Населените места од општината Кривогаштани ќе бидат дел од проектот „Рурални развојни зони“ со кои се предвидуваат даночни и други ослободувања, како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја.Ова го истакна денеска на собир со граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој ја презентираше програмата „Реално“ на оваа партија и коалицијата „За подобра Македонија“ за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Проектот „Рурални развојни зони“, како што кажа Груевски, ги опфаќа селата Боротино, Воѓани, Бела Црква, Пашинорувци, Обршани, Подвис, Славеј, Врбјани, Годивје, Крушеани, Кореница и Кривогаштани.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека преку овој проект ќе се овозможи намалување на невработеноста во руралните подрачја, што е и една од мерките предвидена со новата програма на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така во фокусот на програмата меѓу другите се и домувањето, инфраструктурата, а Груевски најави продолжување на силната поддршка за земјоделството во вид на субвенции.
– Предвидуваме 600 милиони евра субвенции, зголемување на субвенциите на 60 отсто за набавка на трактор, механизација, опрема и подигање насади, рече Груевски пред жителите на Кривогаштани.
Исто така, со програмата се предвидува доделување неповратни средства во висина до 10.000 евра за младите земјоделци кои влегуваат во земјоделски бизнис.
Предвидени се пакети за поддршка на инвестициски проекти за преминување на малите земјоделски стопанства во повисока развојна категорија со кофинансирање до 90 отсто.
Груевски истакна дека доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите на 11 декември ќе воведе професионални земјоделски советници за македонските земјоделци и унапредување на земјоделското производство.
Тој зборуваше и за намалувањето на невработеноста и отворањето нови работни места. Рече дека се отворени 160.000 нови работни места во земјата и дека започнаа со работа голем број нови компании. Со програмата на ВМРО-ДПМНЕ е предвидено бројката на невработените да се намали за уште 70.000.
Во однос на поддршката на младите луѓе, Груевски посочи на проектите како „Купи куќа за млади“ и исто така мерката со која се предвидува програма за кредитирање на претпријатија кои ќе вработуваат млади лица до 29 години. Целта на оваа програма е да се стимулираат заинтересираните претпријатија да отворат нови работни места за млади лица до 29 години за што се поддржани со кредит во износ од 4.000 евра по лице или вкупно за вработување до три лица во износ од 12.000 евра со грејс-период од една година и две години рок за враќање на кредитот со каматна стапка исклучително ниска од 1 отсто на годишно ниво.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред жителите на Кривогаштани најави изградба и целосна реконструкција на улици, атмосферска канализација и пешачки патеки на улиците „Никола Карев“ и „Македонски просветители“ во Кривогаштани и „Илинденска“ во Славеј. Исто така, ќе се заврши и втората фаза на канализација во Славеј и Крушеани.
Планирана е и канализациска мрежа во Бела Црква и Воѓани каде што ќе се изгради нов водовод, доводен цевковод за приклучок од регионалниот водовод „Студенчица“ од Бело Поле до Бунарско Поле во Славеј, нова детска градинка и реконструктивни зафати на училиштето во Кривогаштани и ново кошаркарско игралиште.
– Ќе спроведеме чистење на коритото на Црна Река и уредување на критичните точки во должина од 60 километри, рече Груевски.
Тој ги повика жителите на Кривогаштани масовно да излезат на изборите на 11 декември и да го дадат својот глас за себе и за своето семејство и, како што рече, за Македонија.Ова го истакна денеска на собир со граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој ја презентираше програмата „Реално“ на оваа