Како е да се биде папучар?

Дали сте се запрашале како е да се биде папучар и кој тип на маж припаѓа на оваа група мажи?
Општо познато е дека има четири типа на мажи: Балкански алфа мажјаци кои секогаш посочуваат и нагласуваат кој е мажот во куќата, со цел да ја докажат својата „машкост“, па никогаш ништо не прифаќаат по дома.
Друга група се мажите кои уживаат во улогата на вистински маж по дома, а пред жените се бубачки. Тие го имаат оној синдром на Тошо Малерот кој се истакнува преку фразата:
„Еве батка, рецимо, ја коа зимам да пеглам, не смее да ми писне…. Абе ја неа сум ѝ рекол сто пути, ти се мешам ја тебе коа гледаш спортски преглед? Не! Она мене…“
Потоа, доаѓаат на ред оние кои од своето его направиле тепих. Кои буквално се однесуваат како без`рбетници, кои се одделуваат од друштвото штом фатат девојка, мора да бидат секогаш и сегде каде таа ќе им каже и не одлучуваат за ништо. Јавно ѝ признаваат дека имаат намера да се убијат ако ги остави.
 
И секако, тука се и добро воспитаните момци и мажи, кои ги почитуваат девојките и жените, и замислете, тие некогаш помагаат низ дома, а познати се под едно име ПАПУЧАРИ!
 
Дали кај мажите кои се во долга врска или брак значително опаѓа нивото на тестостерон? Дали си помалку маж ако покажеш почит кон жена?
 
Во денешно време, кога еманципираната жена треба да работи, чува деца и чисти по дома, нема место за пердашење и покажување на машкост. Туку има помагање, почит и разбирање. А сите дами кои се патријархално воспитувани и бараат маж кој знае да викне, и кој ќе ѝ го покаже патот кон кујната, нека им е на помош оној Господ во кој веруваат.
 
Нема покажување на машкост или истакнување на оној кој е глава на куќата. Ни мажите не смее да се однесуваат како лигуши. Нема зошто да трчаат по жената како кутре и да го изгубат сопственото јас по пат. Ти не влегуваш во врска или брак за да си лечиш комплекси.
Туку за да споделиш љубов, почит, разбирање. Нема главен и потчинет, барем ако сакаш да оформиш здрав однос во иднина. Има огромна разлика меѓу маж – лигле, и маж на кој му е додаден епитетот „папучар“.
 
Папучар не постои во речник. Можеби е измислен од оние „мажишта“ кои му завидуваат на другарот кој покрај себе има убава и паметна девојка.Дали сте се запрашале како е да се биде папучар и кој тип на маж припаѓа на оваа група мажи?

Пронајдете не на следниве мрежи: