Специјалната обвинителка Kатица Јанева ќе гони за објавувањето снимки од прислушувани приватни разговори само ако некое од засегнатите лица поднесе кривична пријава, пишува Дневник.Ова е одговорот од СЈО за тоа дали ќе покренува постапка против оние што деновиве објавуваат прислушувани телефонски разговори со приватна содржина, откако викендов преку социјалните мрежи беа поставени разговорите меѓу функционерите на ДУИ (на Ермира Мехмети со Муса Џафери и на Али Ахмети со Блерим Беџети), или оние од пред два месеца меѓу уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ Латас, и директорот на телевизијата Горан Иванов. Ваквиот став на СЈО за гонење на сторителите што објавуваат приватни прислушувани разговори не само што е чуден туку дури е нестручен и имајќи предвид дека според Kривичниот законик се работи за кривично дело што се гони по службена должност, што ќе рече обвинителот не постапува само по пријава, туку и по сопствена иницијатива ако дојде до сознанија дека е сторено кривично дело. А какво сознание дека се објавени прислушувани разговори ~ е потребно на Јанева од тоа дека ваквите разговори се поставени на „Јутјуб“ или на „Фејсбук“ и ~ се достапни на целата јавност, па и нејзе?
– Во секој случај, тие разговори ќе бидат предмет на анализа ако се јави лице што ќе покаже интерес и, како што информиравме, веќе има една предистражна постапка – одговори обвинителката Ленче Ристовска на новинарско прашање дали СЈО ќе покренува постапка за ваквите случаи.
Заборавија дека не им треба пријава?!
Според последните измени на Kривичниот законик, направени во ноември, а произлезени од пржинските договори, објавувањето вакви материјали, наместо по приватна тужба, се гони по службена должност од јавен обвинител.
– Со казна затвор од една до пет години ќе се казни тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава што е прислушувана или тонски снимана, стои во ставот 2 од членот 151 од Kривичниот законик.
Тоа значи дека надлежниот обвинител (во случајот Јанева, бидејќи, според законот за специјалното обвинителство, е надлежна за незаконски прислушуваните разговори направени во периодот од 2008 до 2015 година) не мора да чека, како што рече нејзината помошничка Ристовска, лице со интерес да го пријави делото, туку може и по допрен глас (како оној од медиумите или од социјалните мрежи каде што се објавуваат снимките) да преземе дејства и да го открие сторителот на ова кривично дело, при што, истовремено треба да спречи и натамошно вршење на кривичното дело, кое и сега трае.
„Доставено, недоставено“!
Впрочем, тимот на Јанева еден месец чекаше да преземе истражно дејство за разговорите на Латас и Иванов и тоа повторно го направи по пријава.
Но, ова не е единствениот пропуст што свесно или не го прават во СЈО во врска со снимките од прислушувани разговори. Вчера изјавија дека нивна работа се само снимките што лидерот на СДСМ Зоран Заев им ги предал, а тие ги преброиле иако е познато дека токму Заев тврди оти дал дупло повеќе снимки отколку што тврди СЈО, а, пак, со „фабриката за афери“ се потврди дека вакви снимки поседуваат и други лица
– Ние точно објаснивме дека е формирана комисија, која правеше попис на предадените материјали и точно се евидентирани над 540 илјади разговори и тоа се податоци што ние ги имаме. Дали постои друг обем, дали некој нешто доставил, не доставил, мислам дека на погрешна адреса се обраќате со оглед дека објаснивме и во извештајот и оти извештајот од Kомисијата е на 619 страници и дека е лоциран и обележан секој фајл. Пописот заврши и тоа е конечната бројка што ние ја имаме – рече Ристеска.
Но според Законот за специјалното обвинителство, адресата за снимки независно дали се предадени или не, е токму обвинителството на Јанева. Таму стои дека „неовластено следење комуникации“ се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот помеѓу 2008 и 2015 година, вклучително, но не и ограничено на аудиоснимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15 јули 2015. Надлежен за истражување и гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите е токму специјалната обвинителка. Ова значи дека токму Kатица Јанева уште до крајот на ноември требаше да им ги одземе ваквите материјали на сите за кои постоеја некакви сознанија или сомневања дека ги поседуваат.
Специјалното јавно обвинителство, според оваа одредба, треба да е гарант за материјалите, односно соодветно да ги чува и да ги уништи. (Р.Д)
Дали имало други снимки, не било работа на СЈО
Ние точно објаснивме дека е формирана Kомисија која правеше попис на предадените материјали и точно се евидентирани над 540 илјади разговори и тоа се податоци што ние ги имаме. Дали постои друг обем, дали некој нешто доставил, не доставил, мислам дека на погрешна адреса се обраќате со оглед дека објаснивме и во извештајот и оти извештајот од Kомисијата е на 619 страници и дека е лоциран и обележан секој фајл. Пописот заврши и тоа е конечната бројка што ние ја имаме – рече вчера Ристоска на прашањето колку снимки предал Заев и што со тие што не се предадени.
Зврлевски да си ја преземе работа
Непостапување на СЈО по повод овие случаи го отвора и прашањето дали нарушувањето на основните човекови права на засегнатите се прави свесно, односно што би рекла Фатиме Фетаи, поради различна политичка определеност. Во секој случај, факт е дека Јанева и нејзиното СЈО дозволуваат непречено вршење криминал со незаконски стекнатите снимки и тоа отвора простор за прашање за мотивите зошто се дозволува тоа или дали можеби снимките истекуваат од сефот на СЈО. Ова секако е работа на јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски (освен ако не се смета дека обвинителите на СЈО се амнестирани), кој би требало да утврди дали станува збор за неписменост, нестручност и неспособност на СЈО или за свесно дозволување на овој вид криминал, што подлежи и на кривична санкција.
Извор: ДневникОва е одговорот од СЈО за тоа дали ќе покренува постапка против оние што деновиве објавуваат прислушувани телефонски разговори со приватна содржина