Хармонизација на енергетскиот пазар со стандардите на ЕУ

Македонија како дел од позитивните регулативи за пристапување кон ЕУ презема одредени обврски и во областа на енергетиката.Тоа се поголем број на обврски, но две мерки се исклучително важни за енергетскиот пазар во Македонија:
1.Либерализацијата на пазарот на електрична енергија,
2.Обновливите извори на енергија во Македонија и Европа и нивно влијание на пазарот на електрична енергија.
Секоја од овие области има свое влијание во енергетската сфера, но и пошироко врз целокупната економија.
Либерализација на пазарот на електрична енергија е процес што подразбира конкуренција во делот на снабдување со електрична енергија, односно слобода на фирмите да изберат снабдувач на слободниот пазар. При тоа сметките за електрична енергија се поделија на два дела и тоа една за користење на мрежата која се плаќа кон операторот на мрежата и не е предмет на слободен пазар, односно оваа цена е регулирана од Регулаторна комисија за енергетика (пошироко објаснување има на eds.com.mk) и вториот дел за електричната енергија која ја троши компанијата.
Овој втор дел е на слободен пазар и компаниите може да избираат помеѓу повеќе снабдувачи. Како и што своевремено (пред април 2014 година) беше најавувано, овој процес предизвика промена на односот кон клиентите со поголема коректност од страна на снабдувачите, но пред се и најважно со значително намалување на трошоците за електрична енергија на овие компании. Во првиот чекор на либерализацијата на слободен пазар излегоа околу 200 компании. Тоа се компаниите кои имаа над 50 вработени и над 10 милиони евра приход. Тие сите заедно трошеа околу 700 GWh енергија годишно и нивната просечна цена во тој момент изнесуваше 96 евра/MWh.
После либерализацијата просечната цена на овие компании (со вклучена мрежарина) изнесува помалку од 70 евра/Mwh. Значи нивната заштеда беше во прв чекор просечно околу 26 eвра/MWh или во апсолутни бројки тие сите заедно заштедија повеќе од 18 милиони евра. Тоа се пари кои останаа во овие компании и ја зголемија нивната конкурентност, отворија простор за да бидат пренасочени кон инвестиции. Притоа со ништо не се намали квалитетот на снабдување, напротив поради конкуренцијата клиентите беа со поголемо внимание третирани од страна на снабдувачите.
Следниот чекор на либерализацијата е од 1-ви јули 2016 и на слободен пазар ќе бидат нови 190 компании и уште еден одреден број на општини и јавни претпријатија. Сите овие заедно трошат околу 250 GWh енергија и можат да ја очекуваат истата заштеда, како и првата група, што значи нови 6,5 милиони евра ќе останат во македонските компании за зголемување на нивната конкурентност и можност за инвестиции.
Во овој момент сите компании кои трошат повеќе од 1.000 MWh годишно треба да се заинтересираат за овој п,роцес, пред се заради нивни финансиски бенефит. Преку овие бројки конкретно се прикажува какво е значењето на овој процес пошироко за економијата во Македонија. Ова посебно важи за дејностите кои се значително зависни од електрична енергија, односно каде електричната енергија влегува со голем процент во цената на нивниот производ.
Секако на оваа погодува и намалувањето на цената на електричната енергија која дополнително во последната година им донесе заштеда на фирмите, па така сега цената на електричната енергија (во зависност од напонското ниво на приклучок) за најголем дел од клиентите со најновите договори е веќе на ниво близу до 60 евра/MWh.
Ако тоа се спореди со нивната цена кога беа на тарифа од 96 евра/MWh, ќе мораме да признаеме дека разликата е многу значителна. Улогата на ЕДС тука е голема, со тоа што направи сериозна конкуренција на пазарот на постојниот снабдувач. Без таа конкуренција веројатно процесот немаше да биде толку ефикасен и бенефитен.
Останува прашањето дали овие фирми ќе го видеа овој бенефит доколку не беше либерализацијата на пазарот на електрична енергија? Мислам дека одговорот сите го насетуваме. Вториот сегмент што има големо влијание врз пазарот на електрична енергија се обновливите извори на електрична енергија. За тие кои го следат пазарот на електрична енергија во Европа (кој се разви благодарение на Европската енергетска регулатива) нема да биде изненадување намалувањето на цената на електричната енергија на европските берзи. Тоа се должи на повеќе параметри како што се намалувањето на цената на нафтата и гасот, но и многу мерки кои ја намалуваат потрошувачката на енергија на пазарот и со тоа се создава вишок на енергија.
Тоа се следните состојби и мерки: намалување на активноста на економијата посебно во индустријата која троши многу енергија како на пример металургијата, користењето на технологии кои се енергетски поефикасни, зголемувањето на енергетската ефикасност во домовите. Секако, сето ова влијае на цената, но сепак не објаснува како цената на електричната енергија падна до неверојатните 25 евра/MWh на годишно ниво. Тоа е и под производната цена на електрична енергија во термоелектраните на јаглен.
Ова беше изненадување за многу актери на пазарот, но не и за тие кои ја кројат енергетската политика во Европа и точно тоа беше целта која се сакаше да се постигне долгорочно, како што впрочем и треба да се размислува во енергетиката. Тие кои се занимаваат со енергетика ако немаат план и прогноза за следните 10 години тие воопшто и го немаат. Тајната на ова намалување лежи во обновливите извори на енергија во Европа. Кој имал прилика да патува низ западноевропските земји или да ги надлетува со авион, ќе забележи огромен број ветерници, фотоволтаични електрани и мали хидроелектрани. Што навистина се случи? Државите согласно eвропската регулатива за поттикнување на обновливите извори воведоа бенифицирани цени за откуп на електричната енергија од обновливи извори.
Тоа беше неопходно затоа што во спротивно немаше можност овие капацитети да се изградат и да бидат конкурентни со цена на термоелектраните на јаглен кои беа главниот извор на енергија, но воедно и главни загадувачи. Тоа во даден период ја оптовари цената на електричната енергија за сите потрошувачи. Но, паметните држави тоа го гледаа како инвестиција во иднината и долгорочна енергетска стратегија.
После истекувањето на периодот на бенифицирани цени денес обновливите извори во Европа се генератори на ниските цени. Обновливите извори немаат можност да ја складираат енергијата, па затоа нивните сопственици мораат да произведуваат и за ниски цени, а во спротивно ќе ја изгубат енергијата. Фотоволтаичните електрани произведуваат кога има светлина, малите хидроелектрани немаат брани и езера, па доколку истече водата не може да се врати во планина, а ветерниците ако има ветер имаат и технички проблем ако не произведуваат. Сопствениците на овие капацитети во периодот на бенифицирана цена ги имаат исплатено инвестициите, па сега и со ниски цени ги покриваат оперативните трошоци.
На тој начин тие ја „туркаат” цената на електричната енергија ниско. Со тоа се постигна посакуваната цел. А тоа беше прво да се замени „нечистата” енергија со чисти извори на енергија и второ да се намали цената на енергијата да се обезбеди конкурентност на eвропската економија наспроти конкуренцијата во светот, на пример Кина и Русија, каде енергијата беше драстично поевтина. Заклучокот од сето ова е дека обновливите извори не се само влог во почиста животна средина туку и стратешка определба за обезбедување на долгорочни евтини извори на енергија и придонес на создавање на услови за конкурентност на својата економија.
А како влијаеше градењето на малите хидроелектрани пошироко на економијата во Македонија? Во Македонија се пуштени во работа 58 мали хидроелектрани. Многу веројатно со проектите кои се во изградба на крајот од инвестицискиот циклус ќе бидат околу 100 електрани. Сите тие заедно ќе имаат повеќе од 120 MW инсталирана снага. Значи исто колку Св. Петка и Козјак заедно и ќе произведуваат количество на електрична енергија како овие две електрани заедно.
Овие две големи електрани се најголемите инвестициски потфати во енергетиката во Македонија во последните 15 години и коштаат заедно околу 400 милиони евра. Изградени се со странски кредити каде државата се појавува како гарант. Ги градеа странски фирми кои главно го земаа бенефитот додека македонските фирми беа само подизведувачи и конечно производната цена на електричната енергија од овие електрани е 120-130 евра/MWh. За разлика од нив, малите електрани ги градат македонски фирми.
Сега и опремата се произведува во Македонија (Фероинвест и БРАКО), државата не презема никакви финансиски гаранции, напротив има земено повеќе од 20 милиони евра за концесиски надокнади што ги имаат уплатено концесионерите. И конечно цената на електричната енергија просечно кошта цца 75 евра/MWh. Од сето горе кажано, заклучокот кои проекти се подобри е јасен, иако сакам да потенцирам дека за Македонија е добро да се изградат и малите и големите хидроелектрани.
За крај само да кажеме дека инвестицијата во изградените 58 мали хидроелектрани е повеќе од 120 милиони евра, што е сериозен генератор на економијата, а посебно е важно што најмалку 70% од овие средства остануваат во Македонија.
Сѐ ова дава јасна слика како овие две активности кои потекнуваат од хармонизацијата на македонскиот енергетски пазар со правилата на ЕУ позитивно краткорочно, но уште поважно, долгорочно влијаат на македонската економија во целост.
Koчо Анѓушев, претседател на Групација ФероинвестТоа се поголем број на обврски, но две мерки се исклучително важни за енергетскиот пазар во Македонија:
1.Либерализацијата на пазарот на ел

Пронајдете не на следниве мрежи: