„Министерството за надворешни работи на Рајхот уште пред почетокот на Втората светска војна располагаше со доволно податоци за Македонија и за македонското прашање. Третиот рајх бил мошне заинтересиран за решавање на овој проблем со инволвирање на ВМРО и на Иван Михајлов. Во меѓувреме, негови приврзаници испраќаат меморандум и претставки до големите сили, особено до Третиот рајх и до Италија за решавање на македонското прашање“, вели д-р Марјан Димитриевски, кој своевремено истражуваше во германските архиви и објави документи за обидите на Хитлер да создаде „независна Македонија“ во 1944 година под протекторат на Германија.
За формирање македонска држава, усна наредба дал Хитлер. Таквата квислиншка држава требало да им послужи на Германците за полесно повлекување на нивните трупи откако увиделе дека ја губат војната.
„Операцијата почна со знаење и по налог на германските служби на Југоистокот, кога за оваа цел Михајлов со авион на 31 август 1944 година пристигна од Загреб во Софија. Таму тој ги изврши потребните консултации со тамошните власти и доби соодветна претстава. Потоа на 6 септември пристигна во Скопје, каде што германските служби наредниот ден му дадоа мандат до18 часот да ги извести дали заедно со приврзаниците е во можност практично да ја спроведе наредбата на Хитлер за формирање ’независна Македонија’“, додава македонскиот историчар.
Пред да го донесат Михајлов во Македонија, 120 „докажани претставници на народот“ во Скопје избрале Централен комитет од тројца члена. Меѓутоа, тој не го прифатил предлогот. Германскиот претставник д-р Гарбен во извештајот до Министерот за надворешни работи на Рајхот пишува дека по опстојно испитување на околностите Иван Михајлов категорично одбил да ја прогласи независноста на Македонија, правдајќи се со тоа дека нема доволен број приврзаници готови до последен да ја застапуваат независноста и поради ’незадржливата прогресивна демократизација на целото население’.
„Никој не е подготвен да ја преземе одговорноста, бидејќи во барањето спас за сопствениот живот се’ друго се одбива. Поголемиот дел од составот на Комитетот, како и соработниците на Михајлов, безобѕирно и набрзина ја напуштаат земјата“, ќе напише д-р Гарбен и ќе препорача за осигурување на македонскиот простор да формираат сопствена управа.
Димитриевски подвлекува дека Рајхот ќе се сети на Михајлов и на неговите приврзаници и порано. Во втората половина на 1943 година во екот на најжестоките борби со единиците на македонската војска германските служби користејќи ги неговите услуги ќе се обидат безуспешно да формираат доброволни летечки единици во состав на германските СС-единици.
Мошне интересни се оцените на Германците за тогашната состојба во Македонија. Во извештајот од септември 1943 година се наведува дека македонскиот народ кон Бугарите гледал со одбивност поради повеќе причини. „Бугарските службеници на македонската територија во свои раце ги држат значајните, меродавните и најпрофитните места во управата, додека Македонците се ставаат на одредени места што тие го сметаат за понижување и не може да го усогласат со ’ослободувањето’“, се подвлекува во извештајот и се додава дека Бугарите им префрлувале на Македонците дека се наклонети спрема Србите.
Во извештајот пишува дека бугарските учители во училиштата ги воспитувале децата да станат шовинистички Бугари и ги подучувале да ги мразат Србите, што често доведувало да им се спротивставуваат на родителите. Според согледувањата на Германците, Бугарите се стремеле кон тоа да ги одбележат Македонците како наполно заведени луѓе, со тенденција кај нив да потхрануваат чувство на пониска вредност и на тој начин без отпор да ги потчинат на своето раководство. „Бугарите се служат речиси со истите владејачки методи како и Србите. Следствено на тоа, резултатите се исти. Се’ до 1941 година Македонците копнееја за ослободување од Србите, а сега истото го посакуваат и од Бугарите“, стои во извештајот.
Истовремено се наведува дека со извесни исклучоци, мнозинството од Бугарите биле туѓи за душата на македонскиот народ. Тие кај него предизвикувале незадоволство што се изразувало преку нивното движење: ’стремеж за национална независност и зараза со комунизмот’. „Стремежот за независност има цел за целосна автономија на македонскиот народ во состав на една јужнословенска држава. Постои желба од сегашното население на оваа територија да се создава еден македонскословенски народ, независен од влијанието од Србите и од Бугарите, кој сам ќе решава за својата судбина. Ова движење, чие седиште е во Скопје, располага со многу приврзаници во интелектуалните кругови и зад себе има сигурно 80 отсто од селанството“, пишува во извештајот.
Инаку, Ванчо Михајлов пред да го донесат Германците се плашел да дојде во Македонија за време на Втората светска војна и да се бори за нејзина слобода. „Сигурно по мене ќе бидат пуштени агенти, а ќе бидат пуштени гласови ’еве го, пак дошол да убива’“, ќе измислува разни причини тој кога бугарската држава ќе објави амнестија и ќе му понудат да се врати. Нему очигледно ќе му биде многу посигурно и поудобно да остане во Загреб заедно со својата сопруга Менча Карничу кај својот пријател Анте Павелиќ отколку да земе пушка в рака. Таму бил безбеден, усташкиот поглавар го сместил во вила веднаш до него, му дал возило и човек да го чува. По донесувањето на Законот за амнестија, Михајлов консултирал дури 14 правници дали да се врати за на крајот да реши да остане во Хрватска.
Според него, бугарската влада немала право да си ги припишува заслугите за ослободување на Македонија зашто „таа ни ја подари Хитлер“. Михајлов се плашел од тоа да не го судат за убиствата што ги извршил. „Во секој момент по неговото враќање би можел некој од роднините на убиените двесте жртви да подигнат обвинение пред јавниот државен обвинител против Михајлов“, ќе забележи Петар Луганов, во тоа време одговорно лице за печат на бугарската амбасада во Загреб, по разговорите што биле водени за негово амнестирање.
Додека траат сиве овие дилеми на Михајлов, дали да дојде или не во Македонија, во која никогаш не влегол со пушка в рака да се бори, освен што испраќал терористички групи, неговите приврзаниците и бугарската држава подготвувале терен тој да дојде во Скопје. Во јули 1941 година Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов, Владимир Куртев и други негови приврзаници одржале средба на која расправале за тоа. Притоа се договориле како да се организираат во новонастанатите услови, како да придобијат истомисленици и да назначат пунктови началници во поголемите градови. „За Скопје бил назначен д-р Асен Албански, а за Битола Пешо Гребенаров, поранешен пунктов началник во Пловдив, човек на Михајлов. Нивната цел била ширење на политичко-пропагандна активност. Истовремено бугарската амбасада во Загреб на Михајлов ќе му издаде лажен пасош на име Иван Гаврилов-Атанасов, трговец, роден во Софија, како и на неговата сопруга Менча Карничу на име Марија Иванова-Атанасова, домаќинка, исто така, родена во Софија“, објаснува д-р Ѓорѓи Чакарјаневки, повикувајќи се на документи од бугарските архиви.
И без Михајлов неговите истомисленици почнале засилена пропаганда меѓу населението, а била формирана и посебна група која заминала во Загреб да се види со него и да добие инструкции какви активности да преземат. Нивното дејствување во Македонија, главно, се сведувала на организирање панихиди. Во Штип била одржана панихида по повод убиството на Тодор Александров, а во Скопје по повод атентатот на Мара Бунева на Велимир Прелиќ и загинувањето на полковникот Дрангов. Според документите на бугарските тајни служби, приврзаниците на Михајлов тогаш ја ширеле идејата за обединета автономна Македонија. Во Штип главни организатори биле Григор Кимов, Тасе Михајлов, брат на Ванчо Михајлов и сестрата на Тодор Александров, Козма Александрова, во Кочани Трифун Саев, а во Битола адвокатот Стефан Светиев. Во текот на септември 1941 година ванчомихајловистите ја зголемиле својата активност кога слушнале дека Хитлер во еден говор спомнал дека има намера на 23 септември или на 5 октомври да го врати Ванчо Михајлов во Македонија. Тогаш во октомври 1941 година во повеќе градови се одржале собранија, а едно и во Охрид организирано од Владо Пирузев и од Мирчо Кикиридков.Во меѓувреме, негови приврзаници испраќаат меморандум и претставки до големите сили, особено до Третиот рајх и до Италија за решавање на македонско