Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска во Охрид им додели високи државни признанија на четворица наши иселеници во светот и на Македонскиот сојуз во Кралството Шведска, како признанија за нивниот непроценлив придонес за зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности.Со Медал со заслуги за Македонија беа одликувани Иван Трпески од Австралија, Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, Борче Величковски од Србија и Кирил Христовски од САД, додека Македонскиот сојуз во Кралството Шведска доби Повелба на Република Македонија.
-Пред 25 години, во 1991-та го остваривме сонот на неброени генерации и прогласивме независна, суверена и самостојна држава – Република Македонија. Македонија е нашата прва заедничка татковина што нè поврзува со нашата дијаспора. Но, само 5 години претходно, во 1986-та, Блаже Конески напиша дека: „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој, македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина“. Годинава одбележуваме и 11 века од упокојувањето на еден од втемелувачите на македонскиот јазик – св. Климент Охридски, рече Иванов.
-Живееме во време на длабока политичка криза, кога македонскиот јавен простор е преплавен со зборови на безнадежност, цинизам и омраза. И токму затоа, неопходни ни се зборови на надеж, добрина и љубов. А кој владее подобро со зборовите отколку поетот, кој е слуга на својот јазик? Меѓу вас има двајца поети. Иван Трпески од Австралија и Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, кои од двата краја на светот речиси половина век нè потсетуваат како треба да се љуби Македонија. Тука е и Борче Величковски кој неуморно работи на унапредување на состојбата на македонската заедница во Република Србија. Но, со неговиот ангажман, тој суштински придонесува и кон градењето мостови на соработка меѓу двете соседни пријателски држави, подвлече Иванов.
-Со нас денеска е и професорот Кирил Христовски од Државниот универзитет во Аризона во Соединетите Американски Држави. Професорот Христовски e преокупиран со големата тема за најмалите нешта – нанотехнологијата. Со своите научни и академски успеси на ова поле на иднината, тој претставува позитивен пример и охрабрување за нашите млади научници. Очекувам многумина по него да се вклучат во глобалниот натпревар на знаење, идеи и технологии.“ „Конечно, би сакал особено внимание да посветам на единствената организација што годинава се стекна со Повелба на Република Македонија, а тоа е Македонскиот сојуз во Шведска, рече претседателот Иванов.
Овој сојуз, подвлече Иванов, што ги обединува и ги претставува интересите на дваесет илјадната македонска заедница во Шведска, е една од најдинамичните организации од македонската дијаспора.
-Секогаш, кога се среќавам со иселеници од скандинавските земји, слушам најпофални зборови за Македонскиот сојуз. Запознаен сум со напорите за зачувување и за афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности. Знам дека овој сојуз придонесува за унапредување на соработката меѓу Шведска и Македонија преку разни проекти и иницијативи, вклучително и хуманитарни активности. Сè на сè, станува збор за исклучително заслужна иселеничка организација, рече Иванов.
-Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Многупати имам истакнато дека вие, успешните поединци и организации од дијаспората, сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, науката, добротворството. Секој ваш успех е и успех за Македонија, додаде Иванов.
Иванов им се заблагодари во името на македонските граѓани за сè што прават за Македонија. -А Македонија памети, препознава и вреднува. Медалите за заслуги за Македонија и Повелбата на Република Македонија се симболичен израз на нашата искрена благодарност, но и поттик да продолжите да работите како и до сега. Да продолжите да го исполнувате заветот на свети Климент Охридски, а тоа е да се престигнуваме со добрина, заклучи Иванов.Со Медал со заслуги за Македонија беа одликувани Иван Трпески од Австралија, Лилјана Стоилковска-Андовска од Шведска, Борче Величковски од Србија и