Мак-ракометот загуби уште еден свој голем работник, откако почина Илија Темелковски. 71-годишниот македонски стратег и ракометен работник ненадејно почина и го зави овој спорт одново во „црно“ неполн месец по смртта на Александар Јовиќ.
Илија Темелковски е легенда на Пролет, беше долгогодишен тренер на овој клуб, ги водеше Еурофарм Работник и Струга. Како член на Пролет исполнуваше повеќе улоги, во минатото беше тренер и спортски директор, а последно работеше како координатор на младинската школа на суперлигашот.
Низ кариерата Темелковски беше во повеќе наврати ангажиран и од страна на Ракометната федерација на Македонија. Тој го водеше националниот тим на Светското првенство во 2009 година, а неколку пати беше селектор на младинските селекции, како и во стручниот штаб на А-тимот.
Најголемиот успех како тренер/селектор му беше во 2009 година кога со Македонија го освои 11. место на Мундијалот во Хрватска, додека водејќи ја младинската репрезентација во 2002 година освои четврто место, а во 2017 година го водеше тимот до шестата позиција на светот.
Извор: Gol.mk



