Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов денеска соопшти дека донел одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки против политичари и нивните соработници без разлика дали се тие од позиција или опозиција.Во обраќањето до јавноста, Иванов нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да и стави крај на политичката криза, која од ден на ден се повеќе се продлабочува.
– Со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако останам нем набљудувач во оваа тешка криза, свесен и на последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот во согласност со моите уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни, истакна Иванов.
Тој потенцира дека при носењето на одлуката се водел исклучиво од државниот и националниот интерес и оти не информирал никого од опфатените во овие одлуки.
– Не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државниот и националниот интерес. Меѓу опфатените има и многу мои политички поддржувачи, но и многу политички противници. Но, не поаѓам од моите лични позиции, туку од државните интереси. Никого од опфатените во овие одлуки не информирав или на кој било начин не му најавив или пак побарав согласност од него за оваа моја постапка. Претпоставив дека ако го направам тоа, или сите, или најголемиот дел од нив, убедени во својата невиност и исправност ќе ме одбиеја и агонијата во земјата ќе продолжеше со години, заедно со сите можни негативни последици. Не навлегував во тоа дали е некој невин или виновен. Поаѓам од презумпцијата на невиност. Моја претпоставка е дека најголемиот дел не се виновни за тоа за што им е покрената кривична постапка, иако не можам да го потврдам тоа без судска одлука. Ова го мислам од причина, што стана јасно дека целта на некого е да ги заплетка политичарите и нивните блиски во кривични постапки и во страв и неизвесност, и притоа во една таква ситуација да остварува свои цели, рече Иванов.
Тој изрази уверување дека со одлуката прави крупен чекор кон меѓусебното помирување, додавајќи дека е можно на краток рок да го напаѓаат и обвинуваат за ова.
– Подготвен сум да се справам со тоа. Кога се нафатив со оваа функција, бев свесен дека таа носи и многу непријатности. Но, длабоко сум сигурен дека донесов исправна одлука. На крајот ќе заклучам: Ова што ѝ се случува на Македонија не можам да го дозволам во мојот мандат. Ние не смееме тоа да го дозволиме како генерација. Ова што се случува во Македонија е сѐ, само не политика, ова е поголема игра, во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите, и не само политичарите, туку и академиците, професорите, лекарите, интелектуалците, бизнисмените, сите се под уцена и сите се заложници на оваа ситуација. Кризата ќе заврши кога ќе престанат сите да бидат заложници на страв, лична освета, гнев, омраза и поделби, истакна македонскиот претседател.
Иванов оцени дека кризата е нечиј туѓ интерес и за нечии туѓи цели, за некој кој сака да ја оствари својата цел преку завојуваните политички лидери и нивните поддржувачи.
– Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени да употребат секави можни средства само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продолжување на личната пресметка, реваншизмот, омразата и конфронтацијата. Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори, рече Иванов.
Тој посочи дека се обидел во неколку наврати да помогне и да се вклучи во решавањето на кризата, но оти едната од двете спротивставени страни не покажала волја и интерес за негово вклучување и инсистирала разговорите да се водат исклучиво под покровителство на меѓународниот фактор во земјата.
– Немајќи избор, ја прифатив таа нивна одлука, иако мислам дека не е добра за земјата. Кога некои од надвор ви ги решаваат домашните проблеми, тоа лошо говори за самите вас. И нормално е, при тоа решавање или помагање, тие секогаш да се водат пред сѐ од своите интереси. Но, со сила може нешто да се земе, а не може да се даде. Моето понудено посредништво не беше прифатено. Сепак, тоа не беше причина внимателно да не ги следам и анализирам настаните, кои од ден на ден се влошуваат. Некако се дојде и до распуштање на Собранието, но најголемата опозициска партија најави бојкот, што повторно е лошо за земјата, рече Иванов.
Според него, ниту Пржинскиот договор, ниту распуштањето на Собранието, не ги намалиле тензиите, туку напротив ги зголемиле и сериозно е доведена во прашање потребата од мирна изборна кампања.
– Доаѓаат месеци и години кога политичарите, независно кој од нив ќе се на власт, а кој во опозиција ќе треба да се занимаваат со сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот и јас не сакам да дозволам ниту оние кои ќе бидат во власта, ниту оние кои ќе бидат во опозицијата, да носат одлуки, а да се истовремено оптоварени и под личен притисок од можноста неправично да бидат уценети, да се соочени со лична закана за својата слобода, чест и углед, иднина или каква било уцена од некој надворешен или внатрешен фактор. Можеби и токму заради таква цел, некој ја предизвика оваа ситуација. За да можe да влијае врз нив или дури можеби и да ги контролира нивните одлуки, се разбира пред сѐ во свој интерес, истакна Иванов во обраќањето до нацијата.Во обраќањето до јавноста, Иванов нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да и стави крај на политичката криза,