Во постапката за состав на влада мандатарот Зоран Заев ја стави во функција својата експозитура – специјалното јавно обвинителство. Побара од СЈО да му достави известување дали се спроведува кривична постапка против предложените кандидати за министри, вклучувајќи се и себе. Експресно, само за еден ден, доби известување какво што очекуваше и какво што му требаше. Му требаше алиби за себе и алиби да се испере од поднесените кривични пријави на СДС против некои од кандидатите за министри што тој ги предложи. СJO направи преседан спротивен на Законот за специјалното обвинителство и спротивен на Kривичниот законик. СЈО не е овластен орган за водење казнена евиденција и за давање известување дали против некое лице се спроведува кривична постапка и дали е поднесен обвинителен акт.
Ако на Зоран Заев му требаше такво известување, зошто не побара од надлежните државни органи да му достават такви податоци и зошто изрази нивно целосно игнорирање и непочитување. Според член 106 од Kривичниот законик, казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Податоци од казнената евиденција врз основа оваа одредба може на образложено барање да им се дадат на државни органи, правни или физички лица ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон. Зоран Заев сосема свесно ги избегна тие органи поради тоа што изводите од казнената евиденција немаше да бидат такви како на СЈО.
Во случајот „Поткуп“ тој e обвинет пред повеќе од една година за сторено кривично дело поткуп, кое неосновано се одложува 11 пати, за кого се спроведуваат и други постапки или постапки за други кандидати и по пријави поднесени од СДС. Сосема е очигледно дека за Зоран Заев постои само СЈО, а не постојат Jавното обвинителство на Македонија и судовите како државни органи.
Недолични закани и притисок за оставка
Очигледно е дека Зоран Заев, судејќи и според неговата прва изјава, борбата за владеење на правото и за правна држава ќе ја води со насилство, со закани и заплашувања. Уште не седнат на столчето на „Илинденска“ бб побара јавниот обвинител Марко Зврлевски сам да ја напушти функцијата и да си поднесе оставка бидејќи се подготвувала одлука за негова смена. Дали со тоа отпочнаа со примена заканите на Зоран Заев за јадење живи луѓе и бркање од работа од министер до чистачка?
Според член 67 од Законот за Јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Македонија се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот поради незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата, ако не поднесува барање за поведување кривична постапка за случаи предвидени со закон и поради нарушување на угледот на функцијата. За избор и разрешување јавен обвинител на Македонија во согласност со член 9 од Законот за советот на јавните обвинители, Советот на јавните обвинители дава мислење на владата по предлогот за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија.
За да може да се разреши јавниот обвинител во согласност со наведените одредби, треба да се спроведе постапка и објективно да се утврдат фактите во процедура што ја пропишуваат законите. Тргнувајќи од практиката, секоја нова влада прво да се зафати со разрешување на јавниот обвинител на Македонија, во 2007 година кога се донесени Законот за јавното обвинителство и Законот за советот на јавните обвинители се водеше широка расправа. Речиси два месеца во Kлубот на пратениците се одржаа неколку лидерски средби со учество на претседателите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ, на кои претседателите на партиите и нивните соработници ги усогласуваа решенијата во овие закони и токму решенијата за надминување на практиката да се разрешува јавниот обвинител на Македонија при избор на нова влада.
Законот за Јавното обвинителство пропишува процедура за избор и за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија. Според член 67, став 4, Владата е должна предлогот за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија да го достави до Советот на јавните обвинители, кој во рок од 15 дена до Владата доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма. Владата e должна со предлогот за разрешување задолжително да го достави до Собранието и мислењето на Советот на јавните обвинители. Јавниот обвинител на Република Македонија има право писмено да се произнесе по предлогот на Владата и да присуствува на седницата на Собранието. Притисокот за оставка на јавниот обвинител има цел да се прекрши ова процедура.
Верификација на законите од Венециската комисија
Министерството за правда нацрт-законот за Јавното обвинителство и нацрт-законот за Сoветот на јавните обвинители ги достави на мислење до Венециската комисија. На 10 март 2007 година овие закони беа разгледани и добија позитивна верификација од Венециската комисија. Законите пред Kомисијата ги образложи потписникот на овие редови. Сега се настојува со притисок и закани да се прекршат одредбите од овие закони и да се присили јавниот обвинител на Република Македонија да поднесе оставка. Така ли ќе се гради и почитува правната држава? Зошто се врши толкав притисок и кои се мотивите за притисоци врз Јавното обвинителство и судовите? Тоа, секако, не се владеење на правото, туку самоволие и волунтаризам мотивиран и од лични побуди.
Ќе го одржи ли ветувањето Зоран Заев јавниот обвинител на Република Македонија да го предложи опозицијата или тоа во низата ќе биде уште една голема измама на човекот што не си држи до зборот.
Владата иницира постапка за разрешување на Зврлевски
Владата на вчерашната седница одлучи да иницира постапка за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски.
Владата донесе одлука предлогот за разрешување на републичкиот јавен обвинител, поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата, во согласност со законските одредби, да го достави до Советот на јавните обвинители на Република Македонија и да побара мислење.Во постапката за состав на влада мандатарот Зоран Заев ја стави во функција својата експозитура – специјалното јавно обвинителство. Побара од