Охридската револуционерна околија, пред почетокот на Илинденското востанието била разделена на пет реони според географски подробности. За секој реон бил назначен и војвода. Реонската поделеност била следнава:1.Дримкол (струшки и дебарски Дримкол) со војводите Лука Групчев и Марко Павлов. Овој реон го опфаќал западното крајбрежје на Црни Дрим.2.Малесијата, источното крајбрежје на Црни Дрим и северната страна на Струга – со војводата Тасе Христов.3.Дебарца (Горна и Долна) со Караорман, Копарница и Плакенска Планина – со војводите Смиле Војданов и Дејан Димитров.4.Орта Кол, реон помеѓу Охридско поле и Дебрца, со основни бази на планината Копарница, селото Петрино и Илинската Планина – со војводата Аргир Маринчев.5.Езерски крај (источниот крај на Охридското Езеро) со војводата Никола Митрев – Езерски.
Во овој период се започнало со изработување на воен план за охридската револуционерна околија по добивањето на Прогласот на востанието од Главниот штаб дека ќе има востание на ден Илинден. Во самиот Проглас немало поконкретни известувања и насоки за востанието, ниту се истакнувала потреба од координирање на плановите и акциите меѓу околиите во Округот што секако претставувало крупен недостаток. Токму поради овие причини Охридското горско начелство се состанило на Бреженските Гори каде што бил направен и скициран планот за востанието во околијата и истиот бил одобрен. Востаничките акции биле точно испланирани од Горското начелство. Поставениот оперативен план бил наполно извршен во целиот реон. Предвидувањата за востаничките акции во Околијата биле следниве:1. Четите од реонот на Војводата Смиле Војданов да го опколат издеглавскиот аскер и мудурницата и да ги нападнат. Една од слатинските чети да дојде на помош за опколување на велмејскиот аскер. 2. Брежанската, Белчишката и една од слатинските чети да постават позиција кон велмејскиот аскер.3. Ботунската чета да го чува преминот Сатеска.4. Куратичката, сирулската, мешеишката, лешанската, злестичката, дел на началничката, дел од Дејановата, вапилската и лакочерејската чета да го нападнат сирулскиот гарнизон од 200 војници.5. Гореничани и оровчани да ги прекинат телефонските столбови и жици помеѓу Охрид и Дебар е еден дел помеѓу Охрид и Струга.6. Мороиштани и мишлеовци да ги прекинат телефонските столбови и жици помеѓу Охрид и Струга и мостовите по тие патишта.7. Плакенската, свиништанската и реченската чета, оние од Завој, Опеница, Косел, Скребатно, Велгошти и Лескоец – да ги прекинат телефонските жици помеѓу Ресен и Охрид, како и мостовите на патот и да ја опсадат кулата кај селото Свиништа. 8. Дел од куратичката и брежанската чета да го следат турскиот аскер од 35 души, дојден од с. Куратица. 9. Четите од селата Пештани, Елшани и Трпејца да го пазат преминот Скала кај селото Трпејца.10. Четата од с. Црвена Вода да го пази Раске на Караорман. 11. Лаканската, драслаичката, ташмарунишката чети да го чекаат пристигнувањето на четите од Струшки Дримкол во Ташмарунишката планина.12. Сите чети од Струшкиот Дримкол да ги прекинат мостовите помеѓу Струга и Елбасан а потоа да се извлечат во Ташмарунишката Планина. 13. Сите села од Дебарскиот Дримкол да ги прекинат телаграфските жици во тој реон и да го нападнат аскерот во Мерсимбеговиот ан.14. Четите од Малесија да постават позиции во Жупа и во околните турски села додека се приберат силите од Струшкиот и Дебарскиот Дримкол. Подготовките за востанието во охридскиот реон привршувале. Два дена пред почетокот на востанието, Горското начелство подготвило посебни упатства и ги испратило до сите војводи и селски раководни тела во Околијата. Испратените упатства ги содржела следниве барања:1.Во секое село да се назначи комисија од постари и од неорганизирани луѓе, кој да се грижи за храната. Комисијата да ја собира храната и да бележи што добива и што троши.2.Војводите да издаваат привремени риквизациони расписки и да земаат храна за четата. 3.Поблиските села да им испраќаат жито на другите села и за се да издаваат расписки.4.Во секое село особено во планините да се направат фурни и дупки за складови.5.Во секое село да се сомеле брашно и да се испраќа по планините.6.Селаните што имаат оружје да се јават и да одат со четите по курирската служба и во помош на ранетите.7.Во секоја чета да има по 10-20 коњи, готови за товар, замени за реквизиција.8.Во секоја чета да има специјални луѓе за курири. 9.Жени и деца, со стомни и бардаци со вода да одат по четите.10.Во секоја чета да се определат луѓе за полнење на патроните.11.По судирањата на едно место, да се испратат луѓе за собирање на растурените чаури.12.Секој е должен да бара, да се грижи, да купува и да препорачува за купување: куршуми, барут, гилзи, патрони и пушки. 13.Секој војвода пред четата и народот да го прочита Дисциплинскиот Устав на населението. Оружјето во Охридскиот револуционерен реон најчесто било криумчарено преку Охридското езеро од Албанија. Било решено востанието да се крене во Горна и Долна Дебарца и во Орта Кол а во другите реони да се изведат погранични акции.Востанието во охридскиот револуционерен реон започнало едновремено како и во другите реони согласно наредбата на Главниот штаб на востаничките сили. Општиот знак за почеток на востанието во охридската околија бил пуштениот грмеж спрема Сирулскиот рид, каде што се наоѓал османлискиот аскер или спрема Велмејски кули. Сите чети и војводи се наоѓале по определените места, готови да ги исполнат поставените задачи и да го жртвуваат животот за долгоочекуваната победа.Според планот на востанието четата на Дејан Димитров имала задача да нападне заедно со Лешанската, Мешеишката, Куратичката, Сирулската и Вапилската. За тоа постои и сведочењето на Петар Чаулев во неговите белешки кој ги напишал со наслов „Првиот истрел“. Тој во предвечерието на Илинденското востание пишува свое гледиште за битката кај селото Мешеиште .Во неговите записи стои: „Низ гори и долини и највисоките врвови се движеа вооружени луѓе во разнобојни алишта, но една мисла: Слобода или смрт! Секој беше готов, не да чека или да бега од непријателот, како што беше дотогаш туку да го бара и да го напаѓа. Ноќта веќе изминуваше и почна да се разденува. Сончевите зраци почнаа да го засенуваат блесокот на звездите. Длабока тишина. И тогаш се чу како гром гласот на војводата Дејан: Оган!…илјада зинати пушчени грла започнаа од двете страни да блујат оган и олово.Планината екна, а долините го прифатија одзвукот што се ширеше над кристалните води на Охридското и Преспанското Езеро. … И додека првите сончеви зраци ја огрејуваа Македонија на Илинден, Македонците со солзи а со пушки и бомби како еден човек се нафрлија против вековниот поробувач за да ги раскинат ропските окови и да му докажат на цивилизираниот свет дека и Македонецот како и сите други народи е достоен да самоуправува и да живее слободен живот.“ Петар Чаулев Покрај борбата на Сирулски рид била и борбата во селото Издеглавје во која на чело од востаниците бил Смиле Војданов. Учество зеле повеќе од 250 војници кои биле од Арбиновата, Годивската, Лактињската, Мраморската, Сливовската и Турјанската чета.И во ова село востаниците морале да се повлечат иако првично имале успех. Со пристигнувањето на огромен број аскер кои дошле на испомош на опколените османлиски војници, востаниците започнале со своето повлекување. Според првичните акции на востаниците, планот во најголема мера не бил исполнет затоа што двете првенствени цели од планот кои би биле стратешко место за понатамошни акции, не биле завземени.Иако самиот почеток на востаниците бил успешен, сепак зголемувањето на османлискиот аскер било причина востаниците да се повлечат. По наредба на Христо Узунов востаниците се повлекле во местото „Игралиште“ во Курајчкиот реон. Покрај четата на Христо Узунов се собрале уште 600 востаници каде што симболично го развеале револуционерното охридско црвено знаме кое било извезено од повеќе охриѓанки револуционерки. По собирот во месноста „Игралиште“ се започнало со анализирање на делумно неуспехот при првиот обид на востаниците кон османлискиот аскер при што како заклучок било донесено дека мешеишката чета, како и другите чети како Вапилската го избегнале судирот со османлиските војски.Како причина за неуспехот на овие чети може да се смета и недоволното вооружување. Покрај првичниот неуспех, со тешкотија се одвивала и набавката на храна и лекови за ранетите востаници. Во месноста „Чемерски дол“ во селото Куратица била формирана востаничка болница под раководство на Дончо Ангелов од Охрид кој по професија бил бакал, но во својата бакалница продавал и лекарства со што до некаде имал познавања во лекувањето. Нему му помагал Иљо од село Селци, попознат кај востаниците како „Иљо докторот“, кој одлично се разбирал во лекување на рани. За побрзо задушување на востанието како и разбивање на моралот кај востаниците, османлиските војски започнале со напади врз незаштитеното цивилно население, силување, пљачкање на села и градови, убивање на стока, пустошење на лозја, затворање на луѓе итн.Пишува: Д – р Никола Митровиќ Бабе – исоричар 1.Дримкол (струшки и дебарски Дримкол) со војводите Лука Групчев и Марко Павлов. Овој реон го опфаќал западното крајбрежје на Црни Дрим.