Наводите на СДСМ дека претседателот Киро Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, повикувајќи се на објавено соопштение од 14 јули 1992 година, претставуваат груба лага, бидејќи информациите изнесени во соопштението од 14 јули 1992 година се однесуваат на КОНСУЛТАЦИИ кои претседателот Глигоров ги извршил со СДСМ, реагираат од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов и со аргументи се спротивставија на манипулациите.Претседателот Ѓорге Иванов отсекогаш постапувал согласно Уставот и законите на Република Македонија и во рамки на своите права, обврски и должности, се наведува во денешната реакција од Кабинетот на претседателот за тврдењата на СДСМ дека Иванов лаже дека постапил како претседателот Киро Глигоров, со што го крши Уставот претставуваат груба лага и манипулација со јавноста.
– Наводите на СДСМ дека претседателот Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, повикувајќи се на објавено соопштение од 14 јули 1992 година, претставуваат груба лага, бидејќи информациите изнесени во соопштението од 14 јули 1992 година се однесуваат на КОНСУЛТАЦИИ кои претседателот Глигоров ги извршил со СДСМ. Во соопштението јасно е укажано дека на овие консултации, претседателот Глигоров му предлага на СДСМ како на втора партија по бројот на пратеници во Собранието, да посочат КАНДИДАТ, кој претседателот на Републиката би го определил за мандатар за состав на Владата на Република Македонија, посочуваат од кабинетот на претседателот Иванов.
Факт е, како што е наведено во реакцијата, дека во соопштението од 14 јули 1992 година, на кое се повикува СДСМ, претседателот Глигоров НЕ ГО ДОВЕРУВА мандатот на СДСМ за состав на Влада, туку од нив бара да посочат кандидат за мандатар.
– Три дена подоцна, на 17 јули 1992 година, СДСМ во присуство на сите партии кои го сочинувале парламентарното мнозинство, го информираат претседателот Глигоров дека успеале да обезбедат парламентарно мнозинство и го определуваат Петар Гошев за мандатар, стои во реакцијата.
– Истиот ден, на 17 јули 1992 година, претседателот Глигоров мандатот за состав на Влада го доверува на Петар Гошев, велат од кабинетот на Иванов.
Во врска со тврдењата на политичката партија СДСМ, според кои, претседателот Иванов наводно поставува дополнителни услови за доделување на мандат за состав на владата, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија оценува дека се работи за небулозен и груб обид за манипулација.
– Барањата, што претседателот Иванов ги истакна не претставуваат услови, туку политички ставови на претседателот Иванов за идните приоритети на новата Влада, кои се конзистентни и се однесуваат на сите политички структури во земјата. Претседателот Иванов има целосно легитимно право да изнесува политички ставови и барања поврзани со државните интереси и од тоа нема да отстапи и во иднина, се посочува во реакцијата од кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Иванов, како што е посочено во реакцијата, тие приоритети ги истакна и во неговото годишно обраќање, каде и тогаш јасно порача, прво – заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата, и второ – системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.
– Доколку од политичката партија СДСМ сметаат дека овие барања на претседателот Иванов не треба да претставуваат приоритети за државата и граѓаните на Република Македонија, тогаш СДСМ нивните ставови по овие прашања треба транспарентно да ги соопштат на јавноста, а не преку груби лаги и манипулации да го напаѓаат македонскиот претседател дека поставува услови за добивање мандат, подвлекуваат од кабинетот на претседателот Иванов.Претседателот Ѓорге Иванов отсекогаш постапувал согласно Уставот и законите на Република Македонија и во рамки на своите права, обврски и должности