Истакнати личности од македонската историја: Павел Шатев

Истакнати личности од македонската историја: Павел Шатев

Павел Шатев (Кратово, 15 јуни 1882 – Битола, 30 јануари 1951), бил истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија – прв министер за правосудство.Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во гимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.
Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.
Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.
По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.
На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: