Високи претставници од Агенциите на Обединетите нации во земјата денеска беа во теренска посета во општина Куманово и пунктот за помош на бегалци Табановце, заедно со амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Макото Такетоши, кој се наоѓа во тридневна посета на земјата.Иако запре транзитот на бегалци и мигранти од големи размери низ земјата, поради затворањето на границите долж Западниот Балкан повеќе од 1.100 Авганистанци, Ирачани и Сиријци останаа во земјата. Амбасадорот се сретна и разговараше со некои од нив во транзитниот центар, а беше информиран и за позитивното влијание на помошта обезбедена од страна на Владата на Јапонија.
Од почетокот на бегалската криза, Владата на Јапонија има обезбедено повеќе од 3,6 милиони американски долари за агенциите на ООН во земјата за хуманитарните потреби на бегалците и мигрантите, како и за олеснување на товарот на згрижувачките општини што се најмногу погодени од кризата. Посетата на амбасадорот има за цел да ги оцени резултатите постигнати во 2015 година и идните активности во 2016 година.
„Јапонија добро ги разбира хуманитарните и развојните предизвици што ги носи тековната бегалска и мигрантска криза“, рече амбасадорот Такетоши. „Долгорочен приоритет за нас е да им помогнеме на луѓето кои имаат потреба од помош и да му помогнеме на овој регион да одговори на предизвиците. Затоа ни претставува задоволство што можеме да обезбедиме поддршка на системот на ООН во итните хуманитарни потреби и долгорочна поддршка за згрижувачките општини.“
Јапонија неодамна обезбеди 420.000 американски долари за Агенцијата за бегалци на ООН (УНХЦР) како поддршка во одговорот на агенцијата во вонредната состојба со бегалската криза. Претставникот на УНХЦР, Мохамад Ариф се заблагодари на народот и на Владата на Јапонија за нивната поддршка. Овие средства, рече тој, се искористени за подготовка на центрите Табановце и Винојуг за зимски услови, за решавање на итни санитетски потреби на бегалците, набавка на дрвени клупи и поддршка за процесот на регистрација.
„Жените и децата претставуваат 61% од вкупниот број бегалци и мигранти што пристигнаа во земјата во 2016 година“, објасни тој. „Имајќи предвид дека луѓето се сместени во Табановце и Винојуг повеќе од еден месец, УНХЦР ги приспособи своите активности за заштита и помош согласно промените на терен. Многу од овие луѓе имаат специфични потреби. Покрај обезбедувањето на индивидуализирана поддршка, се јавува потреба од изнаоѓање на сеопфатно решение за нивната ситуација и елиминирање на сите ризици поврзани со заштитата, вклучително и оние по нивното здравје и безбедност.“
Владата на Јапонија донираше 260,361 американски долари на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на почетокот на октомври 2015 година како поддршка за напорите на земјата во справување со итните потреби во рамките на кризата. Овие средства се искористени за зајакнување на капацитетите на граничната полиција во хуманитарниот аспект на граничното управување и набавка на две возила за Министерството за труд и социјална политика заради олеснување на транспортот на ранливите категории бегалци и мигранти, особено жените и децата. Овие средства исто така беа искористени за обезбедување краткорочно сместување за бегалци и мигранти преку опремување на прифатните центри со контејнери за преноќување, кревети и ќебиња, кои можат да понудат истовремено сместување за 114 лица.
„Ова е време на незапаметена криза и човечка мобилност. Од 19 јуни 2015 година до 22 март 2016 година регистрирани се вкупно 477.856 бегалци и мигранти во Гевгелија и Куманово. ИОМ, заедно со своите партнери, мораа да го зголемат обемот на своите активности во оваа сложена и долготрајна криза. Обезбедувањето на критична поддршка за голем број на население го стави системот за хуманитарен одговор под исклучителен стрес“, рече Соња Божиновска-Петрушевска, раководител на канцеларијата на ИОМ.
Владата на Јапонија исто така донираше 750.000 американски долари на Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) кон крајот на февруари 2016 година како поддршка на итниот одговор на агенцијата во бегалската и мигрантска криза, пред сè за жените и децата. Овие средства ќе му помогнат на УНИЦЕФ да ги зголеми и прилагоди активностите на полето на детската заштита, обезбедување на вода и санитетски услови, исхрана за бебиња и мали деца и обезбедување и на други потребни средства освен храна. Зајакнувањето на системот за социјална заштита на земјата за да одговори на итните потреби на децата бегалци и мигранти е важна компонента на овие активности.
„Децата страдаа најмногу во кризата што тие не ја создадоа“, рече претставникот на УНИЦЕФ Бертран Демулен. „Тие страдаат од последиците на војната и прогонот, поминале ризичен пат по екстремни температури, а сега со новите гранични политики се соочени со несигурна иднина. Тие претставуваат преку 40% од луѓето во движење и мора многу повеќе да се направи за нивна поддршка и заштита.“
Како поддршка за згрижувачките општини што беа директно погодени од транзитот на скоро еден милион бегалци и мигранти во последните 12 месеци, Владата на Јапонија исто така обезбеди 2,225 милиони американски долари за Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Овие средства ќе бидат искористени за приоритетните потреби поврзани со управување со отпадот и водоснабдувањето во општините Гевгелија и Куманово, каде транзитот на толку голем број луѓе наметнува огромен притисок врз јавните комунални услуги.
„Двете главни згрижувачки општини покажаа голема великодушност и флексибилност во приемот на голем прилив на луѓе и во обезбедувањето на јавни комунални услуги во двата прифатни центри“, изјави Луиза Винтон, постојан координатор на ООН и постојан претставник на УНДП. „Благодарение на Владата на Јапонија, сега ќе бидеме во можност да решиме некои долгорочни развојни предизвици што бегалската криза ги изнесе на виделина. Овие инвестиции ќе ги подобрат условите за живот на повеќе од 200.000 локални жители.“Иако запре транзитот на бегалци и мигранти од големи размери низ земјата, поради затворањето на границите долж Западниот Балкан повеќе од 1.100 Авг