Нема да прифатиме идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, обележјето на македонскиот народ и нашиот јазик, категоричен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за хрватски „Вечерњи лист“.Во интервју за хрватски „Вечерњи лист“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, зборува за политичката ситуација во земјава, како и за причините поради кои одби да ја прифати албанската платформа која беше потпишана во Тирана, а под надзор на албанскиот премиер Еди Рама.
Во продолжение го пренесуваме во целост интервјуто на Груевски за хрватскиот весник.
ВЛ: Зошто сметате дека коалицијата на Зоран Заев со албанските партии е државен удар?
– Тешко е да се одговори во неколку реченици бидејќи сè што е спорно за нас се случува во еден подолг период, во последниве две и пол години. Имам јасна потврда дека албанската платформа, која ги обедини СДСМ и албанските партии, е направена во Тирана. Албанските медиуми уште кон крајот на минатата година објавија дека официјална Тирана подготвува нацрт-документ за политичките партии на Албанците во Македонија. Тој документ, кој го составил албанскиот премиер Еди Рама, според оценките на медиумите во Албанија, ги обединува интересите на сите Албанци.
Како што веќе и кажавме, формирањето на новата влада во Скопје е од особен интерес за Тирана која ги „брани интересите на Албанците во Македонија“. Има ли некаде во регионот и пошироко случај во кој странски влади подготвуваат платформа која би била основа за формирање некоја идна влада во некоја друга земја? Значи, таков став имаат само во соседна Албанија, но и партиите на Албанците во Македонија, што за нас е неприфатливо.
ВЛ: Тоа е единствената причина?
– Тоа е главната причина, а постојат и други. Македонија има одредени специфичности, како и секоја друга земја. Уште во 2008 година беше воспоставен принцип „победник со победник“, што значи дека релативниот победник, во коалиција со Албанците и партиите на помалите етнички заедници, формира влада. Сега гледаме спротивна ситуација. Албанците, иако имаат само 20 мандати од 120 члена во парламентот, се во ситуација да одредат со кого ќе коалицираат и да изберат кој ќе биде на власт, а кој во опозиција. Овој пат се решија да застанат до СДСМ, кој ги изгуби изборите. Со тоа ја изиграа волјата на мнозинството од Македонците кои дадоа глас за формирање влада со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Сега, спротивно од тоа што го велат и ДУИ и меѓународната заедница, мнозинството Македонци треба да бидат во опозиција, додека албанските партии и поразената македонска партија се спремни да ја водат албанската платформа, чија цел е двојазичност на целата територија на Македонија, бинационална држава, федерализација на државата и брза промена како на името, така и на идентитетот на народот, што ние нема да го дозволиме.
ВЛ: Зошто пропаднаа вашите преговори со албанската партија ДУИ, која е традиционално ваш сојузник, и кои беа спорните услови што ги постави претседателот на ДУИ, Али Ахмети?
– ДУИ не е наш традиционален сојузник, тоа е ДПА, но поради принципот „победник со победник“ влеговме во коалиција со ДУИ. Преговорите пропаднаа поради фактот што не изнајдовме заеднички јазик и не бевме подготвени да прифатиме сè што беше поставено на маса. Нашето начело беше дека сакаме да формираме влада, но не по секоја цена.
Ние немаме ништо против зголемување на правата на етничките заедници, вклучувајќи го и јазикот на Албанците во општините каде што се над 20 отсто. Но имавме сериозни забелешки во однос на елементите што Македонија би ја редефинирале од мултиетничка во бинационална држава, која би се претворила во конфедерација.
Предлозите што ги нудеа сериозно ги повредуваа и се косеа уставните одредби, поради што и не можевме да ги прифатиме. Уште од самиот почеток нашиот став беше дека немаме намера да преговараме според платформата од Тирана, што беше неприфатливо за ДУИ. Тоа што ние не го прифативме, бидејќи сметавме дека е опасно за Македонија, го прифати Зоран Заев. Поради тоа и луѓето излегоа на улица.
ВЛ: Стравувате ли дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за недоделување на мандатот на Заев би можела да ја вовлече земјата во граѓанска војна?
– Одлуката на претседателот Иванов е мудра, таа е во корист на македонскиот народ и не би смеела да доведе до подлабока криза. Тоа што гледаме дека ја турка земјата во криза е прифаќањето на платформата од Тирана, како основа за формирање на идната влада. Земјата влезе во криза поради договорот меѓу СДСМ и ДУИ, кои сакаат да ја редефинираат државата и да го поткопаат македонскиот идентитет.
Луѓето поради тоа имаат право да бидат вознемирени бидејќи такво нешто како што е платформата и таквите услови не беа спомнувани пред изборите. Сега граѓаните се почувствуваа измамени и изманипулирани. Заев прифати во парламентот да се донесе одлука со која македонските власти би ги осудиле Србите за геноцид над Албанците, што за нас е неприфатливо.
ВЛ: Но правните експерти велат дека Иванов со недоделувањето на мандатот на Заев го прекршил уставот?
– Многумина експерти тврдат и сосема спротивно, односно дека претседателот Иванов постапил согласно Уставот. Доколку некој смета дека претседателот Иванов го прекршил Уставот со својата одлука, тогаш нека покрене соодветна постапка пред надлежните тела.
ВЛ: Албанците тврдат дека и вие исто така сте ја прифатиле нивната платформа, но сте одбиле да ја потпишете бидејќи барале од вас реформи во правосудството, а тврдат дека сте биле дури и пофлексибилен од вашиот колега Заев?
– Подобра формулација би била „дел од Албанците“. Портпаролот на ДУИ во една телевизиска емисија потврди дека нивното претседателство не било задоволно од тоа што било договорено со нас по прашањето на јазикот. Тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила сите барања се целосно неточни. Ако е тоа точно, зошто тогаш ДУИ не коалицира со ВМРО?
Што се однесува за реформите во правосудството, вистината е дека целосно се согласивме после само пет минути дебата, како и дека се договоривме тоа да биде на дневен ред на идната влада.
ВЛ: Голем е притисокот од меѓународната заедница, дали ќе попуштите?
– Ние на Заев му понудивме поддршка за формирање влада, само да се откаже од платформата од Тирана. Јавно кажавме дека нашите 51 пратеник ќе гласаат за неговата влада, без да бидеме дел од таа влада. Но, поставивме услов, да ја отфрли тиранската платформа. Тој го одби тоа и како некој што ги изгубил изборите ќе мора да прави отстапки доколку сака да формира влада. Заев е исплашен дека ако не формира влада ќе биде кривично казнет за многу криминали за кои сега се водат постапки против него.
ВЛ: Кое е решението за албанското прашање во Македонија?
– Македонија е една од ретките, ако не и единствена земја во Европа, во која припадниците на етничките заедници уживаат големи права. Тоа воедно е наше богатство. Не смееме да дозволиме да го изгубиме таквото богатство. Треба постојано да се работи на унапредување на правата и на Албанците, и на Турците, и Србите, Хрватите, Ромите, Власите и на сите други во рамките на Уставот, европските принципи, ненасилно и без уцени, како и без мешања однадвор.
ВЛ: Во последно време многумина аналитичари тврдат дека Албанците сонуваат за „голема Албанија“ во која би ја вклучиле и Западна Македонија?
– Сакам да верувам дека сонот за „голема Албанија“ е само минато и дека единственото обединување на целиот регион ќе се случи во рамките на границите на европското семејство.
ВЛ: Постои ли чувство дека Македонија е оставена и од Западот и од Истокот? Воедно, Европската Унија и НАТО, како дел од Западот, никогаш не се потрудија да ја скротат Грција, која сепак можеме да ја наречеме како дел од Истокот, а која ја блокираше Македонија поради името?
– Блокирањето на влезот во НАТО и прекинот на преговорите за членство во ЕУ се поради една причина. Проблемот го создава соседна Грција, која тоа не го дозволува поради нашето име. Сите други услови ги исполнивме уште во 2008 година. На наша страна ја имаме и пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, но, барем засега, Македонија неправедно останува надвор од евроатлантските структури.
ВЛ: Дали Русија денес ѝ е партнер на Македонија?
– За ВМРО-ДПМНЕ евроатлантската ориентација останува главен избор. Прозападната ориентација е во коренот на нашата партија. СДСМ е партија која потекнува од поранешниот Сојуз на комунистите и која имаше двоумење дали Македонија треба да биде одвоена од Југославија. ВМРО-ДПМНЕ секогаш се труди да имаме што повеќе партнери на меѓународната сцена, но никогаш не сака да отстапи од своите приоритети.
ВЛ: Дали како премиер би се согласиле на промена на името Македонија?
– Нема да прифатиме промена на Уставот направена со цел да се менува името на Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, обележјето на македонскиот народ и нашиот јазик. Нема да дозволиме да биде прифатен каков било став од политичари поединци, влада или собрание, а без претходно за тоа по пат на референдум да се изјаснат македонските граѓани.
ВЛ: Дали ЕУ ѝ е должна на Македонија за тоа што успеа да го запре новиот прилив на мигранти кон Европа?
– Не сакаме на тоа да гледаме како на некој должнички однос. ЕУ треба да го смени својот однос кон Македонија, но не затоа што нешто должи, туку зашто треба да се придржува до начелата на правдата.Во интервју за хрватски „Вечерњи лист“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, зборува за политичката ситуација во земјава,