капиталните инвестиции забележаа висок раст и изнесуваа 173,8 милијарди денари што е, вели, значително повеќе споредено со 31,8 милијарди денари во периодот 2003-2006 година. Се осврна и на даночните политики за привлекување инвеститори.
– Благодарение на нашите даночни политики, политиките за привлекување инвеститори, како и политиките за олеснување на бизнис условите во време на криза кога капиталот беше во грч и кога многу фабрики низ Европа згаснаа во време кога инвеститорите беа со големи задршки во поглед на нивните планови, во Македонија продолжи тенденцијата на прилив на странскиот капитал и отворање нови фабрики и нови работни места, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека благодарение на таквите политики голем број реномирани глобални компании донесоа одлука за инвестирање во Македонија и отворија фабрики во сите делови на земјата. Кумулативно странските директни инвестиции за периодот 2007-2015 година достигнаа 2,271 милијарди евра и се повисоки за 1,498 милијарди евра во однос на 2003-2006. Овие инвестиции, додаде тој, во голема мера влијаеја на невработеноста, а Македонија беше една од ретките земји која успеа не само во услови во криза не само да не дозволи да се зголеми невработеноста, туку значително ја намали. Отворени се рекордни над 150.000 нови работни места, а стапката на невработеност која во земјата во 2006 изнесуваше 38 проценти, денес 10 години подоцна на 24,6 отсто што е историски најниско ниво во последните 18 години.
– Иако и оваа стапка на невработеност се уште не ги задоволува нашите императиви, сепак можеме да констатираме дека Македонија е една од ретките земји во Европа во која невработеноста се намали во текот на кризните години и се уште продолжува да се намалува. Тоа е благодарение на нашите политики и со исто темпо ќе продолжиме и во наредниот период. Борбата за намалување на невработеноста, привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места и понатаму останува број еден приоритет во новата Програма на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски.
Тој посочи дека политиките кои помогнаа да се излезе од економската бура со помали последици со разни подобрувања се актуелни и денес. Потсети дека во 2014 Македонија имаше четврти највисок економски раст во Европа, а македонската економија оствари раст на БДП од 3,5 отсто. Лани и покрај бегалската криза, геополитичките предизвици и внатрешните политички опструкции, посочи Груевски, продолжи трендот на раст на економијата. БДП забележа раст од 3,7 отсто што е едно од најдобрите остварувања во Европа.
– Согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции се очекува Македонија во 2016 и 2017 година да оствари највисоки стапки на раст споредено со земјите од регионот, рече Груевски.
Тој меѓу другото подвлече дека во најновиот Извештај на Дуинг бизнис 2016, на Светска банка и ИФЦ е рангирана на 12. место меѓу 189 земји во светот и шеста во Европа според условите за водење бизнис. Воедно најновиот Извештај на Стандард и Пурс кој е, вели, еден од најдобрите потврдувачи на добрите економски политики го потврди стабилниот кредитен рејтинг ББ на Македонија. Значајно во Извештајот, меѓу другото, рече Груевски, е и тоа што се укажува дека буџетскиот дефицит на земјата е одржлив, односно укажува на стабилност во однос на задолжувањето.
– Се чини дека засега одличните економски политики успеваат да одолеат на предизвиците од политичката криза во Македонија иако тоа создава многу проблеми и има свое влијание. Сигурен сум дека економските резултати коишто досеа се постигнати би биле уште поголеми и позабележителни да ја немаше политичката криза. Реалноста е дека во изминативе две години нашата земја навлезе во длабока политичка криза наметната од опозицијата. И покрај се што се случуваше ние не скршнавме од патот кој значеше отворање нови работни места, поддршка на стопанството, привлекување нови инвестиции, градба на капитални објекти како патишта, болници, училишта, рече Груевски.
Порача дека народот е тој кој на избори ќе одлучи за иднината на државата. – На Македонија и треба крај на кризата, а почетокот на крајот се изборите кои треба да се случат на кои народот ќе одлучува. Македонија мора и ќе продолжи да оди напред, истакна Груевски во обраќањето.
На форумот, кој продолжува и утре, се обратија и претседателот на УМС Владимир Нелоски и претставникот на Демократската младинска заедница на Европа.Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во денешното обраќање на семинар организиран од Демократската младинска заедница на Евро