Европската комисија против расизам и нетолеранција на Советот на Европа, искажа загриженост за подемот и активностите на „Златна зора“. Тие ја опишаа како неонацистичка, расистичка и ксенофобична политичка партија. Додека пак Грчката јавност е во шок поради тоа што нетрпеливоста и расизмот влегоа и во Собранието.
Грчките парламентарци и воопшто грчката јавност останаа во шок кога слушнаа дека во законодавниот дом на оваа држва се извикува „Хајл, Хитлер“.
Имено, овој инцидент во Собранието на Грција беше инициран во петокот по расправијата помеѓу заменик-претседателот на Собранието, Јанис Драгасакис, и пратеникот на Златна зора, Панајотис Илиопулос, околу навредите на Илиопулос за лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас.
Претседателот на Собранието Драгасакис прв пат во историјата на грчкото Собрание го повика собраниското обезбедување, применувајќи го законот за отстранување пратеник од седница на Собранието откако кавгата ескалираше за само неколку секунди.
Поради оваа одлука пратениците од „Златна зора“, почнаа да извикуваат „Аплаудирајте гниди“, „бедници“, а пред обезбедувањето да ја заврши својата работа, истите одлучија сами да ја напуштат салата. Во тој момент се слушна три пати „Хајл, Хитлер“.
Пратеникот на СИРИЗА, Јоргос Панѕас, изјави дека први поздравот го извикале пратениците на „Златна зора“, а потоа тој иронично им одговорил: „Извадете го пиштолот и застрелајте не'. Хајл, Хитлер“.
Радикалните десничари демантираат дека извикувале нацистички поздрав, вртејќи го прстот кон СИРИЗА. Се' уште не е разјаснето точно кој ги изговорил другите нацистички поздрави, поради тоа што претесдателот на Собранието нареди да престане да се запишуваат коментарите од радикалните десничари по нивните вулгарности.
Однесувањето на „Златна зора“ беше осудено од страна на сите политички партии во грчкото Собрание, а владејачката Нова демократија не се ограничи само на радикалните десничари, туку го осуди и однесувањето на радикалните левичари СИРИЗА.
Грција во својата историја има запишано голема борба против фашистичките сили во Втората светска војна, како и борба против режимот на воената хунта.
Но, и покрај тоа неонацистичката „Златна зора“ веќе една година останува трета најпопуларна политичка опција во државата.
– Треба да почнеме да го гледаме коренот на проблемот. Да се запрашаме како дојде до тоа 7 отсто од народот да ја гласа оваа партија, како дојдовме до овој хаос. Дали можеби е вина на останатите пратеници од другите партии што „Златна зора“ стана популарна? Народот гласаше за да им се одмазди на политичарите, кои смета дека ја уништија земјата. Што ќе направат тие практично за народот да не ги гласа „Златна зора“, вели аналитичарот од тинк-тенкот ЕЛИАМЕП, Јоргос Ѕогопулос.
Последните случувања предизвикаа голема загриженост за иднината на државата, нејзиниот имиџ во очите на меѓународната јавност и уште повеќе ја продлабочија дискусијата како државата успешно да се справи со „Златна зора“ и да го пресече натамошното ширење на популарноста на радикалната десничарска нацистичка партија.
Јавноста е во шок, најмногу поради фактот дека се' уште не е најден соодветен механизам за да се спречи „Златна зора“ уште повеќе да излезе надвор од контрола.
Расте загриженоста дека со однесувањето на оваа партија и користењето уличарски фрази на седниците почнува се' повеќе да се потценува Собранието. Процените се дека ова однесување воопшто не е случајно, туку дел од стратегијата на „Златна зора“ целосно да го урне имиџот на Собранието во очите на јавноста.
– Идејата би била да ги наведат граѓаните да веруваат дека Собранието е полно само со крадци и измамници, а тие, „Златна зора“, се единствените искрени внатре кои се грижат за грчкиот народ, коментираат политички аналитичари.
Грција стравува дека што и да направи државата и медиумите за да ги демаскираат пратениците на „Златна зора“ и да ја покажат во вистинска светлина нивната екстремна идеологија, тоа на крајот повторно им оди во прилог на радикалните десничари.
Според порталот за критичка мисла „Протагон.гр“ со фактот што Драгасакис одлучил да ги исфрли „Златна зора“ кога користеле навреди, а не отстранил во минатото пратеници од други партии кои користеле пцости и недолични фрази само им помага на неонацистите да соберат поени меѓу народот.
Проблемот е деликатен и комплексен, не е лесен како отстранување медицински фластер од раната.
„То вима“ пишува дека борбата со Златна зора, во суштина, е борба со внатрешниот непријател на Грција. „Златна зора не се само 500-1000 хипернационалисти, покрај нив има проширена мрежа на нивни поддржувачи, стотици илјадници граѓани кои ги гласаат и им аплаудираат. Ова е голем проблем со кој треба да се справиме“, пишува весникот. Оценува дека лесно би било за ненадејната популарност на нацистите да се оправда со економската криза, но фактот е дека во Грција уште поодамна тлее непријателот наречен расизам, нетолеранција и насилство, кој сама го создала.
И како случувањата во Собранието да не беа доволно, во текот на вчерашниот ден во писмото што грчките неонацисти го испратиле до Исламската заедница во Грција, златнозорците им се заканија на грчките муслимани и од нив побараа во следниот еден месец да ја напуштат земјата.
Од друга страна во извештајот на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа, комесарот за човекови права Нилс Мужиенекс изрази својата длабока загриженост за подемот и активностите на „Златна зора“ и ја опиша како неонацистичка, расистичка и ксенофобична политичка партија, која е претставена во парламентот на Грција.
Многумина предупредуваат дека предлогот на ПАСОК и на комесарот Мужиенекс, „Златна зора“ да биде прогласена за неуставна и со тоа отстранета од Собранието, но и казнета за нејзините активности, ќе има контраефект и ќе ги прикаже претставниците на оваа партија како обесправени херои, особено во круговите на граѓани со пониско образование.
Извор: kurir.mkЕвропската комисија против расизам и нетолеранција на Советот на Европа, искажа загриженост за подемот и активностите