Државниот архив на Република Македонија на 6 мај (среда) 2015 година, во 13 часот, во холот на Музејот на македонската борба за државност и самостојност ќе отвори изложба насловена „Обединети сме посилни“, изработена по повод 70- годишнината од победата над фашизмот. Изложбата се состои од плакати со антинацистичка пропаганда, фотографии од војниците на Антихитлеровата коалиција како и фотографии од мировните конференции односно средбите на големите светски лидери во тоа време.
Пропагандните плакати и фотографиите што ќе бидат прикажани на изложбата се од периодот 1941-1945 година.
Главната цел на изложбата е промовирање на мирот и моќта на обединетите демократски сили во борбата против насилството.
Изложбата ќе биде отворена од д- Филип Петровски, в.д. директор на Државниот архив на Р. Македонија, а на присутните со свои пригодни излагања ќе им се обратат и Н.Е.г. Чарлс Едмунд Гарет, амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Н.Е.г. Олег Николаевич Шчербак, амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија.