Вошките на главата се еден од најчестите проблеми кој се појавуваат кај децата во предучилишна и училишна возраст. Лесно се распространуваат, особено се досадни и се голема непријатност за секој родител, но исто и за детето.По тој повод разговараме со д-р Елена Арсова, трихолог во центарот за коса 101 Hair Clinic.
Д-р Арсова, како се препознаваат вошките?
Д-р Елена Арсова: Чешање, ранички на кожата, црвенило,бели точки на влакното се симптоми кои се појавуваат кај вошливост но не се специфични сами по себе. И перут, егзема, алергии на шампони исто така даваат вакви симптоми. Диференцијација и потврдување на постоење на вошливост може да се направи со директен преглед на косата под добро светло, по можност со лупа и да се најдат вошки. Вошките се ситни инсекти со нозе кои лазат,не скокаат и не летаат. И на силно светло бегаат па ќе можете лесно да ги видите. Кафеави се со големина на зрно до сусам и се движат. Најчесто се сретнуваат по ободот на косата, позади и околу ушите и кај вратот. Освен вошките се бараат и нивните јајца,гнидите како белузлави или жолти топчиња цврсто прилепени за влакното, кои не се движат. За разлика од перутот, тие многу тешко се извлекуваат од влакното.
Зошто вошките се јавуваат најчесто кај децата?
Д-р Елена Арсова: Вошките можат да се појават на било која возраст, но најдолго перзистираат кај децата поради континуираната реинфестација. Децата имаат тенденција да остваруваа близок контакт глава со глава и на тој начин овозможуваат лесно и брзо пренесување на вошките. Вообичаено вошките се пренесуваат преку директен контакт или преку предмети. Сетете се колку често им се допираат главчињата на децата додека си играат, колку често другарски се прегрнуваат, или девојчињата си разменуваат ластичиња за коса, шноли, капчиња и шалови. Исто така влакното кај деца е потенко и понежно, па вошките многу лесно се фаќаат за него. Се јавуваат кај деца од 4-11 години, а доминираат кај деца на околу 7-8 години.
Кој е показател за присуство на вошки кај деца?
Д-р Елена Арсова: Не е секогаш лесно да се препознаат знаците на вошливост кај деца. Може да поминат и 6 недели додека се појават типичните знаци на чешање. Чешањето е најчестиот знак које резултат на алергиската реакција на кожата која се јавува од каснувањето од вошката. Освен чешањето може да постои чувство дека нешто лази по главата, ранички на кожата, црвени отоци на главата и вратот, па и тешкотии при спиење и нервоза. Но, само со преглед на косата може сигурно да се потврди присуството на вошки.
Дали можат да се појават и вошки кај ворзасните?
Д-р Елена Арсова: Секако. Најчесто родителите *фаќаат* вошки од своите деца. Но, вошките потешко се фаќаат на влакното на возрасните кое е цврсто и подебело влакно за разлика од тенката и нежна детска коса, па затоа и возрасните поретко фаќаат вошки. Освен тоа вошливоста кај возрасни се обично изолирани случаи кои веднаш се решаваат затоа што возрасните полесно можат да ги препознаат симптомите. Исто така, поради брзото отстранување на вошките кај возрасните и свесното применување на одредени превентивни мерки не доаѓа до можност за ширење ниту за одржување на вошливоста.
Како се пренесуваат вошките најчесто?
Д-р Елена Арсова: Вошките се пренесуваат преку близок, личен контакт, особено кога главчињата на децата се доближуваат додека играат заедно или си зборуваат. Исто така, вошките можат да се шират преку разменување на предмети за лична употреба, како чешли, додатоци за коса, јакни, капи и шалови, кациги, полнети играчки, слушалки за уши дури и ако децата лежат на ист кревет или тепих. Девојчињата имаат поголем ризик од момчињата да фатат вошки бидејќи тие сакаат да си шепотат тајни, да делат додатоци за коса (шноли, ластичиња, чешлиња, машни итн…) и да преспиваат една кај друга. Девојчињата исто така најчесто имаат долга коса, која полесно може да дојде во контакт со вошките. Потоа преку мебел и теписи во собата каде децата си играат. Преку шкафчињата во училиште каде можат да преживеат.
Како се отстрануваат вошките, на кој начин?
Д-р Елена Арсова: Трендовите се менуваат согласно на новите сознанија во науката и медицината, како и согласно на еволуцијата на вошките. Во последните години расте загриженоста дека вошките стануваат отпорни на некои вообичаени пестициди кои се користат во шампоните, како перметрин и пиретрин. Исто така е установено дека на секои 4-5 години вошките развиваат отпорност и на новите пестициди кои се користат во производите. Во 2010, Американската академија за педијатрија даде насоки во третманот на вошливост. Шампоните се сеуште добар прв избор на третман, ако се одобрени дека се безбедни за користење. Но,ако овие производи не делуваат а ги користите правилно тогаш би требало да побарате друго решение. Најсовремениот апарат за отстранување на вошки е електричен чешел кој ги убива вошките со електричен импулс и на тој начин 100% сигурно ги отстранува.
Што треба да се направи во домот доколку детето има вошки?
Д-р Елена Арсова: Сите ние сме фокусирани на отстранувањето на вошките од главчето на детето па го запоставуваме значењето на чистење на домот и гардеробата од вошки. Малку од нас знаат дека вошките преживуваат на гардероба и предмети неколку дена. Затоа освен главчето потребно е темелно да го исчистите Вашиот дом и личните предмети кои веројатно биле изложени на вошки. Машински исперете ги постелнините, капите, јакните, шаловите, плишаните играчки и слично во топла вода до 60 степени Целзиусови, а потоа исушете во сушара на висока температура најмалку 20 минути. Предметите кои не се перат машински треба да се се однесат на хемиско перење и да се затворат во пластична кеса и да се држат така 2 недели ( во тој период сите вошки ако заостанат ќе изумрат ). Потопете ги чешлите и четките во многу топла вода. Темелно исчистете ја собата на детето и зоните каде си игра, вклучително подот и намештајот со правосмукалка. Вошките имаат потреба да се хранат секојдневно и не можат да живеат далеку од човекот.
Која е вашата превентивна мерка до родителите?
Д-р Елена Арсова: Би ги советувала родителите да не се вознемируваат ако детето се врати дома со вошки. Вашето дете не е прво ни единствено кое фатило вошки. Најзначајно е да имате спремна стратегија како да се справите со вошливоста. Учете ги децата и воведете добри навики. За да ги намалите шансите вашето дете да фати вошки, почнете да го учите да не разменува предмети и гардероба кои доаѓаат во контакт со главата. Побарајте од вашето дете да одбегнува игри и активности кои водат до контакт со глава со другарчињата.Побарајте од вашето дете да ги чува своите лични работи –особено каши, јакни, шалови и други парчиња гардероба надвор од вообичаените места. И секако користете природен спреј за превенција од вошки базиран на природни состојки, а не токсини или пестициди.По тој повод разговараме со д-р Елена Арсова, трихолог во центарот за коса 101 Hair Clinic.
Д-р Арсова, како се препознаваат вошкит