Иванов: Кампања на „Фејсбук“ и водење држава не е исто

По пет години на претседателската функција поранешниот професор повторно влегува во изборна кампања. Најголеми адути му се огромниот процент граѓани што сметаат дека е чесен политичар, цврстата позиција за таканаречените идентитетски прашања и принципиелниот остар став кон сите што не ги почитуваат македонскиот јазик и нација. Не сака да одговори на нападите од најголемиот политички противник Стево Пендаровски, кој остро го нападна откако беше избран на конгресот на СДСМ. Делата нека говорат за него, малку како на шега вели Иванов. Ги почитува сите противкандидати, но уверен е дека постојаното критикување од страна без да се сработи ништо, скапата кампања на „Фејсбук“, договорот со Ахмети и додворувањето кон странците и кон Црвенковски не може да доведат никого до претседателската позиција.Господине Иванов, пред истекот на Вашиот претседателски мандат можете ли да дадете оценка за Вашата работа? Вие сте шеф на државата во многу интензивен период.
Иванов: Оценка за мојата работа ќе имаат можност да дадат граѓаните на Република Македонија на претстојните избори. Доколку лично не бев задоволен од тоа што го работев, немаше да ја прифатам можноста за повторен избор. Во целиот мандат воопшто не се штедев, вложив многу труд и енергија и најдобро што знаев и умеев со мојот кабинет работев да ја исполнам не само програмата за која ја добив довербата, туку и повеќе од тоа. Бев свесен за предизвикот. Во 2009 година Република Македонија сѐ уште се соочуваше со траумите од букурешкиот самит. На тоа се надоврзаа големата светска економска и финансиска криза и европската должничка криза. Но, горд сум што во ниту еден момент не ги заборавив потребите и барањата на граѓаните, виталните национални интереси – безбедноста, јакнењето на соживотот и меѓусебната почит – економскиот просперитет, културната афирмација, образованието, младите… Се зацврсти чувството на достоинство и гордост на македонските граѓани. Се подигна довербата на граѓаните во сопствената држава.
Дваесетгодишнината од независноста, спортските, културните и сите други успеси ги покажаа сплотеноста и чувството на припадност. Со тоа ги разбивавме илузиите и перцепциите дека сме мали за големи успеси.
Успеавме да го зголемиме меѓународниот углед на Република Македонија. На концептот на затвореност и исклучивост му го спротивставивме концептот на отвореност кон сите во надворешната политика. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата и петте последователни препораки од Европската комисија за почеток на пристапните преговори доволно говорат за исправноста и за издржаноста на нашата политика. Водев многу активна надворешна политика на отвореност кон сите, ги јакневме старите и создававме нови пријателства. Многу внимание и енергија вложивме во отворањето нови перспективи за нашата економија, нови пазари и нови можности, привлекување странски инвеститори, обезбедување енергетска иднина, нешта што ќе го подигнат животниот стандард и ќе отворат нови работи места. Многу време посветивме на младите, на будење на претприемачкиот дух, подобрување на условите за квалитетно образование, научно-истражувачка дејност, лидерски вештини.
Има ли нешто што Ви остана како предизвик што не успеавте да го реализирате во изминатите години? Што е тоа што го сметате за најголем успех, а што го сметате како личен неуспех?
Иванов: Успеавме да одолееме на притисоците и на уцените, успеавме на аргументите на силата да одговориме со силата на аргументите. Никој веќе нема да може да нѐ смета за мали и неважни, кои само треба да слушаат. Со најголемиот национален предизвик, блокадите на нашиот европски и евроатлантски пат, се соочивме како зрела држава, со цврстите аргументи на меѓународното право, меѓународните принципи, човековите права и правото на човеково достоинство.
Гледајќи ги потребите и барањата на нашите граѓани, дефинитивно се приклучувам кон напорите на Владата и на нашата економска дипломатија за да помогнам во економскиот напредок на државата, а преку отворање нови работи места, подигнување на животниот стандард, отворање кон новите пазари, обезбедување енергетска безбедност и гасификација на земјата, нови перспективи за нашата деловна заедница.
Тоа што остана не само како мој предизвик, туку и како предизвик на сите нас, е тоа што сѐ уште не успеавме да ги реализираме нашите надворешно-политички стратегиски цели, и тоа не по наша вина. Сите потврдуваат дека Република Македонија е подготвена веднаш да стане дел од НАТО. Имаме дури пет потврди дека сме подготвени да ги почнеме преговорите за членство со Европската унија. Но, блокирани сме поради проблем што не го посакувавме, но што ни беше наметнат – прашањето за разликата околу името. Но, и тука нештата се менуваат, не сме обесхрабрени од блокадата. Кога знаете дека сте во право, имате верба да опстоите и да не се предавате. Денес имаме многу поголемо разбирање и поголема поддршка од нашите партнери во Европската унија и во НАТО. И покрај статус кво, ние не се колебаме сами да ја создаваме Европската унија во Македонија. Не сме обесхрабрени сами да работиме на спроведување на европските реформи, на достигнување на највисоките европски стандарди и критериуми, за доброто на граѓаните. На тој начин преговорите, кога и да почнат, ќе се сведат на чиста формалност, а прашањето за членство во Европската унија ќе го сведеме на чисто техничко прашање. Важно е да продолжиме да работиме на тоа.
Од една страна Ве сметаат за проевропски политичар, а, од друга страна, како никој претседател претходно влеговте во конфликт директно со европските институции. Им се заканивте дека нема да го примите извештајот ако во него ја нема придавката „македонски“, а евроамбасадорот Аиво Орав остро го критикувавте кога нѐ нарече „Славомакедонци“?
Иванов: Нема отстапување. Секогаш жестоко ќе реагирам ако некој покаже непочитување за нашиот идентитет. Таа моја реакција произлегува токму од мојата проевропска ориентација. Така би постапил секој човек, независно дали е Македонец, Германец, Французин, Британец, Италијанец…, ако е соочен со такво непочитување. Европа, како мировен проект, е посакувана токму поради принципот на единство во различностите. Принцип кој подразбира дека секој Европеец може да се чувствува како што сака, во согласност со неговите корени, припадност, традиција. Секој современ европски политичар бескомпромисно би застанал во одбрана на човековото право на самоидентификација и правото на човеково достоинство. Тоа се прашања за кои не можат да се прават компромиси. Република Македонија, со нејзиниот уникатен модел на почитување на различностите, модел на интеграција без асимилација, може многу да ѝ понуди на Европа и на регионот. Ние не бараме ни повеќе ни помалку од тоа што го бараат и другите европски држави и народи.
Бевте присутни на двата последни самити на НАТО во Лисабон и во Чикаго. И покрај цврстата определба на алијансата дека без решено име нема членство, Вие продолжувате да вршите притисок кај земјите-членки. Во случај да бидете реизбран, ќе патувате ли на претстојниот самит ако биде јасно дека и таму нема да добиеме покана за членство? Колку вреди да се биде упорен?Иванов: Не ни недостигаат упорност и верба. Ако нашите предци, илинденците и асномците немале верба и упорност во борбата за слобода, дали денес ќе имавме независна држава Македонија? Ќе одам, и таму ќе инсистирам на почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Не може генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен, во една ситуација да бара почитување на меѓународното право, а во нашиот случај да изјавува дека пресудата од Хаг нема никакво влијание на НАТО како организација. НАТО функционира благодарение на меѓународните договори и на меѓународното право. Камен-темелникот на НАТО не смее да биде и камен на негово сопнување. Државите и меѓународните организации имаат сè поголема потреба за правно уреден меѓународен поредок.

 
Опозициските медиуми користат некои Ваши јавни изјави како оружје за напад. Колку Ваквиот однос му штети на Вашиот имиџ?
Иванов: Високата доверба што ја имам кај граѓаните, која можам да ја видам и од моите непосредни контакти со граѓаните, но која може да се види и од истражувањата на јавното мислење, зборува сосема спротивно. Од опозицијата денес слушам едни те исти критики што ми беа упатувани уште за време на изборната кампања во 2009 година. Со сѐ што правев во овие пет години покажав дека тие критики се паушални. Јасно ми е дека мора да ги игнорираат резултатите од моето работење како претседател. Македонскиот граѓанин многу добро знае со колкава посветеност работев за државните интереси. На некои им пречи и тоа што секогаш сум со граѓаните, и кога имаат мака и кога слават. Со задоволство ги прифаќав поканите за учество на разни настани и манифестации низ цела Македонија – закројување на лозјата на Св. Трифун, Водици, Галичка свадба, ракијади, празијади… Таквите манифестации ја чуваат и негуваат македонската традиција. Како што спомнав и на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот не е над граѓаните, туку е со нив и секогаш е еден од нив. Еднакво сум претседател на сите. Не станав претседател за да ми служат, туку јас да им служам на граѓаните, да ѝ служам на Македонија.
Во последните пет години, покрај тоа што сте постојано цел на напади од опозицијата, таа не направи темелна анализа за тоа што го направивте како претседател. На што се должи тоа?
Иванов: Досега не видов сеопфатна анализа од опозицијата за мојот мандат како претседател на Република Македонија. Ако направат таква анализа, не ќе можат да ги игнорираат резултатите од мојата работа, а тоа можеби не им оди во прилог. Прифаќам критика доколку е издржана и конструктивна. Тоа е мој хабитус што го градам 20 години како универзитетски професор. Не можеш да бидеш универзитетски професор ако не соочуваш тези со контратези, позиции со спротивставени позиции. Истото треба да важи и во политиката. Транспарентноста во работата и добрите решенија произлегуваат од дебата и од дијалог.
Грчкиот колега Папуљас одби неколку Ваши покани да се сретнете и отворено да разговарате за односите меѓу двете земји. Со бугарскиот претседател Прванов имавте одлични односи, со неговиот наследник Плевнелиев имавте и добри, но и конфликтни ситуации. Воспоставивте добри релации со српскиот, хрватскиот, албанскиот, црногорскиот колега. Колку е тешко на Балканот да се води висока политика?
Иванов: Сите ние на Балканот сакаме да живееме во мир, во безбедни, стабилни и просперитетни држави. Како никогаш досега ја имаме таа можност. Потребата од подобар живот и повисоки стандарди нѐ упатува на соработка каква што никогаш досега не сме имале. Нѐ упатува на чести контакти со кои се создава доверба и се гради заемна почит.
Регионот е осетно променет на подобро, но треба да дојде период на конкретни проекти со кои ќе го подигнеме животниот стандард на нашите граѓани. За тоа е потребна соработка. Еве еден пример, со години ја афирмирам идејата за довршување на Јадранско-јонската магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8, за овој коридорот да има поголема економска исплатливост. Тоа е проект што суштински ќе го смени регионот, ќе ги направи нашите економии поконкурентни и попривлечни за странските инвеститори. На добар пат сме да го реализираме тоа. Невозможно е да не соработуваме и во областа на заштитата на животната средина и превенцијата од природни непогоди, прашања кои не признаваат државни граници. Ако според вас сето тоа влегува во дефиницијата на висока политика, тогаш да – има предизвици, но се ангажираме, и тоа носи резултати.
Жалам што мојот колега Папуљас ги одби сите мои покани. Тешко се објаснува фактот дека две соседни европски држави во 21 век повеќе од две децении немале средба на претседателско ниво. А, не е тешко бидејќи нашите две општества и економии немаат проблем, тие соработуваат. Ние како претседатели треба само да ги следиме. Но, ќе дојдат подобри времиња. Колку за споредба, во изминатите пет години со поранешниот албански претседател Бамир Топи и со актуелниот претседател Бујар Нишани имав најмалку 20 средби на официјални посети и работни посети. Со поранешниот српски претседател Тадиќ и со актуелниот претседател Николиќ, исто така. Имав многубројни средби и со претседателите на Косово, Сејдиу, Пацоли и Јахјага. Исто и со Хрватска, Словенија, Црна Гора. Со Прванов имав одлична соработка. Се надевам дека во истиот дух ќе продолжиме и со актуелниот претседател на Република Бугарија. Иако не секогаш односите со соседите се одвиваат со посакувана динамика, уверен сум дека ќе надвладее духот на традиционалното добрососедство.

 
Ве обвинуваат дека сте наклонет кон Москва. Колку е тоа точно и какви последици можеме да имаме од поблиски односи со Русија?
Иванов: Таа теза, очигледно, ја поставиле поединци што гледаат низ призмата на блоковската поделба и Студената војна. Светот во кој живееме не е црно-бел, туку крајно меѓузависен, поврзан и придвижен од интересите за обезбедување благосостојба на својот народ. Ние сме отворени кон сите, сакаме да градиме односи и да соработуваме со сите. Јасно е дека сме посветени на негување и постојано унапредување на нашето стратегиско партнерство со Соединетите Американски Држави. Јасна е и нашата стратегиска цел – членство во НАТО и во Европската унија. Но, тоа што не е јасно е да се има резерви во настојувањето да се градат односи со Руската Федерација, која е постојана земја-членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и наш економски партнер, инвеститор и, конечно, земја која го признава нашето уставно име, нашиот идентитет. Ние покажавме дека може да се води автентична надворешна политика со принципот на отвореност кон сите, што подразбира активна политика на градење нови пријателства, но не на сметка на старите. Надворешна политика во која има повеќе конкретни резултати. Изминативе години македонските граѓани видоа дека може да се води политика на отвореност и соработка со сите, без да се исклучува некој.
Но, јас би го ставил ова во поширок контекст. Моите посети на Русија, Кина, Катар имаа и конкретни резултати. На нашата посета со вицепремиерот Ставрески во Санкт Петербург и средбите со Медведев и Милер успеавме да ја приклучиме Република Македонија кон гасоводот „Јужен тек“. Како држава успеавме да го затвориме клириншкиот долг на Русија кон Македонија. Русија е голем и атрактивен пазар за нас и станува наш голем извозен партнер, а руските инвестиции доаѓаат во Македонија. Со Кина први склучивме договор за поволен кредит за изградба на два автопата – Скопје – Штип и Кичево – Охрид. Денес Кина е наш значаен трговски партнер. Катар отвори своја амбасада во Македонија, што е прв знак за подготвеноста за натамошна соработка. Во тек се конкретни проекти. За разлика од тие што критикуваат, јас немав предрасуди да одам и во далечни земји, како што се Азербејџан и Казахстан, и секаде каде што може да имаме корист за нашата економија.
Како ги коментирате обвинувањата на опозицијата дека не водите автентична политика, туку дека имате идентични ставови со Владата? Вие досега не реагиравте на Вашиот противкандидат Стево Пендаровски, кој веднаш по номинацијата Ве нападна со обвинувања дека функцијата претседател го загубила достоинството.
Иванов: Сите го знаат мојот став за клучните национални прашања. Нормално е за некои прашања да се појавуваат разлики. Но, за разлика од нивното поимање на политиката, кога ќе се појавела разлика, ние сме седнувале на маса и низ дијалог сме ги утврдувале ставовите од заеднички национален и државен интерес.
И не ме чуди таквата критика. Им недостига искуство во водењето автентична македонска надворешна политика која е во интерес на граѓаните. Тие критичари не само што не се во контакт со народот, туку и покажуваат ароганција и игноранција кон тоа што го бара народот.
Не би сакал да коментирам за господинот Пендаровски, ќе оставам за него да говорат неговите дела. Ги почитувам сите противкандидати но морам да кажам дека една работа е процесите и настаните да се гледаат од страна и да се критикуваат а сосема друга е да се носат одлуки, да се креираат стратегии, и генерално да се справувате со сериозни предизвици од највисок државен и национален интерес.
Не сакам да ги навредам корисниците на социјалните мрежи кои што ги почитувам како активни чинители во демократските процеси но за да станете претседател потребно многу повеќе од скапо платена кампања на Фејсбук. Ниту политички договор со ДУИ ниту сервилниот однос кон странците и Црвенковски не се доволен капитал за да бидете успешен претставник на граѓаните. Сепак политиката особено водењето на земја како Македонија бара многу знаење, одговорност, посветеност и темелност.
Почетокот на кампањата покажа дека, за разлика од Вашиот противкандидат Пендаровски кој е многу активен на социјалните мрежи, Вие одлучивте да одите на директни средби со граѓаните. Зошто избравте таква кампања?
Иванов: Затоа што имам чист образ да се појавам пред секого. Нашите сограѓани ме избраа да ги претставувам. Да бидам нивниот глас каде и да одам. Чувствувам силна обврска во директна комуникација со нив да ги информирам за моите тековни активности и за резултатите од мојата работа. Медиумските обраќања се неопходни, но да се разговара лице в лице со обичниот граѓанин за мене е поважно. Личниот контакт е незаменлив. Тоа е мојот избор.
Колку што сум обврзан да ја пренесам македонската порака по светските престолнини, толку сум обврзан да го слушам гласот на моите сограѓани.
Како ги коментирате обвинувањата од ДУИ дека Албанците во Вас немаат соодветен претставник?
Иванов: Пет години не слушнав никаква критика од ДУИ за мојата работа и за мојата посветеност во градењето на соживотот. Бев присутен на сите значајни празници на албанската заедница во Република Македонија. Се среќавав со Албанците од дијаспората со потекло од Република Македонија. И никогаш не сум правел никаква разлика. Бев и сум претседател на сите граѓани независно од нивната етничка, верска или која било друга припадност. Ги водев и верските дијалози, бев покровител на настани значајни за соживотот, на 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор, на проекти чија цел беше поврзување меѓу младите преку спортот, културата, образованието. Се водам од идејата на интеграција без асимилација. Морам да нагласам дека ист однос имав кон сите заедници во Македонија, кон Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците. Мојот однос кон албанската заедница во Република Македонија се рефлектираше и на надворешно- политички план. Заедно со претседателот на Република Албанија, Бамир Топи, и со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, ја инициравме квадрилатералната соработка, со што сакавме да му помогнеме на нашиот сосед Косово да се вклучи во регионалните иницијативи. И наспроти сегашниот став на раководството на ДУИ, за мојот ангажман со колегите добив писмо од г. Ахмети со кое ни честита за лидерството. Ќе издвојам само еден дел од него: „Честитајќи ви за лидерските капацитети кои ги потврдувате со овие пораки испратени од древниот Призрен, ви гарантирам дека вредностите, придобивките и добрите страни на овие средби сѐ повеќе и повеќе потврдуваат дека вие сте вистински државници, визионери, кои со сопствените примери го трасираат неповратниот пат на соработката, интегрирањето и европската перспектива на нашите народи и држави“.

 
Што реално стои зад таквиот однос на ДУИ?
Иванов: И јас, како и јавноста, бев во недоумица што значи нивниот однос, нивното барање. Веројатно јас им послужив како повод, а причината ја дознавме деновиве. Зад таа идеја стои барањето за темелни уставни промени во начинот на избор за претседател на државата, а со тоа и промена на севкупниот политички систем на Македонија.
Каде ја гледате Македонија за пет години?
Иванов: Мојата визија е за пет години да продолжи економскиот раст и развој на Република Македонија, да ја интегрираме Македонија во НАТО и во Европската унија, да ја зголемиме вработеноста, да го подигнеме животниот стандард. Клучните системи во државата, безбедносниот, образовниот, здравствениот, социјалниот, да бидат во согласност со европските стандарди, во чекор со времето кое доаѓа. Да изградиме напредна земјоделска земја, да ја градиме Македонија како земја на иновации и нови технологии. Да ја поврземе Република Македонија инфраструктурно и енергетски. Да ја продолжиме вековната традиција на соживот, почитување и прифаќање на различностите. Да ги сочуваме традиционалните семејни вредности и културни традиции. Да го подигнеме нивото на добрососедски односи. Да влеземе во нова фаза на регионална соработка, во која ќе работиме на заеднички проекти. Да ги зајакнеме односите со стратегиските партнери, да градиме нови пријателства. Да отвораме нови пазари и перспективи. Накратко кажано, да ја градиме Македонија во височини, со највисоки вредности, највисоки критериуми и највисоки стандарди.
Како ќе ја исполните визијата за членство во ЕУ и во НАТО кога името се испречува на тој пат, тоа е услов? Го слушнавме Вашиот став Република Македонија за севкупна употреба. Опозицијата Ве обвинува дека немате искрена намера за решение, а, од друга страна, најавивте барање до генералниот секретар на Обединетите нации да го извести Советот за безбедност?
Иванов: Зар би најавувал како можност барање до генералниот секретар на Обединетите нации да го извести Советот за безбедност на Обединетите нации за тоа како се одвива процесот ако ние не сакаме решение на овој наметнат и апсурден проблем, ако ние сме неконструктивни? Ние имаме јасни позиции за ова прашање. Како што сум отворен и јасен кон моите сограѓани, таков сум и кон странските партнери. Моите позиции се дека нема да прифатам идеи и предлози што можат да му наштетат на нашиот идентитет, јазик, посебност, на нашиот модел на соживот. Решение е можно со безусловно придржување на рамката. Со високите соговорници од странство разговарам со јазикот што го разбираат, со јазикот на човековите права, правото на самоидентификација и човеково достоинство. Не знам со кој јазик разговараат тие што ме критикуваат. Се надевам не со наводната прагматичност, која значи да попуштиме иако сме во право, или со дефетизам.
Конечно, не знам кој е нивниот став. Дали мора да се „свитка кичмата“? Дали прифаќаат име со географска одредница, а со тоа и промена на уставното име? Дали за шест месеци ќе го решат името? Дали Република Македонија не може да опстои како држава доколку не се приклучи кон Европската унија и по цена на уставното име и идентитетот на македонскиот народ? Дали и по 20 години процес предлагаат на лидерска средба, надвор од Собранието, да ги исцртаме црвените линии? Или, пак, за нив е прифатливо сѐ што е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ? За најпосле да се сетат дека за ова прашање треба да ги прашаат граѓаните на референдум? Можеби немањето став, талкањето по ова прашање, е една од клучните причини поради кои народот осум години ѝ вели „не“ на опозицијата.
По 20 години процес во Обединетите нации, претендентот за претседател на Република Македонија од опозицијата бара исцртување црвени линии. Логично прашање е што правеле мојот претходник и неговиот советник ако во 2014 година сѐ уште ги бараат црвените линии. Очекуваме да се одлучат кој е нивниот став и, конечно, да го слушнеме. Сѐ друго е злоупотреба на чувствата на граѓаните, манипулации, конфузии, кои во голема мера ни прават и штета во процесот. За доброто на државата, се надевам дека веќе нема да лутаат со ставот по ова прашање и се надевам дека ќе ги имаат предвид очекувањата на граѓаните.
Ќе промените ли нешто во Вашата работа ако граѓаните Ви доверат втор мандат?
Иванов: Да, со уште поголем ентузијазам и енергија ќе работам на остварување на мојата визија.
Во време кога за политиката воопшто се зборува како за нечесна професија, 74 проценти од граѓаните, според анкетите, Ве сметаат за чесен човек. Колкав капитал за Вас е таквото мислење на јавноста?Иванов: Тоа го сметам за признание за мојот труд, за мојата посветеност. На тоа не гледам како на личен капитал, повеќе ќе ме радува ако успеав да поставам еден многу важен стандард за идните вршители на оваа функција. Никој да не може да оди под овој стандард. На нашиот народ му е преку глава од политикантство, од празни ветувања, од нечесни политичари.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Извор: Република
(Интервјуто со Претседателот на Р.Македонија, Ѓорге Иванов е објавено во 80. број на неделникот Република, 14.03.2014)Господине Иванов, пред истекот на Вашиот претседателски мандат можете ли да дадете оценка за Вашата работа? Вие сте шеф на државата во мног

Пронајдете не на следниве мрежи: