Со повеќе воздушни напади Израел атакуваше на Либан откако неколку ракети беа истрелани од Либан во Израел, во најголемиот судир откако од ноември двете земји беа во примирје.
Израелската армија истрелала повеќе ракети кон команден центар што му припаѓа на Хезбола, политичката група и милиција поддржана од Иран.
Министерството за здравство на Либан соопшто дека 7 лица меѓу кои и едно дете се убиени, а 40 се повредени во воздушните напади.
Во меѓувреме, официјалниот портпарол на Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), Андреа Тененти, изрази длабока загриженост од потенцијална ескалација на насилството.
Тој ги повика сите страни да „избегнат загрозување на постигнатиот напредок, особено кога во опсаност се животите на цивилите и кревката стабилност забележана во последните месеци“, предупредувајќи дека „секоја понатамошна ескалација на оваа ситуација може да има сериозни последици за регионот“.