Јасно е дека изборите во декември се можност за Македонија, за политичарите да ја извлечат државата од кризата и да ја придвижат напред, кон евроатлантска интеграција. Меѓутоа изборите мора да бидат веродостојни и кредибилни.Ова денеска го истакнаа учесниците на 13. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Комитетот на региони на ЕУ и Република Македонија. Состанокот е во организација на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Министерството за локална самоуправа и Комитетот на региони на ЕУ.
Министерката за локална самоуправа Ширет Елези информира дека Владата и непосредно по добивањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на пристапување во Европската унија за 2016 година, ќе се фокусира со сиот капацитет на продолжување на реформскиот процес, кој како што рече, и понатаму останува наш врвен, државен приоритет.
– Министерството за локална самоуправа, во рамки на своите надлежности, ќе се фокусира на јакнење на локалните власти преку процесот на фискална децентрализација и преку регионалниот развој, рече Елези.
Лукаш Холуб, претставник на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија истакна дека единиците на локална самоуправа имаат многу важна улога во процесот на проширување и во интеграцијата на земјата во ЕУ.
Помеѓу другите прашања, како што рече, денеска ќе зборуваме за политичката криза и за нејзиното влијание врз земјата, како и за влијанието врз општините.
– Ќе зборуваме и за предизвиците со кои се соочуваат општините во своето секојдневно работење и за начинот на кој ЕУ може да даде поддршка за општините во земјата. Планираме на почетокот на следната година да почнеме проект од 2,2 милиони евра за поддршка на општините, особено во однос на зајакнување на нивните услуги за граѓаните и подобрување на одржливиот раст, заснован на знаење во општините, рече Холуб.
Според него, во овој момент мислите на граѓаните и политичарите се фокусирани на изборите во декември.
– Јасно е дека изборите се можност за земјата, за политичарите да ја извлечат земјата од кризата и да ја придвижат напред, кон евроатлантска интеграција. Меѓутоа изборите мора да бидат веродостојни, кредибилни и се надеваме дека по изборите ќе можеме да соработуваме со новата влада за реформите и да дискутираме за тоа како можат да се подобри ситуацијата. Се надеваме дека тоа ќе има добро влијание и на општините, рече Холуб.
Додаде дека годинава ЕК повторно препорача отворање на преговорите за зачленување на Македонија меѓутоа, како што нагласи, тоа е условено од кредибилни избори и спроведување на потребните реформи.
Жан-Франсоа Истас, копретседател на Заедничкиот консултативен комитет, кој го претставува и делот на Комитетот на регионите од ЕУ, потенцира дека имаат одлична соработка со ЗЕЛС, општините и градоначалници и додаде оти таа треба да помогне Република Македонија да пристапи кон ЕУ.
– Јас доаѓам за да споделам една порака за надеж. Во рамки на сегашните политички услови во однос на меѓународните односи, јасно е дека Македонија има потреба од ЕУ, но исто така јасно е дека и ЕУ има потреба од Македонија. Сите услови во таа смисла се обединети за да се овозможи напредок и за да се охрабри Комисијата да направи нови чекори и нови напредоци во преговорите со Македонија, рече Истас.
Појасни дека Комитетот на регионите не зборува во името на ЕК. Ние, како што рече, сме официјална инстанца на ЕУ, но работиме заедно со ЕК и нема да ја испуштиме приликата да ги пренесеме пораките од оваа средба за Македонија да стане интегрален дел на ЕУ.
Според него, најважна е политичката волја за да се завршат овие преговори и за да се дојде до конечниот чин на пристапување.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски потенцира дека за Република Македонија освен името, сето останато не е пречка за прием на државата во ЕУ.
– Република Македонија со сето она што го има постигнато треба да биде членка на ЕУ. Ако гледаме колку во соседните држави се спроведуваат законите и на кое ниво се во одредени области во кои не оценува ЕУ, ќе видиме дека Македонија во одредени области е и далеку понапред и повеќе ги применува европските закони од некои држави кои одамна се членки во ЕУ или кои се примени од пред извесен период, рече Трајановски.
Според него, идни предизвици се зголемување на финансиската самостојност на општините преку зголемување на ДДВ и зголемување на персоналниот данок со што, како што рече, општините ќе имаат уште поголема самостојност и поквалитетно извршување на своите надлежности.
Раит Пихелгас, градоначалник на руралната општина Амбла од Естонија и известувач за Комитетот на региони за „Стратегијата за проширување и главните предизвици во 2016-2017“ смета дека Македонија се наоѓа на вистинската патека и изрази надеж оти Комисијата ќе го смени својот став за Македонија.
– Комисијата сугерира дека можеби ќе бидат потребни повеќе од четири години за Македонија да стане членка. Јас мислам дека Комисијата треба да го преиспита тоа. Едноставно треба да сугерира дека откако ќе се исполнат условите вратата да биде отворена, рече Пихелгас.Ова денеска го истакнаа учесниците на 13. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Комитетот на региони на ЕУ и Република Македонија.&nbs