Јавна благодарност до Унгарија која покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да се отфрли и осуди тиранската платформа, искажа македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната прес-конференција со неговиот унгарски колега Адер Јанош во Будимпешта.На средбата Иванов и Јанош разговарале за политичката состојба во Република Македонија, како и за можните излези од оваа криза која земјата со години ја држи во заложништво, јави известувачот на МИА.
Иванов, како што рече, му укажал на тоа што досега тој има преземено како претседател на РМ и она што му го овозможува Уставот на РМ.
Во контекст на тоа додаде дека за разлика од уставите на другите држави, нашиот Уставот е недоречен и имаме голема уставна празнина за вакви состојби кога не може во првиот обид да се избере влада.
– Особено се усложнува состојбата што сега имаме влијание од друга држава во внатрешните работи во Македонија со изготвување платформа, која е постизборна и која опфаќа прашања што ние сметаме дека досега се затворени со Охридскиот рамковен договор и со Уставот, истакна македонскиот претседател.
Иако, како што рече Иванов, очекувавме досега да биде осудена и отфрлена таа платформа на туѓа држава која отвора прашања во Македонија досега тоа не е случај и се плашиме дека ова може да биде преседан кој ќе го користат други дражави да вршат притисок, како што се случува во последно време и во некои други земји.
Иванов одговарајќи на новинарско прашање посочи дека ургентно е потребно конститутивната седница на Собранието на РМ да биде завршена, да се избере претседател и да можат активностите кои ги имаме како држава, нормално да се спроведуваат.
Во контекст на тоа порача дека мнозинството треба да се откаже од тиранската платформа за да може да го добие мандатот за да се формира влада која ќе почне да се справи со сите овие предизвици. – Има правни пречки кои би се совладале, доколку заврши конститутивната седница, и има политичка пречка, а тоа е да се отфрли и осуди платформата од Тирана, рече Иванов.
Унгарскиот претседател пак рече дека не е во негова наделжност да одговори на прашањето во врска со решавањето на политичката криза во Македонија, туку тоа е надлежност на македонскиот Уставен суд.
Тој додаде дека од разговорот заклучил оти македонскиот претседател се стреми за изнаоѓање решение во согласност со неговата заклетва како претседател на РМ и со одредбите на македонскиот Устав и дека само едно такво решение би било прифатливо.
Двајцата претседатели на средбата размениле мислења и за состојбите во регионот, односите меѓу двете земји, како и унапредување на соработката во повеќе области меѓу Македонија и Унгарија.
– Досегашната поддршка, пријателството и солидарноста помеѓу Унгарија и Македонија треба да биде пример како една земја членка на ЕУ треба да се однесува со земја која е кандидат за член во Унијата, рече Иванов.
Унгарскиот претседател истакна дека скоро 10 години на Македонија и се нудат позитивни, но лажни забелешки и ветувања во поглед на евроинтеграцијата. – По лажните и празни ветувања сега е дојдено времето за започнување вистински преговори помеѓу ЕУ и РМ, рече тој.
Унгарија, како што посочи, е една од државите кои на Македонија и дадоа безрезервна поддршка и помош за справување со илегалната миграција.
На средбата станало збор и за најавите за втор мигранстки бран и за продолжување на соработката во насока на разрешување со сите предизвици кои можат да се случат во овој период кога се чувствува раздвиженост не само од Блискиот Исток, туку и од Африка кон Европа.
Шефот на македонската држава рече дека очекува ЕУ и НАТО внимателно да ја разгледаат реалноста со која се соочува Македонија и нашиот регион и во овие тешки моменти да испратат силна порака за нашата европска и евроатлантска перспектива, а не да ја блокираат Македонија и оваа статус кво состојба со евроинтеграциите во Македонија да предизвикува огромна фрустрираност кај нашето население.
Попладнево македонскиот претседател ќе има средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со претседателот на Парламентот на Унгарија Ласло Ковер. На средбата Иванов и Јанош разговарале за политичката состојба во Република Македонија, како и за можните излези од оваа криза која земјата со годи