Во продолжение имате можност да го прочитате третиот дел од интервјуто со Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ за Телеграф.мк, каде што се осврнува на темата СЈО и дали се плаши од неговата работа, дали очекува истраги и обвиненија против него лично, за одлуката на Уставниот суд поврзана со изборите и какви беа очекувањата доколку се одржеа изборите на 5 јуни, како и за аболициите од претседателот Иванов.Груевски, воедно, во интервјуто за Телеграф одново го активира предлогот кој ВМРО-ДПМНЕ го даде минатиот август, за Активна регистрација на гласачите во земјава, односно секој кој сака да гласа, самиот да се регистрира.
Т: Зборувавте за начинот на работа на СЈО и методите што ги користи. Сметате дека вака ќе продолжи и во иднина?
– Не само што ќе продолжи, туку сигурно и ќе зајакне. Заев е незадоволен од СЈО. Досега од СЈО не успееја да го убедат народот во она што и тој не успеа лани со бомбите, јавната поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и понатаму расте, а не опаѓа.
Т: Дали се плашите од СЈО?
– Кај никого досега не забележав страв од фактот што се формира СЈО, кое треба да истражува што се случило во некои ситуации од нивното работење. Тоа ме охрабри и ми потврди дека луѓето навистина работеле посветено и чесно. Но кога се видоа методите со кои почнаа да работат, а за кои сега кажав, нормално се појави загриженост кај луѓето кои се таргети на СЈО и СДСМ, но и кај останатите што го следат процесот.
Но, бргу потоа кај голем дел таа загриженост и стравот поради непрофесионалното и пристрасно работење на луѓето во СЈО помина, откако разговаравме и сфативме дека со вакви методи тие не можат да успеат. Можеби кај некого сè уште има страв дека со злоупотреби на функциите ќе му наштетат, но многумина од нас на луѓето што користат вакви методи гледаме како на прочитан буквар, кој постапувајќи со омраза и партиски мотиви, само ќе нè направи посилни.
Всушност, целта на луѓето од СЈО, меѓу другото, беше да внесат страв. Мислам дека тие не ја прочитале нашата историја, ниту добро ја познаваат нашата религија. А најмалку од сè, нас лично. Или имаат тотално погрешна перцепција за нас или така сакаат да мислат заради лични партиски мотиви.
Т: Мислите ли дека ќе покренат истраги и обвиненија против Вас лично?
– Се разбира, кога работат луѓе политички мотивирани, јас сум им главниот таргет како претседател на партијата која СДСМ повеќе од 10 години не може да ја победи.
Еден куп луѓе ќе малтретираат и веќе малтретираат за да ги заплашат или заглават, па да ги користат како лажни сведоци против мене. Ќе следат прес-конференции на кои ќе се пењават да ме прикажат како зол човек, криминалец, недемократ, измамник и слично. Ќе пробаат со сите методи.
Нема да успеат. Напротив, ќе постигнат спротивен ефект. Прочитани се. Еден ден ќе се срамат од тоа. И пак на следните избори, кога и да се, СДСМ ќе загуби, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата, и тоа посилно од она што ќе го добиеше сега.
Т: Дали верувате дека по извесен период многу работи ќе станат појасни, или дополнително ќе има оптоварување на состојбите?
– Јас сум сигурен во себе и во она што сум го правел и работел. Затоа што верувам дека правдата секогаш победува. Не сум човек кој сака да остави сомнеж за што било, затоа што верувам во чесноста и знам што значи таа.
Подготвен сум на местенки, па и на моја елиминација
Јас кога влегов во политиката, знаев дека влегувам во политика, а не на балетска претстава, ги знаев методите со кои многу политичари низ историјата биле атакувани и бев, и сè уште сум, подготвен на сè, во смисла да бидам нападнат. На секакви удари и предизвици. На секакви подмолни местенки и обвинувања, вклучително и на моја лична елиминација.
-Секогаш сум работел чесно и сум убеден во тоа. Секој има грешки, но стратешки грешки, или грешки со цел злоупотреби или финансиска корист немаше. Да не заборавиме, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, Македонија беше на 105. место по перцепцијата за корупција во светот според „Транспаренси интернешнл“. Ние борбата против корупцијата ја ставивме како приоритет, и сега сме на 66. место, пред неколку земји членки на ЕУ или НАТО, на пример. Така што обидот да се извртат тезите, да се заменат улогите, не држи. Затоа сум сигурен во себе. Јас сум човек со силна волја и верба во тоа што го правам. Ќе го надминам и овој предизвик.
Т: Каква победа очекувавте сега на изборите, ако се одржеа на 5 јуни?
– Според сите истражувања, таа ќе беше слична како на изборите во 2014. Тоа ќе беше силен одговор на лагите дека сме украле 150 илјади гласа или слични небулози. Но, колку повеќе ги пролонгираат кризата и изборите, толку повеќе гневот кај народот кон нив ќе расте, и поразот ќе им биде поголем.
Т: Што е со Избирачкиот список, ова беше тема која е предмет на огромни полемики?
– Кога станува збор за изборните списоци и манипулациите дека не биле пречистени, потсетувам дека минатиот август ВМРО-ДПМНЕ понуди таканаречена Активна регистрација на гласачите. Тоа значи, за да нема дилеми и сомневања, со измена на закон да се тргне од тоа дека никој не е запишан на изборните листи и дека секој што сака да гласа да добие 2-3 месеци во кои самиот, со легална исправа за идентификација, лична карта или пасош и со биометриски податок, ќе се регистрира.
Повторно предлог – Кој сака да гласа, сам да се пријави
Еве сега повторно го реафирмирам. Ајде, ако се согласни, може и сега да се спроведе. Тоа би претпоставило, на пример, дека помеѓу 1 јули и 15 септември, или ако сакаат 15 јануари, секој што сака да гласа би отишол на едно од многуте законски договорени места низ Македонија да се легитимира и да се потпише дека сака да гласа и да остави електронски отпечаток од прстот. Потоа, само тие луѓе ќе можат да гласаат.
Пријавувањето, освен во Македонија, би можело истовремено да се прави и во сите дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија низ светот, така што би ѝ се дала шанса и на целата дијаспора, вклучувајќи ги оние што летово нема да дојдат во Македонија, кога најчесто доаѓаат, со тоа ако се регистрираат во Амбасадата или Конзулатот, ќе треба да потпишат и каде ќе гласаат, во Македонија или во државата каде што живеат или престојуваат.
Потоа, при гласањето повторно прстот ќе го стават на електронски уред за да се провери идентитетот. Ако некој каже дека може да има проблеми со интернетот, би одговорил дека не мора да е онлајн проверката, туку може и офлајн. Во секое избирачко место во компјутерот би ги имало електронските отпечатоци на оние што се регистрирале, така што може и без интернет.
Во времето на регистрацијата ДИК би спровела кампања за информирање преку медиумите и лично на домашна адреса би го информирала писмено секој гласач за можноста да се регистрира ако сака да гласа.
Гласањето во Америка е со активна регистрација. Зошто не би било и во Македонија? Значи, почисто гласање и чист избирачки список од ова, здравје. Но пак ќе кажам, проблемот не е во Избирачкиот список, туку во немањето поддршка кај народот и поради тоа се јавува потребата да се најде изговор за да се одложат изборите. Ако лани во август го прифатеа, до јануари ќе беше готова активната регистрација. И како потоа ќе ги одложеа изборите на 24 април?
Т: Кои ќе се Вашите следни активности, а кои нивните?
– Ако треба кратко да одговорам, ќе кажам, ние ќе градиме и ќе создаваме, ќе правиме реформи, ќе решаваме проблеми, ќе се бориме земјата да оди напред. Тие ќе продолжат и понатаму сè да негираат и да плукаат, на секоја прес-конференција сè посочно ќе нè нарекуваат криминалци. Знаете како она кога крадецот вика држете го крадецот.
Ќе чекаат и од СЈО да ни поднесе истраги и обвиненија, да нè влечка по судови во обид да создаде перцепција кај народот дека навистина сме криминалци. Ќе продолжат со деструкции, протести со платени протестанти и со вандализам, ќе ја продлабочат деструкцијата. На крај, кога ќе дојдат изборите, кои нема да можат да ги одбегнат, ќе сфатат во каква заблуда биле.
Т: Минатата недела имаше бурни, за некого и неочекувани случувања. Посебно беше возбудлива средата. Како Вие гледате на развојот на политичките настани досега и во иднина?
– Да, Уставниот суд донесе одлука која не беше во насока на нашите активности и очекувања. Но, ја прифативме бидејќи е конечна судска одлука на овој суд, и практично немаме избор. Ние бевме затекнати со промената на одлуката на ДУИ и ДПА во однос на учеството на изборите, и од тоа што нè оставија сами како коалиција од 21 партија да излеземе со изборна понуда.
Иако од 55 регистрирани партии во земјата нашата коалиција има 21 партија, што е без малку половина од партиите, сепак, воопшто не бевме среќни од тоа само една листа, само една понуда да има на гласачите. Во крајна линија тоа е лошо и за имиџот на земјата. Затоа размислувавме, и потоа изјавив, дека сме подготвени веднаш после изборите на 5 јуни да имаме уште едни избори на кои би им се дала шанса на граѓаните да имаат избор.
Сепак, по одлуката на Уставниот суд, парламентот веднаш почна да функционира. Ги донесовме неколкуте закони што беа договорени во работните групи пред првото пролонгирање на изборите во февруари.
Во следниот период, доколку има соодветно време до изборите, ќе се посветиме на европската агенда, на итните реформски приоритети, и на законски решенија во Собранието кои ќе го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
Т: Вие покажавте и разбирање и несогласување со одлуката на претседателот за аболициите.
– Да, и го објаснивме тоа. Разбирање, затоа што веруваме дека намерата беше добра, онака како што тој ја објасни во неговите излагања. Помирување и приближување кон крајот на политичката криза. Несогласување затоа што некако влеговме во ист кош со луѓе кои имаат сторено криминал и за кои има легално прибавени докази. Особено затоа што тие исти луѓе не го вадат од уста зборот „криминалци“ кога говорат за нас. А поголеми криминалци од нив нема. Луѓе кои веќе еднаш добија аболиција за криминал. Во ист кош со луѓе кои со години си ги делеле тендерите во општините каде што се на власт со роднините и партиските соработници.
Иванов го гледаше државниот интерес
Инаку, познавајќи го претседателот Иванов, знаејќи дека тој е човек кој секогаш интересите на државата и на граѓаните ги става пред своите лични интереси, и кој е спремен да преземе и лични ризици за да даде придонес во напредокот на земјата, не се сомневам дека направи чекор со намера да го заштити државниот интерес. Јас верувам дека сè што кажа во образложението и го мисли. Тој навистина сака да постигне помирување, од кое корист би имала државата.
Ако го гледаше личниот, а не државниот интерес, ќе си молчеше и ќе набљудуваше, кога и онака СДСМ одби негово посредништво во кризата.
И конечно, сите ние кога носиме некаков суд за некои крупни и стратешки одлуки, забораваме дека сите крупни одлуки вистинската вредност ја добиваат кога ќе се погледнат од една временска дистанца. Можеби по 3, 5 или 10 години многумина од оние што сега се нафрлија врз него и неговиот обид за помирување поинаку ќе гледаат на неговата одлука, а во навредите искажани кон него ќе ја препознаат својата слабост и кратковидост.
T: Заев рече дека пак сте преземале еднострани чекори и дека ќе сте постапеле како што тој бара.
– Видете, тој како прво, политичката битка ја сведе на лична битка со мене, а не на платформа за подобра Македонија. Полн е со гнев и фрустрации кон мене лично, и со лична фиксација. Затоа и губи, и ќе губи. Сè што човек прави воден од омраза завршува со неуспех. Него го води омразата, и не може да се ослободи од тоа. И нема да се ослободи. Посилно е од него.
Мене ме води идеологијата на нашата партија и желбата за напредок и успех на Македонија, за повеќе нови работни места, за нови инвестиции, повисоки плати, пензии, субвенции, повеќе инвестиции во патишта, водоводи, да им се обезбедат евтини куќи на помладите, работа и посреќен живот, во Македонија.
Ние веруваме во вредности, а не во омраза како СДСМ
Ние сме партија која покрај проектите, делата и реформите, функционира и на база на идеологија која има свои столбови поврзани со нацијата, традициите, вредности и вредносни критериуми, семејството, заштитата на приватната сопственост, поддршка на сиромашните, помагање на претприемачите, односот кон индивидуалецот и неговата среќа, но и кон народот и државата како причина за наше постоење и дејствување како партија, интегритетот на поединецот и нацијата, образованието, патриотизмот, историјата на нашиот народ и граѓани, иднината на земјата, заедничките цели.
Нашата идеологија е поврзана и со нашето име на партијата и со историјата. Тоа длабоко вкоренето чувство на идеологија е особено важно во периоди на криза и тогаш е основното сврзно ткиво, особено меѓу оние што се во партијата од идеолошки причини.
Кога веруваш во некои вредности и те носи некоја идеологија, подготвен си и на поголеми лични ризици, може и да паднеш од власт, но имаш сила пак да се повратиш и да успееш. Тоа членството на СДСМ го нема, или ако го има, е во минорна димензија. Нив ги води само личниот интерес и желбата за власт, за што се подготвени сè да направат, со секого да се здружат и подготвени се буквално на сè, вклучувајќи и за работи што се антидржавни. Тоа најчесто ги води во амбис. Затоа таму се инфилтрираат различни групации кои не можат да се идентификуваат едни со други, вели Груевски.
Извор: Телеграф.мкГруевски, воедно, во интервјуто за Телеграф одново го активира предлогот кој ВМРО-ДПМНЕ го даде минатиот август, за Активна регистрација на гласачи