Државниот архив на Република Македонија денеска ја промовира едицијата „Црните страници на УДБА“ во која на 13.000 страници преку користење на неовластено направени извештаи од тајната полиција е опишано што се случувало во Македонија од 1945 до 2000 година.Едицијата, составена од 16 книги во девет тома со „забранета историја“ што беше промовирана по мотото „Историја што чека да биде откриена“, од денеска ќе им биде достапна на граѓаните во сите библиотеки во земјава.
Првиот том е насловен „Елиминацијата на ВМРО по 1945 година“, вториот „Информбиро“, третиот „Помалку познати судбини“, четвртиот „Ченто и Доцев на удар“, петиот „Емиграцијата – државен непријател број еден“, шестиот „Уметниците на мета“, седмиот „Борбата за независна Македонија никогаш не престанала“, осмиот „Следење, обработка и обиди за растурање на ВМРО-ДПМНЕ“ и деветтиот том „Лустрацијата недовршен процес“.
Промовирајќи ја едицијата Александар Даштевски рече дека е необично што во Македонија следењето од страна на тајната полиција продолжило и по падот на претходниот систем и осамостојувањето на земјава, па дури и во првите две години од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, односно до февруари 2000 година кога за министер за внатрешни работи била именувана Доста Димовска.
– За целиот период од УДБА се користени најгнасните методи кои се под секакво човечко достоинство, односно најблиските роднини, пријатели и колеги биле користени како поткажувачи кои давале податоци за следените лица. Во едицијата се опфатени само 2 отсто од целокупниот архивски материјал, но извади на површина многу работи кои ќе придонесат за промена на сериозни историски факти и многу важни големини во општеството кои своите кариери ги направиле со уништување на туѓи судбини, а не ретко и животи, рече Даштевски.
Директорот на Државниот Архив Филип Петровски посочи дека едицијата е сведоштво за едно време во кое била забранета секоја напредна мисла која не соодветствувала со погледите на елитите кои биле на власт.
– Ние во едицијата не тврдиме дека една личност е жртва или соработник. Во систем кој користел нечовечки методи многу возможно е иста личност да биде скршена и да подлегне не притисокот за да се спаси. Има и такви случаи во кои самата УДБА се сомневала дека тие што се согласиле да станат нејзини соработници тоа го направиле за да ја заведат во погрешна насока или, пак, давале бесполезни информации колку да се каже дека нешто направиле. Наша работа не беше ниту да коментираме, тоа ќе го направи јавноста и историската наука, рече Петровски.
Прецизира дека во едицијата не се објавени страници поврзани со интимата на „обработуваните“ и не зазеле страна.
– Забележавме дека во одредени досиеја кои се дадени во Државниот архив недостасуваат страници. Останува на идните истражувачи да утврдат што се случило и каде исчезнале. Ние нашата работа ја завршивме. Ги направивме достапни за јавноста овие црни страници на поновата македонска историја и ги заштитивме од изчезнување за да бидат сведоштво за големиот и нескршлив македонски дух што ја издигна Македонија во постоење кое никој не ќе може да го оспори се додека постои сеќавањето на Македонците и нивното крварење за ова што денеска го имаме, потенцира Филип Петровски.Едицијата, составена од 16 книги во девет тома со „забранета историја“ што беше промовирана по мотото „Историја што чека да биде