Инвестицискиот рејтинг на Македонија може да се зголеми само ако се намалат политичкиот ризик во државата и неизвесноста околу процесот на нејзиното евроинтегрирање, истакна денеска гувернерот Димитар Богов на првата седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.Презентирајќи го Извештајот за работењето на Народната банка во 2016 година, Богов ја повтори очекуваната проекција за раст од 2,5 отсто во 2017-та, но останува да се види, рече, какви ќе бидат владините економски политики.
Гувернерот упати и совет до министерот за финансии дека има простор за домашно задолжување зашто банкарската ликвидност е многу висока.
– Во овој момент, банкарската ликвидност е толку висока што и нам ни прави проблем. Го зголемуваме износот на благајнички записи за да го стабилизираме овој сегмент. Има доволно средства за поголемо кредитирање на приватниот сектор за што е потребна поголема политичка стабилност во државата, но има и простор дел од средствата да се насочат кон домашно задолжување. Потребно е и странско задолжување, но треба да се прави баланс, посочи Богов.
Добро е, додаде, во вакви услови, банките повеќе да пласираат средства во домашни, државни хартии од вредност.
Пред членовите на Комисијата, гувернерот зборуваше и за јавниот долг, еврообврзницата, бит коините,…
На прашање на пратеничката Владанка Авировиќ, информира дека околу четири милиони евра е загубата на граѓаните кои лани, како што рече, наседнаа на шпекулациите за можна девалвација на денарот. Уште поголема штета од ваквата дезинформација, дополни, беше зголемувањето на референтната каматна стапка за 0,75 процентни поени, чекор на кој се одлучи НБРМ за да ја зачува монетарната стабилност.
– Тешко е да се процени колку чинеа ваквите шпекулации, но факт е дека граѓаните кои ги повлекоа депозитите и ги претворија во евра плаќаа повисоки камати. Да не зборувам за трошокот во економијата. Се создаде неповолен амбиент за инвестирање поради зголемената недоверба, се намали и кредитната активност, истакна Богов.
Според него, на Владата и Собранието е да оценат дали треба да се интервенира во законските решенија и да се донесат некакви измени со кои евентуално би се санкционирале оние што шират дезинформации од ваков тип.
Кон Богов беа упатени и забелешки дека за време на политичката криза, во 2015 – 2016 година, не бил доволно гласен.
– Како институција, можевте да дадете многу поголем придонес за разрешување на одредени ситуации, бидејќи вие не сте изземени од се што се случуваше во Македонија. Со вашето однесување и вашата недоволна гласност кон одредени економски појави, придонесовте да има уште милион помали шпекулации од онаа со девалвацијата на денарот. Заради нејасноста на долгот, беа одвраќани инвеститори. Како независна институција, мора да имате јасен, конзистентен став. Требаше јасно да кажете колкаво е нивото на задолженост на земјата. Каде беше и вашиот коментар за еврообврзницата, укажа Сашо Поцков.
На тоа Богов одговори дека како гувернер, секогаш настапувал независно и транспарентно.
– Жал ми е што имате поинаков впечаток, но грешката е можеби на моја страна, не сум бил доволно јасен или уверлив. За дејствувањето во 2015 и 2016 година НБРМ прва кажа дека политичката нестабилност ќе има последици за економскиот раст. Секогаш сме ги кажувале јасно работите, а јас сум можеби единствениот гувернер кој зборувал за фискалната политика, потенцира Богов.
Во однос на состојбите минатата година подвлече дека поради политичката криза економскиот раст беше забавен, имаше помалку инвестиции и кредитирање, а банките го издржаа стрес-тестот. Македонија ја заврши 2016-та со 23,1 процент стапка на невработеност, 3,1 отсто дефицит во платниот биланс и негативна инфлација од -0,2 отсто.
Економските основи на земјава се солидни, заклучи гувернерот Богов, најмногу поради индустриската извозна структура што се промени, рече, по влезот на новите инвестиции, почнувајќи од 2006 година, со Џонсон контролс, до денес.
На денешната прва седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет чиј претседавач е пратеничката Лилјана Кузмановска, освен Извештајот за работењето на НБРМ во 2016 година, на дневен ред беа и Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурувањето,…Презентирајќи го Извештајот за работењето на Народната банка во 2016 година, Богов ја повтори очекуваната проекција за раст од 2,5 отсто во 2017-та