Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на годишната конференција на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ на сите жени во ВМРО им изрази јавно признание и благодарност за огромниот придонес, енергија, влог, посветеност и резултати во партијата.-Вие, кои одамна сте еден од клучните столбови на ВМРО, веќе прераснавте во институција за респект. Вашата грижа, вашата посветеност, вашата работа, вашите успеси се за восхит, како во партиското работење, така и многу од вас на кои им се доверени државни функции и одговорности. Јас и сите мои соработници денес се гордееме со Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ. Ве имаме секаде каде сте потребни на нашиот народ и во добро и во лошо и во поплави и кај настраданите семејства од пожари, во помош на ранливите категории, но и во креирањето на партиските и државните политики, планови и стратегии и нивното спроведување. Унијата на Жени денес е респектабилен фактор, не само во партијата туку и пошироко, рече Груевски.
Посебни честитки упати за претседателката на Унијата на жени, Даниела Рангелова,за која како што рече со целиот свој тим се вложи во работата на Унијата, што се гледа и по резултатите и бројните активности.
-Со вас заедно, со вашиот силен ангажман, одиме многу посигурни и постабилни на голема победа со 63 пратеници, на изборите на 11-ти декември, рече Груевски.
Лидерот посочи дека и досега имале многу проекти кои им го олеснувале животот на жените во Македонија, но најави и нови проекти во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ.
-Досега многу работи поврзани со жените ги ветивме и реализиравме. Се овозможи неплатено родителско отсуство, надоместок за плата поради бременост, раѓање и родителство, 15 месеци породилно отсуство за мајка на близнаци, се донесе законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се изврши зголемување на посебните додатоци, додаток за трето дете, се изградија над 80 детски градинки, се изградија 532 станови за млади брачни парови, се намали ДДВ-то за бебешки производи, се воведе и прошири проектот за бесплатно ин витро за трето и четврто дете и мноштво други мерки и проекти. И со новата програма се предвидуваат многу нови мерки и проекти со кои ќе се помогне или олесни животот на жените и мајките, истакна Груевски.
Сигурно се сеќавате на времето кога слушавме само вести во кои фабрики се затвораа, работници се отпуштаа од работа, ние дури и во состојба на криза го намалуваме бројот на невработени и носиме инвестиции подобрувајќи ја бизнис климата, порача денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на конференцијата на Унијата на жени на партијата.
-Не е попусто што Светската банка не прогласи за држава која е петта најдобра во Европа и десетта најдобра во Светот според добрата бизнис клима и добрите услови за правење бизнис. Се објави дека од нас во Европа со подобра бизнис клима се само Данска, Англија, Шведска и Норвешка, кои пак од друга страна имаат многу високи трошоци за правење бизнис. Е затоа, секој месец имаме најави или почеток на градба или почеток со работа на неколку нови инвестиции. Така, два дена откако американската фабрика Леар на која работеше Веле Самак, официјално почна со работа во Тетово и ќе обезбеди најмалку 2.000 директни вработувања, од кои 500 веќе работат, денес можам да најавам уште неколку. Прва добра вест е дека една Чешка голема компанија која се занимава со железнички транспорт и шински возила донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи најмалку 600 невработени лица, при што во првата фаза ќе вработи 150 до 200 лица. Тие планираат да отворат нов погон за одржување на шински возила во Скопје, со кој ќе ги сервисира активностите поврзани со железнички транспорт на компанијата во повеќе земји од поширокиот регион. Се планира инвестиција во вредност од 20 милиони евра и се очекува изградбата да почне во првата половина на 2017-та и за неполна година да започне со работа. Поранешниот инвестициски промотор во Јапонија, кој пред две години се врати и го ангажирав во мојот кабинет во Владата во секторот за привлекување инвестиции при кабинетот, Бојан Петровски ја води оваа инвестиција. Имаме дозвола да го кажеме и името на компанијата, се вика Локо Транс, истакна Груевски.
Втора добра вест која тој денес ја соопшти е тоа дека американска компанија влегува на македонскиот пазар отворајќи канцеларија во Битола со план да вработи 300 лица.
-Тие обезбедуваат техничко-административна поддршка на осигурителната индустрија, маркетинг услуги и преку социјалните медиуми и медицинско кодирање на итни центри за грижа во Америка. Она што е предност е што ќе се вработат млади и добро квалификувани дипломци за што ќе се обезбеди и професионален тренинг. Оваа инвестиција ја води министерот Џери Наумоф, чие потекло е од битолско и видно забележливи се неговите напори да донесе повеќе инвестиции за Битола. Трета добра вест е за Крива Паланка. Словенечка компанија во браунфилд објект ќе отвори производство на ранци за деца кои ќе ги пласира на европскиот пазар. За почеток ќе започнат скромно со 50 вработувања со развојни планови за раст и за градба на гринфилд објект. Исто така инвестиција која ја обезбеди Џери Наумоф, откри Груевски.
Четврта добра вест е што американската компанија Амфенол, почнува со градба нов погон за автомобилски делови во Кочани.
-Амфенол веќе има две фабрики и три погони во Кочани. Градбата на третата фабрика и четврт погон треба да заврши во средината на 2017-та и да отвори нови директни 400 работни места. Со сите нивни фабрики постоечки и новата Амфенол ќе достигне 2.500 нови вработувања, рече Груевски.-Вие, кои одамна сте еден од клучните столбови на ВМРО, веќе прераснавте во институција за респект. Вашата грижа, вашата посветеност, вашата работа