Kога ги прочитав текстовите што ми ги посочија двајца исклучително квалитетни и сестрано информирани аналитичари, ми лекна на душава затоа што се уверив дека ако не можеме директно ние да ја пишуваме, нашата македонска историја ќе ја напишат, ќе ја истражуваат и оценуваат странци, кои на еден или друг начин ја креирале. Не дека сум среќна поради ова. Напротив, срам ми е. Ама сетики мислам дека традицијата ние во континуитет да не си ја знаеме сопствената историја, ни минатата, а па ни оваа што сега се испишува (констатација овековечена во народна песна „Народе македонски со какви идеи си ти, срам голем е за тебе други да те знаат сам да не се знаеш“) ќе потрае. Поради вредносната матрица на актуелните македонски политичари, образовниот систем и летаргијата на науката и маргинализирањето на новинарството на цврсти принципи, високи стандарди и строги критериуми. Затоа е добро што барем некои други ги акумулираат податоците за нас, ги оценуваат впечатоците и го составуваат големиот мозаик од настани и „јунаци“ што утре ќе биде историја на Македонија.
Пишувајќи за настаните во изведба на Зоран Заев и СДСМ дружината, Албертини и Делисо, од италијанска гледна точка, констатираат дека организаторите на етапите на кризата во Македонија се Големата тајна што ја чуваат далеку од македонската јавност (народот и медиумите) сите одговорни политичари и од власта и од опозицијата. Оти така можат да се пазарат, да тргуваат на крупно и ситно. Срањето во кое сме заглибени и чувството на горчина и разочараност, ако не и измаменост, авториве го именуваат како непријатен мир. И за нив и за нас. Од италијанска гледна точка, тие констатираат дека Италија и во минатото имала скандалозни и непријатни случки со својата дипломатија и разузнавањето во разни држави. Ама, велат, никаде како во Македонија не биле вака целосно и непоправливо компромитирани.
Но, тоа како податок никому не му е познато оти се молчи на големо. Она што обајцава набљудувачи ги запрепастува е дека властите од обете држави се прават на чукнати небаре се сигурни дека со текот на времето се ќе биде добро. Оти така е на површината. Едната страна дели смешни одликувања, а другата страна нема цврсто бабуле па ,,храбро“ молчи и голта. „Македонците отсекогаш се познати по пасивноста. Затоа не не изненадува што не ги видовме пред италијанската амбасада на протести или што немаше дипломатски реакции и мерки од МНР. Но Македонците имаат долго паметење. Фактот дека и малите деца на улица знаат оти Заев во обидот за преврат доби значајна поддршка од Италија, ќе се влече како опаш долго откако Белели ќе се збогува со Скопје. Она што децата го знаат, дека Заев и Белели биле заедно за време на превратот, веќе е дел од колективното сеќавање и национална психа“.
Арно ама и европските и македонските медиуми молчат за сево ова. Па на авториве не им е јасно дали воопшто кому било во ЕУ му е позната македонската доминантна перцепција. Оти ако им е позната, би требало длабоко да се загрижени. Јас овде би ги надополнила со анекс. Не им е позната и не им е гајле. Се додека во Македонија се одгледуваат политичари што навикнале да седат на напрчена шајка и молкум да трпат болка, без да почувствуваат срам и понижување, без да офнат, без да прашаат кој им ја поставил, што е нормална реакција на нормален свет. С` во името на својот страв, ситна душа и личен трговски интерес. Македонците токму затоа станале пасивни. Никому не му веруваат оти илјада пати се измамени од своите лидери. Овие пржинскиве поглавици не се исклучок.
На пример, Никола Груевски, кој за малку можеше да бидне национален лидер и голем политичар, молкум, таинствено, зад грбот на народот, кого го повика на голем митинг како одговор на пучистичката збирштина, по два дена кротко, како младо попче си седна на пржинска маса и фактички го официјализираше превратот така што го урниса уставниот поредок. И тоа молкум, спокојно рашетувајќи се ваму таму, ту да собира американски инвестиции, ту да асфалтира некое патче или да реши некое ежедневно проблемче, а без да почувствува потреба да го извести народот за тоа крупното што го прави зад грб и во тајновитост. Јас мислев дека го оставивме зад себе периодот кога власта веруваше оти некои прашања не заслужувале одговор. Мислев дека умре култот „шефот има скриен адут во ракавот“. Но, како и секој наивец и јас гледам дека сликата менува илјада збора.
Денес Македонија на сликата фактички е монтажно-племенско сочинение, во кое националниот, идеолошкиот и религискиот елемент е заменет со партиска припадност. Наместо законодавен дом, имаме амин дружина, која гласа одлуки на амбасадори и поглавици. Имаме Уставен суд без ингеренции. Немаме независно судство. Имаме паралелно обвинителство како „кенгурски трибунал“ инсталиран од евроамериканските амбасадори. Немаме абер ни од избори, ни од ДИK ни од граѓански мониторинг „Мост“ ни од слободни медиуми и угледно кредибилно новинарство. Што би рекле истражувачиве Италијанци, и од прва рака хроничари на првото издание на идната македонска историја, „денес во Македонија е инсталиран режим на статус кво и сите изгледаат среќни со таквата состојба“.
Во оваа голема анализа за Македонија особено ме импресионира делот за темелно нарушената репутација и кредибилитет на комесарот за проширување Хан и за надворешни работи Могерини и „за нивната вмешаност преку слепо прифаќање на катастрофалниот и некомпетентен извештај на Прибе во делот на реформите и СЈО и за тоа што отворено соработуваат со политичари кои македонскиот народ ги нејќе“. Јас тука би додала дека сите тие се жртви на сопствената евробиркократска и кариеристичка мрзливост и верба во кредибилноста на напувана особа што вари компир на суво, а политиката ја разбира како бонбона-бизнис, па своите мокри соништа ги продава како проверени факти на безодговорни кариеристи.
Оценуваат дека ова им нанело долгорочна штета на западните дипломатии. Оти просто било несфатливо како можеле да соработуваат и да му веруваат на Зоран Заев, политичар што често самиот се демантира неколкупати дури и во една единствена реченица. Тука следува историјатот на досието за Чаушот, за прислушувањето и предавањето на материјалите на СЈО, кое се искомпромитирало и дискфалификувало како кенгурски трибунал со тоа што не направило записник за предадениот материјал, кој после станал предмет на подземно тргување на разни тајни служби. Но, вистински погодок е описот на реакциите на нашиве божем политичари. Велат ,,домашните политичари се навикнале молкум да прифаќаат секакви планови колку и да се штетни за државата“.
Јас ќе додадам на турски: Ашколсун бре кахрамани! Отидовте во историја кадросани како национални мивки, ситни трговци, верна копија на СДСМ пучистичка и креатори на движењето „не таласај док седиш на ексеру јер дупе ти је глава, а глава у торби“.
Ах, да! Не заборавајте барем вие дека пасивните Македонци долго помнат. Ич не забораваат. А вие чекате тие да одлучат на изборите. Изборите еднаш ќе бидат. Па да не се шокирате! Затоа топло препорачувам да си ја отворите душата и да почнете да говорите за големите теми отворено и искрено. Дури и кога „слободните“ медиуми не ве прашуваат ништо сериозно и професионално. Барајте соочувања, отворени студија, дебати во секакви формати кога уредништвата се плашат тоа да го сработат самостојно. Натерајте ги новинарите и уредништвата да се потат малку додека прашуваат за секоја ваша тајна одлука. Стимулирајте ги газдите медиумски да мислат на профит во медиумите, а не со својата пасивност и политичарење да си отвораат порти кај вас за секакви тендери и други ,,сиви“ услуги. Откупете си ги гревовите спрема сопствениот народ додека имате шанса. После одите во историја такви какви што сте биле. Без ретуш!
Мирка Велиновска за ДневникНе дека сум среќна поради ова. Напротив, срам ми е. Ама сетики мислам дека традицијата ние во континуитет да не си ја знаеме сопствената историја,