Каменот и водата на Света Петка од Текија носат сакани деца и…

Еве тоа вака се прави. Се палат свеќи, па потоа мажот и жената заедно го обиколуваат каменот трипати, се крстат и се поклонуваат. Го прегрнуваат каменот и го бакнуваат. Потоа јас земам малку земја од секоја страна на каменот и и ја давам на жената што треба да ја носи една година околу половината. По ова, заминуваат и колку што јас се уверив и колку што ми доаѓаа по една година, многу од жените останале бремени и добиле деца…, ја објаснува баба Станојка причината за „Дневник“, зошто многу луѓе доаѓаат во Текија, додека го изведува адетот по кој селото, во непосредна близина на скопската рафинерија, веќе се векови е познато и во пошироката околија, пренесува Дневник.Десетици луѓе што во текот на секоја недела доаѓаат во селото, само се најдобар доказ дека чудотворноста на каменот е надалеку разгласена. А во селото никој нема да ви каже како и кога се започнало бидејќи тоа е населба во која сигурно се менувале жителите зависно од тоа кој владеел на тие простори.
Сега селото има околу 150 куќи и околу триста жители, главно Македонци. Речиси сите се доселени тука во шеесеттите години од минатиот век кога од селото се отселиле претходните жители од турска националност. Турците биле сите жители од Текија кои во тој период, по примерот на многумина свои сонародници од Македонија, решиле да се иселат од селото и да заминат во Турција. И така тука оставиле се што имале – куќи, имоти, ниви, шуми… по што во селото се населиле етнички Македонци. А во оставината што ја оставиле во селото бил и каменот, висок околу 1,7 метар исправен во центарот на селото, во непосредна близина на тогашната џамија. Местото било означено како свето, вакафско, како свет бил третиран и исправениот камен, а пред кој турското население во текот на пет века, колку што траело турското владеење, изведувало слични ритуали и за иста цел како што и ден-денешен го прават оние што тука доаѓаат за да им се помогне.
СВЕТОСТА ПРИФАТЕНА ОД РАЗНИ ВЕРИ
Но, и тогаш кога домаќините во селото биле Турци, по вера муслимани, останала енигмата дали каменот бил донесен во селото во тој период или, пак, и тие го затекле поставен во центарот на населбата од претходните жители.
– Има претпоставки дека е уште од времето на Римјаните, од времето на Византијците… Никој не може точно да каже. Само знаеме дека е тука откако во селото има луѓе. А кој прв го донел и го поставил, никој не знае. Јас, колку што можам да проценам по неговата боја и состав, мислам дека не е од овдешното подрачје. Ми изгледа како да е донесен од кратовско подрачје, од селото Хамлеш, каде што имало рудник, но и тоа не е сигурно – вели 82- годишниот Ѓорѓи Ристовски, жител на селото, чие семејство, како и другите, било доселено тука во шеесеттите години од минатиот век.
Се знае само дека една од турските жени, булата, која била задолжена да се грижи за каменот и да ги изведува ритуалите, пред да замине за Турција, само им ја предала обврската на жените-Македонки со објаснувања како се прави ритуалот. И потоа адетот од муслиманите го презело христијанското население, при што, се разбира, бил надополнет со христијански елементи. Сепак, тоа не значело дека пред каменот и натаму не доаѓале муслимани од Македонија и од други земји. Напротив, магиската привлечност на каменот и убедувањето дека тој помага да се добие саканото потомство и натаму останала.
– Доаѓаат луѓе од сите страни, наши Македонци, но и од Србија, Бугарија, доаѓаат Македонци, Албанци. Има многумина и од Турција кои се токму потомци, роднини и пријатели на Турците што живееле тука. Тие им ја раскажале приказната за каменот и сега оние што имаат потреба тргнуваат наваму. Јас ним малку им помагам оти они обредот го прават на свој начин – вели баба Станојка.
Вели дека муслиманите од Турција обредот го започнуваат со палење големи бели свеќи пред каменот, со поклонување и изговарање молитва. Фактот дека овие муслимани палат свеќа зборува дека, најверојатно, се работи за бектешите, кои се дел од исламската религија со специфични обреди кои вклучуваат и палење свеќи како кај христијаните. Всушност, и самото име на селото – Текија – асоцира дека е изведено од зборот теќе – ознака за верски објекти кои се својствени само на бектешите.
– За обредот е многу важно да се земе грутка земја од сите страни и жената да ја носи цело време на себе, околу половината, цела година. Може да ја тргне само кога се бања. Потоа пак треба да ја стави. И по една година пак треба да дојде тука и да ја истури на истото место од кое е земена. Сеедно дали останала бремена или не – ни вели баба Станојка додавајќи дека речиси сите оние што зеле земја по една година, се враќаат.
Доаѓаат потоа и носат подароци, вели баба Станојка. Некој носи кошули, некој крпи, чорапи… на оградата околу каменот беше оставен чифт волнени чорапи, а на каменот и околу него имаше и пари што ги оставија посетителите. Таков бил адетот уште од дамнина откако првата баба Ѓура ја презела грижата и која подоцна ја наследила баба Росанда, па баба Милонка за сега таа да е домаќинка. Правилото било надлежноста да и се остави на најстарата и најсериозна жена во селото.
Дедо Ѓорѓи, кој шест години бил претседател на месната заедница во селото, вели дека кога се доселиле тука, каменот веќе бил обраснат со трње, а џамијата во негова близина почнала и да пропаѓа. Се верува дека таа била изградена на местото каде што некогаш имало црква.
Христијаните во селото веруваат и во тоа дека тоа е и гробот на свети Ѓорѓија, но не се сигурни во тоа. Има верување и дека под каменот е неговата глава, а телото дека е на блискиот рид, на местото на црквата кај некогашните турски гробишта. Се верува и во тоа дека каменот го донел некој дервиш дури од Австрија и починал сретсело веднаш кога стасал со него. Селаните потоа го исправиле каменот.
-Никој не знае што е под него, не сме посакале да копаме за да дознаеме. Тогаш кога се населивме, го исчистивме просторот и го уредивме. И сега го уредуваме, подигнавме посебен простор за седење до него за да можат да се одморат оние што доаѓаат тука – вели дедо Ѓорѓи.
СВЕТИТЕЛКАТА ПОКАЖА КАДЕ Е НЕЈЗИНИОТ ИЗВОР
Но, магијата на каменот не е единствената причина поради која стотици луѓе доаѓаат во ова село кое е во подножјето на рафинеријата. Многумина што бараат помош за други проблеми што ги имаат се упатуваат кон една од куќите во блиското соседство на каменот. Таму е домот на Ратка и Иван Арсов, во чија непосредна близина е веќе чуениот во овој крај лековит бунар на света Петка.
-Една ноќ, беше тоа во 2007 година, на сон ми се појави света Петка и ми рече да тргнам по неа. Ме донесе десетина метри од куќата на земјата која е заедничка за целото село. Во земјата стави четири бели дрвени стапчиња и ми рече: „Додека тука не ископаш вода, ќе бидеш болен“. А јас цело време бев болен од разни болести. Си одев по болници – ни раскажа Иван Арсов.
Решил да ја послуша света Петка и почнал да копа. Набрзо се појавила вода, голем извор околу кој поставил бетонски обрачи и направил бунар. Подигнал и куќичка, со која го оградил бунарот, а внатре внел и икони, крст и други христијански обележја. Сето изгледа како помал параклис посветен на светителката, која самата си покажала каде треба да се отвори нејзиниот извор со водата. Бунарот бил и осветен од свештеникот на кумановската епархија истата година.
– Оттогаш досега јас не сум бил болен. Света Петка уште еднаш ми се јави во сон кога ми рече влезната врата да биде поставена во правецот исток-запад а не југ-запад како што беше првично поставена. Ми поминаа тогашните болести и се чувствувам здраво. А кога во селото и во околината се расчу за тоа дека ова е водата на света Петка, луѓето сами почнаа да доаѓаат да земаат од водата, да се замиваат, со желба таа и светителката да им помогнат за да ги решат проблемите што ги имаат – ни вели Иван Арсов.
Луѓето што бараат помош за разни проблеми доаѓаат секојдневно. Во пресрет најмногу им излегува сопругата на Иван, Ратка.
-Kога некој ќе дојде, оди кај бунарот, таму треба да запали свеќа, да се помоли, да си ја каже желбата и да се замие. Потоа јас го сослушувам за проблемот што го има и му кажувам кога и како да пие од водата од бунарот – објаснува Ратка.

Забележуваме дека луѓето го почитуваат не само бунарот туку и каменот што е во негова непосредна близина. На него оставаат парички, а Ратка ни објаснува дека на него можат да се препознаат ликовите на Исус Христос и на Богородица.
– Kога градевме, се обидовме да го поместиме каменот. Но, тој беше преголем, не можевме да го направиме тоа и остана тука. А луѓето спонтано почнаа и него да го третираат како свет – вели таа.
Не канат да дојдеме тука на 8 август кога е празникот на летната света Петка. Тогаш доаѓаат многу луѓе на кои тие им подготвуваат ручек во близината на бунарот. А доаѓаат како Македонци така и Албанци, христијани и муслимани.
-Едно дете од Арачиново, кое веќе има четири години и не можеше да зборува, сега почна полека да ги кажува првите зборови. Еднаш едно младо момче кое се зами на бунарот ги загубил некаде очилата што ги носел. Не ги најдовме, а тој кога отиде на лекар да побара рецепт за нови очила, докторот му рече дека немало потреба да доаѓа оти видот му бил одличен – ни раскажа Ратка за некои од случаите. Повеќето од тие луѓе сигурно ќе дојдат и за претстојниот празник посветен на големата светителка која го избрала селото што со сплет на историски околности го споделија христијаните и муслиманите, да се појави и да укаже на местото на кое ќе можат да побараат помош за проблемите што ги имаат.Десетици луѓе што во текот на секоја недела доаѓаат во селото, само се најдобар доказ дека чудотворноста на каменот е надалеку разгласена. А во сел

Пронајдете не на следниве мрежи: